Денешна дата
16/09/2019

Ловците на диви свињи во „лов“ на грозје

Од Ловечката федерација велат дека претежно ловците на диви свињи се од руралните средини и сега се зафатени со земјоделските поседи, гроздобери, земјоделски работи и не би можеле да се посветат на отстрелот на диви свињи

Животните не се предмети да се уништуваат, ѝ порачуваат невладините на Владата

 

пишува: Ангела Рајчевска

 

Додека Бугарија и Србија забрзано спроведуваат мерки против африканската свинската чума,  кај нас тешко оди отстрелот на диви свињи како мерка за справување со оваа вирусна болест која се прошири во регионот. Невладините негодуваат против владината мерка за отстрел на дивите свињи, додека од Ловечката федерација сметаат дека донесувањето на вакви избрзани мерки не е во ред и не може да се спроведе баш така бидејќи периодов е критичен и од пожари и не дозволува да се направи таков брз отстрел.

„Најреално, до сега не се реализирани повеќе од 10 проценти. Бидејќи се вклучија ловците, започнаа, кој колку може, да се отстрела. Има некои отстрели веќе започнато. Некои ловни друштва сè уште го немаат започнато тоа бидејќи сè уште немаат добиено фрижидери каде би го складирале месото, и тоа е мал хендикеп, бидејќи, еве, и да се направи отстрел, ниту смее месото да се подели на некој и нема каде да се чува“ – изјави Звонко Петковски, поранешен претседател на Ловечката федерација, сегашен концесионер на „Потполошка – Петровец“.

Од федерацијата сметаат дека сè уште ги немаат сите услови за да можат сериозно да се зафатат со мерките. Па така, тие го нагласуваат фактот дека претежно ловците се повеќе од руралните средини и сега се зафатени секој со по некои земјоделски поседи, гроздобери, земјоделски работи и не би можеле да се посветат на отстрелот. А и температурите не им дозволуваат таков улов. Побарале ноќен лов, но не им дозволиле.
„Смешно е за некој што чува дома свиња, да си ја заколе и да си го земе месото и да му дадеш 3000 денари, а некој што треба да оди во планината и да троши гориво, како би го мотивирал кога знае дека 10 литри гориво е 1000 денари за да појде на лов
“ – дополнува Петковски.

Од федерацијата заклучуваат дека ако се земе предвид дека има преку 30.000 ловци со искуство, што е еднако на две наши армии,  многу подобро ќе го спроведат отстрелот отколку да се вклучи армијата што би одело негативно спрема ловците и концесионерите.

Фармерот Ефтим Шаклев, исто така, вели дека мерките што ги предложи Владата се добри, меѓутоа спроведувањето е слабо бидејќи се прават некои опструкции што го прават ловот неефективен.


„Имаме информации дека овој викенд се отстрелани само 50 диви свињи, што е малку во однос на бројката што ја предложи Владата од 4000 свињи за 10 дена да отстрелаат. Што значи дека нешто не функционира како што треба“ – изјавува Шаклев.
Тој верува дека намалувањето на бројот на свињите по извршениот отстрел може брзо да се обнови.

„Многу брзо тоа ќе се поправи, кога ќе престане да има можност за зараза, кога ќе се стиши. Ако побараат од нас, ние ќе купиме подмладок и ќе помогнеме во обновување на свињите. Затоа што си има колку на еден квадратен километар треба да има свиња, сега има три пати повеќе од тоа што треба да има“ – појаснува Шаклев.

Владата со радикални мерки, здруженијата со обвинувања за геноцид

 

 

Владата донесе мерки кои се однесуваат за превентивно делување и спречување на пренесувањето на болеста африканска чума во земјава. На прес-конференцијата предводена од вицепремиерот, Кочо Анѓушев, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, беа претставени мерките, кои, според самиот Анѓушев, се порадикални, но тие сметаат дека така треба да делуваат, за да ја спречат болеста да се појави и кај нас.

„Користејќи ги добрите пракси во светот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на сите ловни друштва кои имаат концесии за ловишта им издаде налог во наредните 10 дена да извршат отстрел на 50% од планираниот лов на дивите свињи кои гравитираат во ловиштата на годишно ниво. За секое заловено грло, освен месото, доколку е животното здраво, ќе се исплати и награда од 1000 денари по грло на ловџијата. Доколку ловните друштва не успеат да го исполнат предвидениот процент, ќе се применат порадикални мерки“ – изјави Анѓушев на прес-конференцијата.

