Денешна дата
12/11/2019

III. ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ – ОПАСНИОТ ВИРУС НА ИНТЕРНЕТ ЕРАТА

Успешна борба против дезинформации и секакви лажни вести може да се води преку јавно соочување на едните со другите вистини, а не со бирократски мерки. Само јавноста е арбитерот кој ќе процени кој ја зборува вистината, а кој лаже. Да, новинарите не се над законите, но на тема новинарство владата, директно или посредно, не смее да помисли, а камо ли да крои контролни стратегии со арома на цензура.

Пишува: Зоран Иванов

 

Напливот на лажни вести добива епидемиски размери. Но и покртај тој факт, а низ призмата на владината предлог стратегија за борба против лажните вести, веднаш ставот. Контролата врз вистината генерално не е работа на владата. Таа може, дури и има обврска да покренува иницијативи. Но нема право да спроведува информативни рестрикции под било каков изговор макар тоа било и акција против лажни вести. Особено не да проектира стратегии во кои се нотираат елементи на забрани.

Грижата за вистината е обврска на јавноста. Владата треба само да создава амбиент и услови. Да поттикнува проекти, да ги буџетира активностите на невладините и на граѓанските здруженија чија тема на активности се медиумите, информирањето и јавноста. И толку. Нормално, за поздравување е потегот на владат да напише и да објави документ, но не и да го раководи неговотпо спроведување. Особено не со своја директна инволвираност да го отвора фронтот за сузбивање на злото на интернет ерата. И во ова последно од трите тематски продолженија за владината предлог стратегија за сузбивање на лажните вести целта е, макар преку овие најсубјективни согледувања, колку толку да се иницира и да се отвори поширока дебата во две насоки кои, исто така, се токму со идеја за успешна реализација на владината стратегија и на очекувањата од неа.

Прво, да се даде максимална подршка во борбата против опасната епидемија наречена лажни вести. И второ, при таквата акција да не се загрозат освоените демократски вредности именувани како слобода на изразување. Во дијапазонот на овој фронт е нужна поширока јавна дебата. Но тоа изостана и владата во консултации со никого го престави и го образложи својот автономен концепт за борба против лажните вести. Дури, онака како што најави, покрај другото намерата на владата е да конституира и некаво државно тело. Некаков државен контролен субјект за лоцирање медиумски невистини кој ќе биде произведен од неа, кадровски екипиран од неа и исто така плаќан од неа. Па, колку и да е тоа добронамерно, неминовно јавноста ќе го доживува како цензорска алатка. Сакала, не сакала, со тоа владата во старт го стеснува просторот за успешност на проектот за сузбивање на лажни вести.

Патем, најфрапантно од се е експресното налепување на ЗНМ и на Советот за етика на владиниот проект. Со ништо не предизвикани тие, како што самите се огласија, инквизаторски се  подментнаа да бидат извршители на најгрдата содржина од владиниот документ. За составување некакви црни листи на медиуми, портали и на други дигитални форми кои на ваков или на онаков начин се вклучени во информативната сфера. Но ние не сме ниту Трампова Америка ниту Путинова Русија. Овие еснафски субјекти не смеат да го туркаат носот во редакциите макар тие имале и само еден сопственик, само еден новинар, само еден уредник. Да, новинарите не се над законите, но на тема новинарство владата, директно или посредно, не смее да помисли, а камо ли да крои контролни стратегии со арома на цензура. Има доволно надлежни институции за увид на деловното работење и на најкрупните и на најмалите редакции, портали, блогови. На државата и се потребни само регистар со податоци за нивните сопственици и за нивните одгворни уредници. Ништо повеќе.

Новинарството е пред се етичка професија. Точно е дека плурализмот, демократијата, за наши услови попрецизно би било партизацијата, заедно со можностите на се подостапинте информатички технологии, дозволија и во оваа и убава и проклето тешка работа да се инфилтрираат, да се накалемат разни вагабонти на кои новинарството им е само потртеба за јавно влијание и за лечење комплекси, а нивните клиентелистичките манири извор на разни привилегии. Но и овие факти не се за државен интервенционизам, туку се тоа прашања за моралните супстати. Теми за граѓанските и невладините организации чија преокупација се токму професиналните новинарски стандарди и професионалните кодекси.

