Денешна дата
11/12/2018

KАМПАЊА ПРОТИВ НЕХИГИЕНАТА

Ова е писмо што пред повеќе од половина година го доставив до министерот Тодоров, но, за жал, не добив одговор. Сакам да апелирам до вас како медиум да направите нешто во поглед на страшната нехигиена која владее во Р. Македонија. Поведете иницијативи во овој правец. Потребни се интензивни медиумски кампањи за да се промени грозната слика во поглед на хигиената кај нас. А македонските медиуми може да направат навистина многу во тој правец…

Веќе подолго време сум на мислење да ви се обратам по повод една многу важна тематика. Имено, цело време околу нас гледаме луѓе што немаат ни елементарна хигиена, луѓе што непријатно мирисаат, па непријатно им мирисаат пазуви, нозе, чорапи и слично. Замислете што ќе рече странец кој ќе дојде кај нас и ќе биде соочен со луѓе што неподносливо смрдат?

Во исто време погледнете ја ситуацијата со тоалетите во Македонија, во разните кафеа, ресторани и слично, тоа е страшна глетка! Истите тие кафулиња, ресторани, клубови, па дури и одредени хотели, хостели и слично не користат, тоа одговорно го тврдам, ниту средства за дезнифекција и хигиена на санитарии, па често сме изложени на ризик влегувајќи во таков тоалет од тоа да се заразиме со некоја заразна болест. Истото важи и за фабриките и за помалите бизниси и нивните тоалети. Друг момент што сакам да Ви го посочам е тоа што во поголемите градови низ Македонија би можело да се одвојат пари за купување кесички „вц-нет“ за септички јами или кои било други средства за иста намена што ќе го спречат ужасно непријатниот мирис од канализациите низ Македонија, а воедно ќе ги уништат штетните микроорганизми и паразити што егзистираат во самата канализација и кои со обично третирање, односно прочистување на водата не се уништуваат и остануваат како ларви во самиот талог од прочистувањето! Владата на Р. Македонија мора да обезбеди пари за купување хемиски средства за директно чистење на канализационите мрежи и за уништување на паразитите во истите, тоа навистина н` засега сите нас. Досега Владата обезбеди средства за градежни работи кои секако се важни за имиџот на една земја, но обезбедувањето финансиски средства за оваа намена е од суштинско значење за нашето здравје и за нашите животи. Погледнете ги статистиките од употребата на хемиските средства и средствата за лична хигиена, парфемите, дезодорансите, за жал, Македонија е на дното од Европа и светот по користење, што е поразително. Многу семејства покрај тоа што немаат лични хигиенски навики, не ја чистат тоалетната шолја со средства за чистење (што е задолжително ако не еднаш дневно барем еднаш неделно), па сведоци сме на разни епидемии и зарази.

Сликата на една држава доаѓа и преку хигиената. Најстрашно од с` е што зборувањето на темата лична хигиена често во Македонија е табу.

Со овој имејл сакам да ве замолам да предложите на седница на Владата (или, пак, самоиницијативно да побарате средства за тоа) да се изработат видеоспотови, брошури, упатства итн. И тоа ако е можно за најкраток рок. Материјал со кој ќе му се укажува на населението за опасноста од ширење на заразните болести, за важноста од практикувањето на личната хигиена и колку е срамно и за нив, а и за сликата на државата постоењето луѓе што не обавуваат елементарна хигиена. Истовремено со оваа кампања ќе се зголеми користењето на хемиските средства и на средствата за лична хигиена, па ќе имаме почиста држава и чисти, намирисани луѓе, што секако е пријатно чувство.

Во една статистика стои дека ако сите луѓе ги мијат своите раце редовно, повеќе од половината инфекции би биле спречени, а истото се однесува и на смртноста на децата од заразни болести. Веќе е докажано дека нехигиената се граничи со криминал, бидејќи неводењето грижа за истата ги убива луѓето!

Се смета дека паразитите што без да знаеме живеат во нас се едни од најголемите причинители на ненадејна смрт и влијание на истите врз нашето здравје, врз должината на животот до крај не е испитана! И самите не сме свесни колкаво е влијанието на паразитите врз севкупното живеење на човекот. Додека Русите и Американците се народи што најчесто се тушираат, Македонците се на дното на светот, сметам дека тоа мора да се промени за доброто на сите нас. Не постои поважна и посуштинска работа во животот на еден човек од неговото здравје и од хигиената. Направете го тоа што е во ваша моќ за да се променат навиките на жителите на Македонија. Со оваа кампања од типот на сите претходни како на пример, „Отвори го срцето“ или „Ти си Македонија“, ќе има голем позитивен ефект и врз козметичката и хемиската индустрија на Република Македонија.

Никола Стефанов, Скопjе