Денешна дата
16/09/2019

Отворените листи ја отвораат вратата за демократизација на изборите

Каков изборен модел ни е потребен? Актуелниот се покажа дека ги елиминира помалите политички партии и создава црно-бела слика во Собранието. Малите шанси за освојување на пратеничка фотелја ги принуди да се припојуваат кон големите партии и со тоа да го изгубат својот идентитет и самостојност. Владејачката СДСМ најави една изборна единица и отворени листи, опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага 120 изборни единици

пишува: Светлана Унковска

 

Идната година ќе треба да се одржат редовните парламентарните избори, а договор за промена на изборниот модел меѓу политичките партии се уште нема. Во јавноста остануваат само дилемите каков изборен модел и е потребен на земјава кој ќе обезбеди квалитетни кадри што ќе ги претставуваат интересите на граѓаните и ќе работат за доброто на државата? На почетокот на мандатот, премиерот Зоран Заев најави дека изборни реформи ќе има и дека е добро да има една изборна единица со отворени листи. Тоа е запишано и во изборната програма „План за живот во Македонија“ а неодамна и самиот Заев најави дека ќе има промена на моделот. „Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, што ќе значи демократизација во изборните процеси. На тој начин секој глас ќе вреди подеднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници“, рече Заев.

 

Најголеми поборници за промени се помалите партии, Пендаровски ги поддржа

 

Најмногу на ова инсистираат помалите политички партии кои со актуелниот модел ја губат својата самостојност и на изборите се во коалиција со големите партии. Претседателот Стево Пендаровски даде поддршка на барањето на помалите партии да се промени бројот на изборните единици за да можат и тие да освојуваат пратенички места.

Апелирам големите партии да почнат разговори и со консензус да постигнат договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде граѓаните ќе бираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати, а исто така, да не се воведува изборен праг или пак тој да биде многу низок“, порача Пендаровски.

ДУИ, како и останатите партии на Албанците се за отворени листи, но за намалување на бројот на изборните единици од 6 на 3.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак, вели дека има повеќе опции, но, според него, подобро е мнозински систем со 120 изборни единици.

Постојат повеќе опции, можно е да имаме една изборна единица, можно е да имаме три, можно е да имаме шест. Има повеќе модели за кои можеме да размислиме, но мој личен став е дека 120 изборни единици е интересен модел“, рече Мицкоски.

 

 

Арсовски: Една изборна единица и отворени листи не одат заедно

 

Според аналитичарот Петар Арсовски, предлогот за една изборна единица заедно со отворени листи е невозможен, бидејќи, како што истакна, во тој случај, секоја партија ќе поднесе листа со 120 кандидати и на тој начин гласачот ќе се соочи со огромен број кандидати. Според него, многу е важно да има една изборна единица, но за да има отворени листи ќе треба да се направи некаков хибриден модел со преференцијално гласање.

Со една изборна единица е многу важно што губитокот на помалите партии драстично ќе се намали. Ако досега тие губеле по околу 6-7 илјади гласови  по пратеник и тоа во секоја изборна единица, значи се губеле и до 36 илјади гласови. Но, кога ќе се спојат сите изборни единици во една, тие гласови ќе значат 4 пратеници. Со тоа поголеми се шансите за малите партии да влезат во Собранието и така составот ќе биде порепрезентативен, односно реално ќе биде отсликана волјата на гласачите. Мислам дека е неопходно да има една изборна единица, а отворените листи ќе ги заживее партиите и ќе ги симне до граѓаните побрзо. За да се направи тоа заедно може преку една хибридна форма во кое нема да бидат сите 120 пратеници, туку со давање на пет преференцијални гласови граѓаните ќе одлучуваат кои петмина ќе одат напред“, вели Арсовски.

 

Ристовски: Една изборна единица со клизни листи е лош модел

 

Со поинакво гледање е аналитичарот Александар Ристовски, кој во своја неодамнешна колкумна вели дека не се согласува со предлог за една изборна единица со дополнета можност за „клизни“ листи, каде ќе може слободно да се одбере кандидатот, а доколку има поддршка да се искачи погоре.

Не се согласувам затоа што со тоа во целост ќе се уништат селата и помалите градови, уште толку ќе се втемелат квази елитите, а и партиите дури тогаш ќе станат апсолутистички. Мојот предлог е креирање посебна листа за помалите етнички заедници, освен Албанците, со 10 пратеници. Потоа исфрлање на можноста за предизборно коалицирање, бидејќи време е секој политички субјект да излезе самостојно на избори, а по нив или да се спои, претопи или да згасне“, истакнува Ристовски.

 

Арсовски и Ристовски со поделени мислења за предлогот на Мицкоски

 

Но, како се гледа на предлогот на опозицискиот лидер Мицкоски, кој вели дека за него е подобро да има мнозински модел со 120 изборни единици? Арсовски вели дека тој е уште полош од сегашниот со 6 изборни единици.

Во овој модел се поставува проблемот на репрезентативноста. Ако на 6 изборни единици се губат гласовите кои не ги достигнуваат потребните 6 илјади за освојување пратеничко место, сега тоа ќе се случува во сите 120 изборни единици. Математички, моделот не е репрезентативен и повторно ќе ги отфрли малите партии, затоа сите големи системи го отфрлаат мнозинскиот модел. Со една изборна единица гласовите се кумулираат и помалку се губат гласови, а со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе се случува 120 пати“, укажува Арсовски.

Ристовски пак вели дека се можни два изборни модели и тоа враќање на мнозинскиот или пропорционален со 12 изборни единици.

Мнозински модел со 120 или 110 изборни единици ќе придонесе кандидатите де факто да произлегуваат од средините во кои егзистираат, а партиите здраво ќе загризат да ги анимираат најдобрите кандидати. Можно е и пропорционален модел како актуелниот, но со 12 изборни единици со по 10 пратеници. Затоа што актуелниот поради Донтовиот модел кој ги форсира големите за мал број гласови правеше да не можат да добијат ниту еден пратеник иако освојува како политички субјект по 30-40 илјади гласови. Поделбата со 12 изборни единици со по 10 пратеници со клизно гласање, односно гласање за листата но и кандидатот, а не по редослед како што се поставени, ќе овозможи подобар избор на пратеници“, уверува Ристовски.

 

Во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со ваков начин мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден квантум гласови, сепак остануваат без пратеничко место. Таков беше и примерот на ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски кои на изборите во 2011 година добија 28.000 гласови, но останаа без ниеден пратеник. Овој модел со затворени листи има и друга лоша страна што гласачите гласаат за партија, а добиваат оние кои се на врвот на листата. Па, оттука и главната борба не е како да се одговори на барањата на граѓаните, туку на лидерот на партијата кој го прави рангирањето на листата.