Денешна дата
16/09/2019

ДЕН НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Пишува: Александар Кржаловски

 

Минатата недела понуди неколку настани што можеби заслужуваат коментар. Од континуираното занимавање на водечките партии со судбината на СЈО, преку чествувањето на Денот на независноста, до меѓународните случувања со новите епизоди на Брексит.

За последново, поврзано со Брексит драмата, веќе имам пишувано тука неколку пати, па овој пат не би се задржувал многу, освен уште еднаш да искажам импресионираност од постојаната демонстрација на функционална демократија во Британскиот парламент. Имено, таму беше спречен обидот на новиот премиер Борис Џонсон да го оневозможи Парламентот од суштинско учество во одлучувањето околу излезот на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври (за потсетување, одложениот рок, откако не се направи тоа на 29 март како што првично беше планирано), кој тој сака да се случи дури и по цена да нема договор со Унијата. Наспроти тоа, сега е со закон обврзан да постигне договор (кој ќе треба и да е подобар од тоа што успеа да постигне претходната премиерка Тереза Меј, за да биде изгласан) или пак да побара од ЕУ ново одложување на рокот за Брексит. Во духот на традиционалниот британски (црн) хумор, Џонсон изјави дека „подобро да завршам мртов во ендек, отколку да барам ново одложување“. Ќе бидат интересни овие два месеци таму, па можеби ќе се навратиме пак повеќе на тоа.

 

Тука кај нас, впечаток ми остави одбележувањето на 8 септември – Денот на независноста, односно отсуството на името Македонија, па и новото име на државата – Северна Македонија од промотивните материјали за централниот настан на прославата, кај Школката во Градскиот парк во Скопје. И во поканата од Владата тоа изостана. Во 2-минутното обраќање на претседателот Пендаровски, само еднаш се кажа Македонија, што е за право – како независна и суверена, интересно – без употреба на Република и без Северна. Само во доста подолгиот (15 минути) говор на премиерот Заев, вообичаено, 5-6 пати беше спомнато името на државата – Северна Македонија, но и таму – почесто беа користени термините: нашата (убава) земја, нашата татковина, нашата држава. Пред неколку години, за овие работи се расправавме со Европската унија – колку во нивните извештаи за напредокот на Македонија се спомнува името на државата, како и придавката „македонски“, а сега самите си се ограничуваме, па за да избегнеме да кажеме Северна Македонија, не кажуваме ни Македонија, туку нашата земја/татковина/држава. Не дека критикувам други, бидејќи и јас најчесто така правам (или се „фаќам“ дека потсвесно така сум направил). Не е сеедно, нели?

 

Но, да не гледаме многу во минатото, што би рекле политичарите, и оваа недела (ќе) има интересни настани. Се најавува нова лидерска средба (за жал и натаму ова останува главен начин за евентуално решавање на заглавените процеси, наместо да се учиме од најстарата демократија – британската), а во очекување сме и на новиот состав на Европската комисија, кој Урсула фон дер Лејен го претстави, но се уште без распоред на ресорите. За нас секако ќе е важно да видиме кој ќе биде Комесар за проширување – ако воопшто има таков. Јоханес Хан е предложен да продолжи како евро-комесар, но веројатно ќе го смени ресорот. Интересно, тимот е целосно родово балансиран (ист број жени и мажи), а просечната старост е 56 години (малку различно од кај нас… треба да се прашаме, зошто?).

 

Ќе видиме и за ова, но констатирајќи дека најмалку пишувам за тоа што всушност најмногу го работам – граѓанското општество, сакав да се осврнам малку и на тоа и најавам претстоен настан оваа сабота – Ден на граѓанското општество. Имено, во рамките на програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) Цивика мобилитас, која ја спроведуваат данскиот Нирас и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), на новиот (или ново-уредениот) плоштад Ибни Пајко (меѓу Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Факултетот за музичка уметност и Даут пашиниот амам) и платото кај плоштадот Скендербег, над 80 граѓански организации ќе ја претстават својата работа и активности. Покрај свои штандови на кои ќе можат да се видат публикации, истражувања од разни области, постери и пораки од повеќе кампањи кои ги организирале, дел од организациите ќе имаат и демонстрација на некои свои активности пред граѓаните кои ќе посетат овој Цивика мобилитас фестивал меѓу 11 и 14 часот. Тоа ќе вклучува и едукативни сесии, презентации и промоции, како и креативни работилници (за деца и не само за нив).

 

Се очекува присуство и учество на најразлични граѓански организации, доста од Скопје, но и многу од цела Македонија. Ќе има и некои активистички (политички активни, не партиски) организации (дел од нив и учесници во Шарената револуција), но и многу повеќе други организации кои се занимаваат со посекојдневни проблеми и грижи на граѓаните во разни области како животна средина, неформално образование, здравје, култура, спорт и рекреација, рурален развој, итн. Фестивалот треба да е добра можност за запознавање со разновидноста на граѓанскиот сектор во Македонија, активностите и постигнувањата на граѓанските организации (барем тие што ќе бидат присутни и претставени на настанот), препознавање на заеднички интереси и евентуално вклучување на нови граѓани во нивната работа, а за остварување на определени права или цели. Исто така, ова треба да придонесе и кон намалување на некои од стереотипите за граѓанските организации, како на пример тие за „перални на пари“ и за “странски платеници“, бидејќи голем дел од нив имаат само мали средства или воопшто не се финансирани ниту од Владата, ниту од странски донатори (а и кога се, тие средства се наменски употребени и транспарентно објавени во годишните извештаи на организациите).

 

Веројатно ќе е преамбициозно да се очекуваат од настанот разни расправи, алтернативни модели, па и повици за промена на состојбите во политиката и самите политички партии, а како предуслов за излегување до „маѓепсаниот круг“ на поларизацијата и постојаното тонење во афери и политички кризи, кон подобро општество и динамичен развој и просперитет… бидејќи е замислен повеќе како фестивал, а не се предвидени форуми/дебати на одредени теми, но и во ваков случај, ќе може да се видат/слушнат многу предлози од граѓанските организации за подобрувања во конкретни области, како на пример борбата против корупцијата, заштитата на животната средина, рамноправноста и мултикултурата и слично.

Секако, фестивалот ќе е можност и за (конструктивна) критика на присутните (а и другите) организации, забелешки за нивната работа, барања за вклучување на одредени прашања во нивните понатамошни ангажмани, или пак предлози за поефикасно и ефективни дејствување во своите области.

Па така, ова може да го сметате и за покана за посета и присуство на фестивалот и простор за директна интеракција со многу граѓански организации и нивните претставници, членови, активисти и волонтери, вклучително и со мојата организација и мене лично, како замена за фејсбук коментарите, односно малку пореална отколку виртуелната реалност. Секако, тоа не ја исклучува и можноста за коментирање и на социјалните медиуми за улогата и постигнувањата на граѓанските организации! Напротив, токму и тоа е дел од граѓанскиот активизам, учество и влијание, особено кога е расправа на темите на текстовите (а не за нивните автори или за другите граѓани кои коментираат).

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.