Денешна дата
14/10/2019

I. ТРЕТАТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА – ОД СКЕПТИЦИЗАМ ПРЕКУ ЕУФОРИЈА ДО ДЕПРЕСИЈА

Плоштадот тогаш беше празен од градби, но беше преполнет со народ. Илјадници граѓани се туркаа до бината одблизу да слушнат дека во таа ведра и топла септемвриска вечер се раѓа нивната држава.

Пишува: Зоран Иванов

Ова ќе биде субјективна приказна за објективната македонска стварност. Под ист наслов во три продолженија. Без претензии за некаков хронолошки ред на настаните, туку повеќе импресија за македонскиот самостоен од. Во ова прва петочна колумнистична лепенка само кусо фактографско потсетување за самиот осмореференсумски ден во ’91-та.

За волја на вистината, само некоја година пред бурните настани, мнозинството македонски граѓани не ни помислуваа за самостојност на државата. Но распадот на федерацијата беше неминовен, а тогашните политички водства не умееја да го насетат расположението на граѓаните. Дури откако во федерацијата зачестија и оружени меѓунационални инциденти почнаа погласни размисли за евентуални можни алтернативи. Претпазливоста беше пренагласена и се прелеваше и во страв од избрзани одлуки. Но, евидентните случувања на сукцесивниот инерциски распад на социјалистичкиот поредок во тогашна Европа и на владејачките комунистички партии во Источниот блок, наметнуваа амбиент на исчекувања на крупни промени и кај нас. Во тие премрежни времиња предизвикани од бранот немири кои го урнаа и Берлинскиот ѕид и ја распаднаа комунистичката идеолошка матрица, силен дополнителен импулс беше напливот на шовинизмот во рамките на југословенските граници.

И другите фактори како економската криза, српскиот хегемонизам и хрватскот егоцентризам, со национализмот како нивна основна алатка на раздорот, ја втурнаа југословенската заедница во крвавиот конфликт и веќе во таа 1991-ва година беше сосема јасно дека заедничката држава се распаѓа. За наша среќа и за нашата македонска позиција, само по шевовите на републичките граници. Во таквите  околности во кои почна да ѕвечка оружјето и внатре во сојузната армија и меѓу локалните новокомпонирани републички и регионални паравојски, Македонија без оглед на поделените желби на нејзините граѓани да се осамостои или да се бори за враќање на федерацијата, практично без избор беше исправена пред сопствена одлука. И тогашните државни и партиски водства и граѓаните секако, го избраа единствениот можен излез – самостојноста.

Тлееше видлив страв од референдум, но немаше друг избор. Настанот закажан за осми септември беше единственото историска шанса. Можно решение кое во себе сублимираше две тогаш спротивставени опции: државата да се одвои мирно без крвопролевања каков што сигнал се сакаше да се испрати со референдумот и, втората, за која прашањето даваше можност, доколку федерацијата евентуално ги надминеше недоразбирањата меѓу членките, републиката да се врати во федералната рамка. Секако, ова второто беше само популистички дизајн со кој се сакаше да се смират уплашените за безбедноста и за егзистенцијата на државата како самостоен меѓународен субјект, но и да се скроти веќе разулавената федерална армија која имаше моќни воени инсталцци и во Македонија. Но и при сите варијанти, многу јасно беше дека федералните центри веќе тогаш беа толку слаби, а републичките толку осилени и непријателски спротивставени, што единствената реална опција беше референдумот да успее и со сите ризици земјата да тргне по сопствениот пат.

И покрај евидентните стравувања и политички заскитувања за начинот на осамостојувањето и почетните отпори за референдумот, резултатите од него јасно ја искажаа волјата на граѓаните за самостојна држава.  Референдумот беше неизбежно успешен. Народот го кажа своето и натаму собранието и другите институции повеќе или помалку успешно, ги моделираа атрибутите на новиот меѓународен субјект. Од оваа дистанца лесно е да се констатира дека во тие, сега веќе историски околности, биле пренагласени и еуфоријата и скепсата. Но факт е дека малкумина од тие генерации кои на плеќи ја истуркаа самостојноста, денес се задоволни од достигањата.

