Денешна дата
13/12/2019

КОНТРАВЕРЗНО ПИСМО ОД ЈАНЕВА: СПАС НА ПРЕДМЕТИТЕ ИЛИ „СМРТОНОСЕН УДАР“ ВРЗ СЈО

  • Дописот на притворената Катица Јанева за префрлање на предметите од СЈО во ЈО предизвика голем број недоумици.
  • На само неколку денови пред истекот на мандатот на Јанева, но и со самиот процес на нејзиното разрешување од функцијата, постои опасност судбината на предметите да стане неизвесна.
  • Дел од експертите за Инбокс7 се изјаснуваат против префрлањето и со тоа и згаснувањето на СЈО, но дел велат дека најважно од се е тие да продолжат без оглед кој ќе ги води.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Како на шаховска табла се влечат потезите за да се спасат предметите на СЈО, но самата институција е пред нејзиниот крај. Притворената обвинителка Катица Јанева од притвор испрати писмо со кое се овластува ОЈО да ги преземе предметите од СЈО. Притворената обвинителка за случајот „Рекет“ ја донесе оваа одлука само неколку денови пред истекот на нејзиниот мандат, како и паралелно со процесот на нејзиното разрешување.

Дали со овој потег Јанева ги пак ги прави мета на органите на прогонот сите осомничени за 19-те случаи кои ги водеше досега? Се враќаат ли од почеток за ревидирање сите одлуки во врска со истите? Какви правни и политички последици ќе влече овој нејзин потег?

ЕКСПЕРТИТЕ ПОДЕЛЕНИ: КАЛАЈЏИЕВ ПРОТИВ, ЗА КАМБОВСКИ – НЕ Е СПОРНО

Калајџиев вели дека ова е крај на СЈО

Експертите Гордан Калајџиев и Владо Камбовски со спротивни ставови – за првиот ова е погрешен чекор, додека за вториот нема ништо спорно.

Професорот Калајџиев, кој е дел од работната група која во Министерството за правда, дискутираше за писмото на Јанева за трансферот на предметите е единствениот кој беше против ваквото барање.

Јанева предметите ги добила со закон и никаде со закон не се предвидува ова обвинителство да ги предаде сите предмети особено не во ваква ситуација кога неа и е завршен мандатот и каде нема политичка волја да се избере нов обвинител. Зошто не сакаат обвинителството да продолжи да работи треба да ги прашате политичките партии, тоа е нивна одговорност. Очигледно ова е крај на СЈО, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција. На крај мора да признам со жалење дека СЈО е само злоупотребено за да се бутне ВММРО-ДПМНЕ од власт“, вели Калајџиев.

Според него, ако предметите се предадат постои опасност да се развлечат и да пропаднат

„Разочарам сум што и по четири години не дознавме кој прислушувал во Македонија. Најисправно е СЈО да продолжи да работи со в.д. обвинител и по актуелниот закон да го заврши мандатот. Може СЈО како посебно обвинителство да се стави во рамките на редовното. Но во предлог законот нема ни трага од сето тоа“, истакна Калајџиев.

Наспроти ова, академик Владо Камбовски, опцијата Јовески да ги преземе предметите не е спорна. Според него многу е важно да се донесе предлог-законот за Јавно обвинителство, со кое, како што вели, се унапредува Јавното обвинителство.

„СЈО одигра една своја улога, во еден, буквално да речам транзициски период, отвори низа процеси, ова е доста смело, но се разбира дека како една вонредна институција, имаше одредено траење и треба да се инкорпорира. Се претпоставува дека заедно со реформите на судскиот систем, полека се оспособува јавното обвинителство како институција во целина, ефикасно да се справува со проблемите на криминалот и високата корупција“, истакна Камбовски.

ЦАЦА НИКОЛОВСКА: ПРЕДМЕТИТЕ ДА ПРОДОЛЖАТ ДА ГИ ВОДАТ ОБВИНИТЕЛИТЕ

Според Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права и поранешен врховен судија, вели дека од една страна потегот на Јанева може да се гледа и како оттргнување на обвинителите од предметите и еден вид реваншизам за кој претходно слушнавме закани. Но, додава таа, од друга страна ова, што е поважно, е еден обид да се спасат предметите.

„Јас бев најмногу за опцијата да се назначи в.д. обвинител и тоа веднаш по нејзиното приведување, бидејќи ми беше страв што ќе биде со предметите и како ќе реагира специјалната јавна обвинителка. Има многу елементи кои укажуваат на тоа дека треба брзо да се реагира за да не се остават предметите и обвинителите на СЈО во ваква незавидна положба. Тие ги имаат работено предметите, тие предмети „ги имаат во мал прст“ и сега пренесувањето на предмети на други лица може во иднина да предизвика некој проблем. Најдоброто решение, според мене е усвојување на новиот закон за Јавното обвинителство, обвинителите да преминат таму и да си ги продолжат предметите. Веќе не е важно како ќе се вика тоа обвинителство, важно е овие предмети по кои има преземено одредени дејствија да продолжат“, истакнува Цаца Николовска.

