Денешна дата
13/12/2019

Ниту “Северна”, ниту “Македонија”, Владата и претседателот го одбегнуваа името за 8ми септември

На годинешното одбележување на 8 септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија впечатливо беше дека се одбегнуваше да се споменува новото име. Наместо тоа се користеа заменски форми…Од Владата не објаснуваат зошто името не беше користено во кампањата за прославата на државниот празник 8ми септември-Денот на независноста

Светлана Унковска

 

 

Осми септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија годинава помина во обид што е можно повеќе да се избегне името. Го немаше на плакатите, го немаше на промотивното видео, го немаше ниту на поканите. Претседателот Стево Пендаровски во визуелната порака, или плакатот на кој што насмеан им го честита Осми септември на граѓаните не беше употребено името на нашата држава: „Нека ни е вечна државата! Нека ни е честит Денот на независноста – беше напишано на пораката.

И на видео спотот од Владата (https://www.youtube.com/watch?v=FaVc8O-q0bE ) кое трае неполна минута се повикуваше за прославата под мотото „Боите на независноста“. Имаше повик да се дојде во Градскиот парк во Скопје, за прослава на 8 Септември, Денот на независноста, но на која држава-нема име.

 

Прва година од промена на името, обид да се одбегне неговото споменување

 

Кој и со каква цел го исклучи името на државата на прославата на независноста? Дали целта на одбегнувањето на употребата на Република Северна Македонија беше да не се предизвикува револт кај граѓаните во првата година од промената на името.

Побаравме одговори и од Владата, но и од Кабинетот на претседателот Пендаровски зошто беше исклучено името во спотовите и кој ја подготвил така кампањата. Од Владата не добивме одговор, но од Кабинетот на претседателот ни беше одговорено дека медиумските производи за комуникација со јавноста ги изработува тимот за комуникации во рамки на Кабинетот на претседателот. Оттаму нагласуваат дека се немало обид за избегнување на името на државата.

Во медиумските производи што беа пласирани од страна на Кабинетот на претседателот до јавноста освен со исклучок на еден производ кој што се користеше на социјалните медиуми, беше користено уставното име на земјата, што е редовна практика во комуникација на Кабинетот на претседателот со јавноста во земјава и странство. Би сакала да информираме дека не постои намера за избегнување на користење на уставното име на земјата Република Северна Македонија, како што може да се види од информативните материјали кои редовно се испраќаат од Кабинетот на претседателот, како и од брендингот на дигиталните канали (веб страници, фејсбук страна, твитер канал, јутјуб канал) кои ги користи Кабинетот на претседателот“, стои во одговорот од Кабинетот на шефот на државата Пендаровски. Оттаму додаваат дека претседателот, по повод 8 септември одликуваше со Медал за храброст 8 пожарникари и додели Повелба на Република Северна Македонија на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. На самиот ден на одбележувањето на независноста Пендаровски упати честитка до граѓаните, а имаше и видео обраќање.

 

Аналитичарите со поделено мислење за фокусот на (не)употребата на името

 

Александар Кржаловски од МЦМС вели дека за него одбележувањето на овој 8 септември – Денот на независноста, останало забележано по отсуството на името на државата.

На одбележувањето на 8 септември – Денот на независноста, впечаток ми остави отсуството на името Македонија, па и новото име на државата – Северна Македонија од промотивните материјали за централниот настан на прославата кај Школката во Градскиот парк во Скопје. И во поканата од Владата тоа изостана. Во 2-минутното обраќање на претседателот Пендаровски, само еднаш се кажа Македонија, што е за право – како независна и суверена, интересно – без употреба на Република и без Северна“, посочува Кржаловски. Но, премиерот Заев кој и вообичаено и нагласено го употребува новото име, дури знаеше и да ги поправа своите министри кои во своите изјави автоматски го употребуваа името Република Македонија. Според Кржаловски во говорот кај Школката во Градскиот парк, покрај тоа што неколку пати го спомена новото име употребуваше заменски форми.

„Во доста подолгиот 15-минутен говор на премиерот Заев, вообичаено, 5-6 пати беше спомнато името на државата – Северна Македонија, но и таму почесто беа користени термините: нашата, убава земја, нашата татковина, нашата држава. Пред неколку години, за овие работи се расправавме со Европската унија – колку во нивните извештаи за напредокот на Македонија се спомнува името на државата, како и придавката „македонски“, а сега самите си се ограничуваме па за да избегнеме да кажеме Северна Македонија, не кажуваме ни Македонија, туку нашата земја/татковина/држава. Не дека критикувам други, бидејќи и јас најчесто така правам, или „се фаќам“ дека потсвесно така сум направил“, наведува Кржаловски.

По многуте реакции во јавноста за тоа дали требало да се слави како Република Македонија или Република Северна Македонија или уште повеќе дека го одбележуваме историскиот момент а не под кое име е колумнистот Ѕвездан Георгиевски, кој вели дека во јавноста непотребно се полемизира околу ова прашање.

Најчестата дилема што можев да ја видам по социјалните мрежи беше лажното прашање: Дали го славиме Денот на независноста на Република Северна Македонија или на Република Македонија. Она што е битно, а што редовно го забораваме е фактот дека станува збор за државотворни датуми“, истакнува Георгиевски, кој како пример го наведува и чествувањето на Илинденското востание, во кое беше формирана Крушевската Република и сега дали и за тоа треба да прашуваме дали треба да се празнува, а го нема тука името на државата.

 

Република Северна Македонија годинава за прв пат ја прославува независноста под новото име. На 8 септември пред 28 години Македонците го остварија својот стремеж за создавање независна и суверена Македонија. Тогаш граѓаните масовно излегоа на референдум за независност на кој се изјаснија дека сакаат да живеат во самостојна и суверена држава.