И токму тој факт треба да е предизвик за сегашниве генерации. За таа пред дваесет и осум години, тоа време беше и мотив и предизвик. И желба и провокација. Во тогашниот само никулест плурален амбиент неколкуте медиуми мошне самосвесно го презедоа својот дел од одговорноста. Да информираат, но и да комуницираат со граѓаните за сите настани, дилеми, стравови, неизвесности. И за очекувањата, ентузијазмот и радостите за дадената можност Македонија да стане самостојна и независна.

Во тој историски исчекор Македонското радио, Радио Скопје, ја понесе палката на процесот и испиша значаен дел од таа национална историја. Овој медиум беше предводник на тие процеси и деноноќен аниматор на јавноста. Во радиските студија и дење и ноќе дефилираа политичари од се побројните нови политички партии, но и професори, уметници, умерени и бунтовни интелектуалци, јавни личности од сите провиниенции. Радиото беше вистинскиот плурален мегдан, полемичар, организатор на бројни дебати. Беше единствениот медиум отворен за граѓаните, за нивните стравови и за нивните надежи. Во директните програми, преку отворените и нецензурирани телефонски линии, во етерот директно се вклучуваа и по триста, четиристотини слушатели дневно. Таа симбиоза меѓу граѓаните и радиото, незабележливо но природно, наметна обврска и за техничарите и новинарите. Особено за новинарите од средната и младата генерација, заедно со своето радио како медиум, да бидат дел од организацијата на референдумот и тоа не само во делот на нивните програмски обврски и определби.

Така, ова е сигурно веќе некаде запишано како историски факт, во радијските кулоари и студија спонтано се роди идејата овој медиум, а во име на граѓаните, од градот да побара, да инсистира да се направи бина, дрвена платформа на скопскиот плоштад. Наводно за свои техничко програмски потреби за директниот радијски пренос. А всушност беше тоа повик до граѓаните за масовно собирање за прослава на евидентната успешност на референдумот на осми септември. И огнометот што бликна откако актуелниот државен врв од бината го соопшти епилогот од волјата на граѓаните, исто така беше дело на Радио Скопје. Тоа како придонес кон изливите радост кои, како што растеа процентите на излезност и на потврда на референдумското прашање, стануваа се поеуфорични. Радио Скопје тогаш своето подвижно студио го пресели на плоштадот, до бината. Со директен пренос од минута во минута јавуваше за резултатите од изјаснувањето. Од минута во минута ги соопштуваше бројките и процентите на референдумската излезност и на преброените гласови кои ја оформуваа македонската самостојност. Плоштадот тогаш беше празен од градби, но беше преполнет со народ. Илјадници граѓани се туркаа до бината одблизу да слушнат дека во таа ведра и топла септемвриска вечер се раѓа нивната држава. Да бидат и сведоци и директни учесници на тој чин.

Сега, по речиси три децении државата и има и нема резултати. Македонија, Северна Република Македонија е со сите институционални и меѓународни атрибути на самостојна, независна и суверена. Но и со уште почетни демократски капацитети. Со минорни резултати во сите области. Со ниска државотворна свест, со никаква политичка култура, со неотпорност кон политичките девијации, со доминантен клиентелистички менталитет, со коруптивни навики, со партиски непотизми. Со политизирани и подјармени институции и со никаов правен поредок. Со масовно иселување на млади, паметни и образовани луѓе. Со збор, два, македонското општество е во сериозна атрофија која земјата ја загрозува во нејзината елементарна државотворна супстанца.

Во еден ваков амбиент, во кој веќе достигнавме многу дна, иднината не е баш извесна. Политичката криза предолго трае и апатијата станува доминантна состојба. Сепак, ајде малку пооптимистички зашто оваа состојба е неодржлива. Таа мора да падне и кај и да е, тоа ќе почне да се случува. Ни претстои ново ослободување, нова транзиција која исто како досега ќе биде болна и мачна. Но важен е правецот, курсот и решеноста да се истрае во насока на одржливи развојни демократски перспективи.

Во наредното второ од трите петочни продолженија на овој мини колумнистички серијал, малку поблиску и малку повеќе за македонските актуелности. Во ова првото, сепак доза оптимизам – и новиве генерациии имаат потенцијал да ги урнат фасадите. Да ги разградат маските со кои е прекриена државата.

И да ги проектираат европските граѓански вредности што во изминативе две, три децении и` ги открадна бескрупулозната домашна политика.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.