 

Маргарита Цаца Николовска вели дека потегот на Јанева има две ефекти

ОБВИНИЕЛ ОД СТРАНСТВО – ДАЛИ Е РЕШЕНИЕ?

Одредени предлози обвинителството да го води странец, односно обвинител од некоја од земјите на Европската унија, Цаца Николовска смета дека не е решение.

„Ние се уште имаме кадар и јас не сум за странец обвинител, заради тоа што на тој начин ние ќе кажеме или ќе презентираме мислење со кое ќе се наметне едно мислење дека сите во СЈО не биле достојни или не се компетентни, што не е во ред. Прво ние апсолутно немаме никакви такви докази, второ сите оценки, не зборувам за Катица Јанева туку за сите други, беа дека добро работат. Тоа што го направила Јанева, иако се уште е само осомничена треба тоа да се докаже, не може поради тоа сите да горат и не можеме сите да ги ставаме во ист кош“, вели Цаца Николовска.

 

НЕИЗВЕСНА Е СИТУАЦИЈАТА СО СЈО

Обвинителката Ленче Ристовска изјави дека ситуацијата со СЈО се уште е неизвесна.

„Во моментов не можам да дадам конкретен одговор, тоа е предмет на усогласување. Во моментот кога ќе имаме информација ќе ја објавиме на нашата веб страница“, изјави Ристовска.

Со прифаќањето на барањето на Јанева за трансфер на предметите, ќе значи дека обвинителите на СЈО остануваат без работа, но предметите кои се во судски процес или истрага продолжуваат. Доколку се постигне договор за Законот за ЈО со кој обвинителите од СЈО ќе преминат во државното обвинителство, може предметите да останат во рацете на истите обвинители.

Дел од обвинителите велат дека не се согласуваат да ги предадат предметите, додека Фатиме Фетаи изјави дека не е важно кој ќе ги води предметите, туку тие да продолжат и да има одговорност за оние кои се огрешиле пред законот.

Не е битно дали ќе гони Фатиме, Вилма или некоја трета Костадинка, но е битно, тој што се огрешил пред законот да се соочи со последиците од дејствијата што ги има преземено. Каква и да е крајната одлука која што ќе биде донесена во однос на судбината на предметите на СЈО, најважно е тие да продолжат, без разлика кој ќе ги застапува. Независно од тоа дали ќе биде одлуката дека ние ќе продолжиме да ги застапуваме тие предмети или други обвинители, одлуката за трансфер на предметите е подобра од кое било друго решение што го посакуваат одредени политичари во моментот, а тоа е преку вешто искористување на правни празнини и злоупотреба на нивната политичка моќ да дојдат до решение што ќе значи целосно или делумно одбегнување на кривичната одговорност“, изјави Фетаи.

МИЦКОСКИ ВО ЈУНИ БАРАШЕ ТРАНСФЕР, НО СЕГА НЕ МУ СЕ ДОПАЃА

Заев и Мицковски се уште со различни ставови за иднината на СЈО

Инаку, дописот на Јанева за трансферот на предметите во ЈО, премиерот Зоран Заев го оцени како логично решение, кое како што истакна произлегува и од разговорите со ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа што сум информиран од работните групи, тоа е и логично решение кое и во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ го имаме, но е логично решение и во сите околности. Посакуваното решение е да се постигне договор, а во самиот договор е предвидено предметите да поминат кај државниот обвинител. И ако не се постигне договор, сегашните законски одредби велат дека предметите од СЈО треба да преминат во Јавното обвинителство“, истакна Заев

Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, смета дека со ова се покажува координацијата меѓу СЈО и власта дека тоа претставува префрлање од еден сеф во друг сеф на СДСМ, иако самиот тој уште пред неколку месеци бараше предметите на СЈО да ги преземе државниот јавен обвинител.

Вчудовидени за страста за работа на Катица Јанева, па макар и прекувремено, гледаме писмо каде таа наредува случаите да се предадат на работа кај Рускоска обвинителството. Со други зборови да се чуваат на посигурно за да се задржат конците за политички притисок врз опозицијата. Значи од еден сеф на СДСМ во друг сеф на СДСМ. А пустите така мислат дека ќе не исплашат. Но и за ова се лажат“, изјави Мицкоски.