Денешна дата
16/09/2019

ОХРИД ВО ОПАСНОСТ – УНЕСКО БАРА МОРАТОРИУМ, А ВЛАСТИТЕ ГИ ЛЕГАЛИЗИРААТ И ПРОМОВИРААТ ДИВОГРАДБИТЕ

  • Препораките на УНЕСКО се однесуваат на стопирање на дивоградбите, изготвување на регистар на нелегалните градби и строго почитување на законите.
  • Од општина Охрид, за Инбокс 7 велат дека регистарот не е јавно достапен и сè уште не се знае дали ќе биде достапен за јавноста.
  • За спроведување на препораките е потребна само политичка волја, сметат активистите.

 

Пишува: Ангела Рајчевска

 

Додека УНЕСКО чека да се исполнат трите клучни препораки за да се зачувува статусот на светско наследство за Охрид, централната и локалните власти прават чекори во спротивна насока – го продолжуваат рокот за легализација на нелегалните објекти и ги промовираат истите.

На годинешната 43-та сесија на Комитетот за светско наследство при УНЕСКО, Охрид доби рок до 1 февруари 2020 година да достави ажуриран извештај за прогресот и состојбата за зачувување на статусот, со што на 44-тата сесија во 2020 година, Комитетот за светско наследство ќе одлучи за понатамошниот статус на Охрид.

„Спротивно на препораката од август 2017 Владата го продолжува рокот за легализација на нелегалните градби од декември 2016 на декември 2019. Потоа, повторно спротивно на препораката се продолжува овој рок од ноември 2017 до јуни 2019. Новата локална власт во Општина Охрид легализира дополнителни 336 дивоградби“, вели Александра Бујароска, од Еколошкото здружение на граѓани, Фронт 21/42.

Не само во Охрид, се легализираат објекти и во Општина Струга (73) како и во општина Дебрца (73). „Времето кое Македонија го добива од УНЕСКО за стопирање на процесот на легализација, власта го искористува да ја продолжи легализацијата на нови 446 дивоградби. На 12 јули 2019 Градоначалникот на Струга уште и промовира илегална градба на советник во Општина Охрид“, додава Бујароска.

ДАЛИ ОХРИД ЌЕ СТАНЕ ДЕЛ ОД ЛИСТАТА НА НАСЛЕДСТВА ВО ОПАСНОСТ?

УНЕСКО заштитува 1121 места или објекти од кои 53 се на листата на светски наследства во опасност. Годинава, Охрид беше на работ да биде преместен на листата на светски наследства во опасност на УНЕСКО. Но, сепак, не му се случи тоа.

Активистката Бујароска смета дека  ставањето на Охрид на листата на светски наследства во опасност не значи тргање на заштитата на УНЕСКО, туку напротив – значи зајакнување на заштитата. Таа појаснува дека токму тоа беше неопходно за да се стопира трендот на деструкција и создадат услови за враќање на поволна состојба на вредностите. “Листата не значи губење на статусот, туку значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени Исклучителните Универзални Вредности.“.

ПРЕПОРАКИ:„СТОПИРАЈТЕ ГИ ДИВОГРАДБИТЕ“

Комитетот за светско наследство при УНЕСКО, исто така потсети на итно спроведување на сите други претходни барања од 2017 година. Истите се однесуваат на стопирање на дивоградбите, изготвување на инвентар на нелегалните градби и строго почитување на законите.

„Државата членка воспостави мораториум за какви било урбани и крајбрежни трансформации во рамките на доброто, се’ додека сите релевантни документи за планирање не бидат финализирани и усвоени и не бидат одобрени ефективни заштитни регулативи и механизми за контрола. Да изготви детален регистар на сите нелегални градби во рамки на доброто и спроведе релевантни проценки на влијанието врз наследството и животната средина (ХИА и ОВЖС) за да го оцени нивното влијание врз ИУВ (исклучителните универзални вредности) на доброто. Да осигура строго спроведување на постоечките закони и регулативи за да превенира било какви понатамошни нелегални градби во рамки на доброто“, гласаат препораките кои датираат од пред две години.

Бујароска смета дека за спроведување на некои препораки, како на пример мораториумот на секоја урбана и крајбрежна трансформација во рамки на Охридскиот регион, потребна е само политичка волја. За спроведување на некои препораки потребни се експерти и финансиски средства.

