Денешна дата
14/10/2019

Џафероски: Изминативе 15 години не е вложено ништо за гаснење на пожарите

И покрај спроведената кампања за подигнување на свеста кај граѓаните, човечкиот фактор и натаму останува главна причина за предизвикување пожари, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски. Поради тоа, тој иницираше и законски измени да не се дозволи повеќе бесплатна сеча на опожарено дрво, а се жали и дека за подметнувачите на пожарите нема судски епилог. Дополнителен проблем им претставува тоа што се работи со многу мали ресурси, за кое, како што истакнува дури 15 години ништо не е набавено

Светлана Унковска

Интервју со Аднан Џафероски, директор на Дирекција за заштита и спасување

 

 

Г-не Џафероски деновиве гореше во прилепскиот регион, во струмичкиот, во кумановскиот, битолскиот, велешкиот, штипскиот. Во сите овие региони пожарите беснееја на неколку локации. Имате ли сознанија колкави се штетите и колку шума изгоре?

 

Дирекцијата за заштита и спасување не е институција која работи на проценка на штетите. Има други институции. Ние како Дирекција сме сконцентрирани на справување со пожарите. Како и секаде во регионот, пресушената вегетација и високите температури носат опасност од пожари. Несовесноста, односно совесноста на граѓаните е во прв план во вакви ситуации. Палењето после жетва во јули, палењето на стрништата, неконтролираното палење на остатоците од земјоделските култури носат опасност да се запалат и шумите. За нас изминатиот месец август навистина беше многу активен месец со пожари и Дирекцијата за заштита и спасување со своите ресурси и своите капацитети беше 24 часа на располагање на единиците на локалната самоуправа, на противпожарната заштита, на комуналните претпријатија, на Национални шуми и сите релевантни структури кои треба да бидат на терен во случај на пожари.

 

На почетокот на летово најавивте кампања за заштита и намалување на пожарите. Судејќи според големиот број пожари, таа не даде резултати?

Повторно ќе кажам, тоа е работа на општествената и индивидуалната одговорност кај секој од нас. Мораме да сфатиме дека шумите се нашето богатство и дека треба да ги штитиме, а не да ги уништуваме. Ние кампањата ја почнавме околу 15 јули и траеше до 15 август, токму во период кога требаше да ја подигнеме свеста. Тука се вклучија и поголем број портали и медиуми во таа кампања за подигање на свеста кај луѓето за опасноста од пожари. Кампањата се состоеше во делење на прирачници каде што имаше точно опишано што треба да се преземе во случај на појава на пожар или кога некој ќе забележи пожар да прави, потоа што не треба да се прави – да се палат стрништа, да се фрлаат отпушоци, да се пали скара блиску до шума, се донесе и забрана, односно ограничување на движењето во овој период во шумските предели. Но, сепак останува заклучокот дека за пожарите, причината е човечкиот фактор.

Со какви ресурси располага земјава, колку сме опремени, дали имаме канадери, ер трактори или пак хеликоптери, кои се потребни за гасење на непристапен терен?

За жал изминативе 15 години, особено по почнувањето на децентрализацијата и преоѓање на Противпожарната заштита во единиците на локалната самоуправа не е направено ништо. Значи изминативе 15-ина години не е вложен ниту еден денар. Тоа е обврска на единиците на локалната самоуправа да вложуваат во ресурси за противпожарната заштита и обука на професионални пожарникари. За жал тоа не е направено сите овие години, а кога во континуитет толку многу години се уништува противпожарната заштита, доаѓаме до една ваква ситуација да не можеме да делуваме како што треба.

Со што точно во моментов располагаме, колкку имаме хеликоптери, ер трактори и канадери?

Дирекцијата за заштита и спасување располага со 3 ер-трактори “Фајрбос” кои имаат носивост од 3 илјади литри во резервоарите и се доста подвижни воздухоплови и се многу вреден ресурс за државата, Армијата располага со неколку хеликоптери кои по потреба исто се вклучуваат во акциите за гасење пожар. Ние имаме многу добра координација. Исто така, Министерството за внатрешни работи ги става сите свои ресурси на располагање, хеликоптерите за воздушно извидување и координација помеѓу институциите и земските слулжби кои треба практично да го гасат пожарот.  Така што, со она што во моментов нашата држава располага не е тоа што треба да биде, но ги користиме максимално ресурсите за да се справиме со пожарите.

Во кои случаи најчесто ги користите ер тракторите, дали е тоа само за непристапен терен, или кога е потребно и во големи пожари?