Се разбира дека основното е секој кој што учествува во јавниот дискурс да мора да се легитимира. Да се претстави со име и презиме, со адреса, со можност да биде достапен за било чија интервенција поради неговите лажни вести. Само овој елемент и ефикасност на механизмите за оштетените брзо да ја добијат заслужената сатисфакција и толку. Се друго е способност консументите да умеаат да препознаваат и да селектираат вести согласно квалитетите што ги исфрла пазарната конкуренција. Тоа би било фер однос на државата и спрема производителите на вести и спрема тие на кои вестите се однесуваат и спрема најшироката публика.

Секој неправедно наклеветен, обвинет, навреден има право на јавна медиумска и институционална корекција. Но државата нема право да ги покажува своите мускули. Медијаторските алатки и граѓанските парници, а не власта, се тоа поле за легитимација и на вистината и на лагата. Конечниот суд за кредибилитетот на секој медиум, на секоја редакција, на секој ангажиран или слободен новинар сепак ќе треба да и`се препушти на најшироката граѓанска публика. На саморегулација и на журналистички ветинг. Оттука, токму врз основа на нејзината стратегија и на строги квалитативни критериуми, директно или индиректно државата би требало само да финасира невладини едукативни проекти, обуки за препознавање лажни вести и за разобличување на нивните автори.

Повторно, борбата против изворите на лажните вести и нивното евидентирање и јавно посочување може да биде само преку перманентните проектни активностите на новинарските и на граѓанските здруженија и преку невладините организации со нагласено учество на јавноста, на консументите на медиумските информации. Затоа, ако владината стратегија подразбира само превентивно делување без посебна инструментализација на постапките за борба против лажните вести, таквата активност може да се смета за коректна и демократска. Во спротивно, доколку пак таа има некаква намера мерките што ги предлага да ги инструментализира, да ги обликува во некакви правни норми, тогаш тоа ќе биде многу деликатно по слободата на изразувањето. Ова од проста причина што демократските општества подразбираат вистини ама и алтернативни вистини. Поинакви, различни погледи и толкувања врз идентични факти и во такви околности владата или некој во нејзино име или со нејзин амин, нема право да се самопрогласи за врховен арбитар на тоа што е висинска, а што е не вистинска вест.

Светската демократска практика сведочи дека секоја влада која се обидела да се инволвира во слободната работа на новинарите само си ги извалкала рацете.  По правило јавноста секогаш застанува на страната на медиумите колку нивните производи понекогаш и да се жолти, неавтентични, дезинформирачки па и манипулативни. Наместо да отвораат сопствени фронтови, паметните влади преку лепеза проектни стимулации преферираат борбата со журналистичкиот криминализам, со натрапниците во  новинарството, да им ја препуштат на  професионалните невладини структури. Ова пред се затоа што и меѓународната демократска практика упатува дека најуспешна борба против дезинформации и секакви лажни вести може да се води само преку јавно соочување на едните со другите вистини, а не со бирократски мерки. Само јавноста е арбитерот кој ќе проценува кој ја зборува вистината, а кој лаже.

Секако, условот е медиумските консументи да умеат брзо да ги препознаваат и да ги откриваат иницијалните извори на дезинформациите. Па ако државата веќе решила да дава пари за борба против лажни вести, тогаш е најдобро тоа да го прави со финасирање едукативни проекти за теми посветени на медиумската писменост. За таа цел ете и`ги граѓанските организации со искуства и со докажани вредности во оваа област.

Доколку пак за својата стратегија владата се потпре само врз себе и врз своите додворувачи, оваа нејзина иницијатива ќе биде само загубена битка во борбата против лажните вести.

Македонската журналистичка јавност веќе ја испрати пораката – прстите на државата подалеку од медиумите.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.