Здружението за заштита на животните, „Анима Мунди“, од друга страна, заедно со 17 други здруженија ѝ порачаа на Владата итно да се отповика и спречи најавениот масакр. Тие, во нивната јавна објава на Фејсбук појаснија дека животните не се предмети за се уништуваат, туку свесни, интелигентни суштества. Донесените мерки ги посочија за радикални: „Ажурни како никогаш за деструкција, геноцид на еден цел животински вид, уништување, ќе не штитат од болест која не е опасна по луѓето, но претставувала опасност во нивните економски калкулации“, стои во објавата.

Вања Кондратенко, од Сектор за здравствена заштита и благосостојба на животните при Агенцијата за храна и ветеринарство, смета дека не постојат алтернативни мерки од оние кои ги предложи Владата затоа што за оваа болест не постои ниту лек, ниту вакцина, и само со сигурносни мерки може да се спречи влезот на болеста, и ако влезе, да се намалат штетите. „Да постоеја други мерки, ќе ги применевме, за жал, само овие мерки можат да се применат при ваква болест“ – појаснува Кондратенко.

Бугарија прогласува вонредна состојба, Србија превенира

 

 

Неодамна, африканската свинска чума беше потврдена  кај нашите соседи Србија и Бугарија. Властите во Бугарија прогласија вонредна состојба во неколку делови од државата каде што е потврдена чумата. Поради заразата, тие решија да ги убијат свињите во областа од 20 километри околу свинските фарми, со цел да не се рашири инфекцијата. Дел од превентивните мерки на Бугарија се и оградата од бодликава жица и бонусот за стрелање од 50 до 150 лева.

По откривањето на вирусот во околината на Младеновац, Србија започна со еутаназија на свињите на местата каде што е потврдено присуството на вирусот, преземајќи ги на свој грб сите пропратни трошоци. Тие го забранија и чувањето на свињи на отворено, со цел да се спречи пренесувањето на заразата и упатија јасни упатства за одгледувачите на свињи, ловџиите и граничните премини. Воедно, беше нагласено секој сомнителен случај да се пријави кај ветеринар или на ветеринарен инспектор.

Африканската свинска чума не е опасна за човекот

Африканската свинска чума, карактеристична за африканскиот континент, сега е присутна и во нашето непосредно опкружување. Оваа болест е застапена во Бугарија, Србија и во други земји од регионот, нејзиното пренесување и кај нас, иако непосакувано, е сепак можно и неизвесно.

„Освен во соседна Бугарија и Србија, болеста е присутна и во Романија, Унгарија, Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска и во други земји. Во моментов во Република Северна Македонија нема појава на болеста африканска чума кај свињите, ниту во фармите, ниту кај популацијата диви свињи“, изјавуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство на РСМ.

Од АХВ појаснуваат дека африканската свинска чума е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи, која брзо се шири преку контакт со заболени свињи, производи од животинско потекло кои не се доволно термички третирани, контаминирани предмети и опрема. Болеста предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството. Истата не се лекува и за неа не постои вакцина.

Од Институтот за јавно здравје, во врска со актуелната појава на болеста африканска чума кај свињите во некои Европски земји, до јавноста проследија соопштение во кое се вели дека ова е вирусно заболување кај свињите, кое не носи ризик по јавното здравје, односно луѓето не заболуваат бидејќи не се приемчиви за вирусот кој ја предизвикува болеста.

 


Препораки за заштита од пренесувањето на африканската свинска чума

 

да не се носи храна од животинско потекло,

одгледувачите на свињи во селските домаќинства да ја почитуваат забраната за чување на свињите на отворено, односно свињите да не ги пуштаат на паша, бидејќи постои ризик тие да дојдат во контакт со диви свињи кои може да ја пренесат оваа болест

да не ги хранат животните со помии, доколку тоа не го сториле досега, да ги воведат биосигурносните мерки на фармите, да постават дезинфекциони бариери, да користат заштитна облека при работа, редовно да ја чистат и дезинфицираат  армата/ одгледувалиштето, да ја чистат и дезинфицираат облеката, возилата и опремата за работа

да ја следат здравствената состојба на животните, да постават ограда околу фармата за да спречат влез на диви и други животни на фармата

мора да се води сметка и за спречување на влез и размножување на глодари и инсекти на фармата преку спроведување на ефикасна програма за дезинфекција, дезинсекција и дератизација

соодветно треба да се чисти и отстранува изметот од животните како можен преносител на заболувања

сомнеж или зголемена смртност на фармата задолжително треба да се пријави до ветеринарното друштво или до официјалниот ветеринар.