Законската обврска точно пропишува како се постапува. На местото каде што има пожар прво треба да се појави единицата за локална самоуправа со своите противпожарни сили, со комуналното претпријатие, со просторни сили со свој командант и со свој началник. Тука се вклучуваат и волонтери, доброволци за гасење пожари. Според законот и според сите правила и законски норми Дирекцијата за заштита и спасување е последната која треба да се вклучи кога веќе нешто гледаме дека излегува од контрола. Дирекцијата за заштита и спасување има 35 подрачни единици ширум нашата земја и луѓето од нашите единици секогаш таму каде што се појавува пожарот или било каква друга катастрофа излегуваат на терен и заедно со единиците на локалната самоуправа ја координираат работата и добиваме информации што треба да правиме, кога треба да се вклучат воздухопловите и дополнителни сили од Дирекцијата за заштита и спасување ние тогаш ги вклучуваме воздухопловите исклучиво на непристапни места, но се случило и кога тоа излегува од контрола и ескалира ситуацијата и на пристапни места. Најважно е да има земски сили, пожарот не се гаси само од воздух. Воздухопловите помагаат во спречување на ширење на пожарот и намалување на интензитетот на пожарот за да можат земските сили да го изгасат. Тоа е функцијата на воздухопловите, отсекување на ширењето на пожарот и намалувањето на интензитетот на пожарот.

 

Велите дека имате многу слаби ресурси. Има ли некаква најава од Владата, дали сте разговарале за да се набават нови хеликоптери или канадери?

Изминатиот период имавме интензивна соработка со премиерот и во Владата и сериозно се настапува во тој дел. Отпочнавме и темелни реформи во системот за заштита и спасување, веќе се работи, веќе се оформени работните групи, се направи анализа на целокупните ресурси во државата и заклучокот е дека треба што поскоро да се набават ресурси што ќе значат заштита и спасување и во делот на противпожарната заштита и во делот на било какви други катастрофи кои може да ги предизвика природата и човекот. Има ветување и од Владата дека во наредниот буџет ќе има зголемување токму во овој дел за набавка на материјално технички средства. Во моментов Владата ни одобри средства за обука на нови пилоти, затоа што имаме дефицит на пилоти и тоа не е случај само во Македонија, пилотите на ер трактори се дефицитарен кадар секаде во светот, но имаме среќа, вработивме веќе 4 пилоти и очекуваме за скоро време да ги испратиме на обука и разговаравме за набавка на уште еден воздухоплов двосед, кој ќе служи и за обука на идни пилоти и како ресурс за гасење пожари.

Неодамна гореше кај велешко езеро што предизвика огромни штети. Според истрагата причина е човечко невнимание при работа? Имате сознанија што точно се случило?

Нашите сознанија се тие што ги добивме од медиумите дека некој со брусалка работел и дека така е предизвикан пожарот. Имам информација дека биле приведени работникот, а приведен бил и сопственикот на градежната фирма и дека потоа наводно биле пуштени. Зошто е тоа така постапено од страна на Јавното обвинителство не сакам да навлегувам. Од почетокот на годината 35 дена, значи од први март до петти април имавме навистина големи пожари што беа класично подметнати затоа што беа на минусни температури. И Министерството за внатрешни работи мислам дека имаше околу 9 приведени, фатени пиромани кои намерно ја палат шумата, но Обвинителството ги пушти. Кое е образложението, навистина не знам. Јас немам право да барам образложение, ги почитувам одлуките, но мислам дека треба сериозно да се поработи и на законската регулатива. Потребна е малку построга законска регулатива, да ги земеме за пример барем на земјите од регионов кои носат построга законска регулатива, во делот на казните и во делот на измена на Законот за шуми. Мислам дека веќе почна да се работи на еден дел од промена на Законот за шуми каде ќе биде забрането продавање опожарени дрва.

Голем дел од пожарите кои се намерно подметнати се со цел бесплатно да се сечат дрвата. Најавивте дека ќе барате измена во законот да нема таква можност. До каде е оваа иницијатива?

Апсолутно. Јас побарав, значи во текот на месец март побарав брзо да се промени таа законска регулатива. Тоа сега веќе не зависи ни од мене. Сепак, за тоа треба да се направат стручни анализи како тоа треба да биде и мислам дека до крајот на годината верувам дека ќе има измени во тој дел за да спречиме и да ги обесхрабриме тие што ги палат шумите за да обезбедат евтино огревно дрво, а со тоа предизвикувајќи долгорочни последици по еколошкиот систем во државата. Мене ми е важно да превенираме во тој дел со добра законска регулатива за да можеме да ги обесхрабриме сите кои што мислат дека можат да профитираат уништувајќи ја природата.

 

Колкава е еколошката штета од предизвикувањето пожари?

Непроценлива. Тоа е, јас во една прилика кажав, тоа е геноцид на природата. Можете да замислите кога за еден час или два ќе изгорат 50 хектари 60-годишна шума, колку време и треба на таа шума потоа да се ревитализира. Тоа се долгорочни штети. Материјалните штети се големи, но еколошките штети по идните генерации во нашата земја се непроценливи.