Но професорот Здравко Крстаноски, поранешен прв човек на хидро-биолошкиот завод во Охрид, вели дека ако се придржуваме на одлуката на УНЕСКО, ќе се поправат работите, во спротивно – ќе го изгубиме културното и природното наследство на УНЕСКО. Дивоградбите, вели, се апсолутно голем проблем, особено оние кои го тангираат крајбрежјето на Охридското езеро. „Ако општината ветила, не е само ветувањето, од ветувањето куќата не се расипува, така да, треба она што е изработено, тоа што побргу да се реши, бидејќи УНЕСКО ни даде рок. Тоа може да се реши на општинско и на државно ниво, без пардон. Нема попуштање, тука треба да се пристапи сериозно. Граѓаните може да се мобилизираат, преку разни еколошки друштва, научните работници да го кренат гласот, бидејќи езерото не му припаѓа само на Охрид, припаѓа на цела Македонија и во крајна линија му припаѓа на целиот свет. Тоа е значајно од многу аспекти, од аспект на туризам, резервоар за пиење на вода итн.“

Неисполнувањето на препораките, како што смета Крстаноски, освен со губење на статусот ќе резултира и со загрозувањето на климата на градот. „Прво, ќе не избришат од УНЕСКО. Тоа не е најтрагично, иако ќе има доста последици по туризмот. Меѓутоа, посебно дивоградбите кои го засегаат крајбрежјето на Охридското езеро, па и големите згради кои се градат, создаваат една микроклима во градот. Фактички, нема веќе конекција езеро и град, така да, доаѓа до задушување и непроветрување во градот.“

РЕГИСТАР СО 1000 ДИВОГРАДБИ, ИАКО ИМА 14000 БАРАЊА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА

Согласно со препораките кои беа нотирани од страна на Комитетот на УНЕСКО, локалната самоуправа во месец јуни 2019 година изработи посебен регистар на нелегални градби за подрачјето на Општина Охрид. Од оваа општина за Инбокс7 велат дека регистарот не е јавно достапен и сè уште не се знае дали ќе биде достапен за јавноста.

На прашањето кои конкретни мерки се предвидени да се преземат за општината за да го реши проблемот со дивоградбите, дали е веќе започнато со истите и каков е општинскиот план за исполнување на другите препораки од УНЕСКО и зачувување на статусот, од општина Охрид го посочуваат само Акцискиот план во кој се опфатени активностите кои ќе бидат преземени во наредниот период и се однесуваат на исполнување на препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, а се во надлежност на општината.

Во овој регистар во форма на електронска база на податоци внесени се вкупно 1076 предмети за кои, во периодот од 2006-та година до мај 2019-та година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено некаков акт со кој се утврдува нелегална градба. Од нив, вкупно 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во Стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.

Но, Бујаровска смета дека овој регистар не е точен. Вели дека единствен, вистински, регистар е тој кој ќе ги содржи сите илегални градби во рамки на Охридскиот регион, т.е. општините Охрид, Струга и Дебрца. „Тука треба да бидат вклучени и оние кои се легализираат со Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Се додека не постои таков регистар не може да се зборува за вистинско спроведување на препораката за дивоградбите“.

Според Бујаровска, манипулирањето со јавноста дека регистарот е готов и во него се само околу 1000 градби од страната на градоначалникот на општина Охрид не оди во насока на вистинско исполнување на препораката. „Особено ако сте свесен и знаете дека конкретно во вашата општина поднесени се над 14000 барања за легализација на дивоградби“.

1.5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РУШЕЊЕ НА ОБЈЕКТИ

Од друга страна, од Општина Охрид потсетуваат на предлог-одлуката за времен прекин на донесувањето и спроведувањето на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, со што практично започнаа со реализација на активностите од Акцискиот план.

„Тоа значи дека од денес (5.9.2019) се воведува времен прекин на спроведување и донесување урбанистички планови, урбанистичко плански документации и архитектонско – урбанистички проекти на територијата на општина Охрид. Исто така времено се прекинуваат сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на издавање одобрение за градење, одобрение за надградба и одобрение за доградба, после стапување во сила на оваа одлука“.

Од општината дополнуваат дека сите постапки со добиено одобрение за градење можат да продолжат со реализација.

„Оваа Одлука не се однесува на барања за: извод од план, решение за измени во тек на градба, промена на инвеститор, реконструкција, адаптација и пренамена, решенија за градби за кои не се издава одобрение за градење и отпочнатите постапки за издавање на одобренија за изградба, надградба и доградба. Исто така оваа одлука не се однесува на барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти“.

Со ребалансот на Буџетот на Општина Охрид, односно одлуката за изменување и дополнување на буџетот на ЕЛС Охрид за 2019 година, која Советот на општина Охрид ја усвои на 10.06.2019 година, предвидени се 1.5 милиони денари во Програмата за уредување на градежно земјиште во ставката Рушење на објекти. Од општината велат дека била објавена Јавна набавка за избор на фирма, завршена постапката за избор и избрана е фирма за рушење.