Денешна дата
12/11/2019

За шест месеци згаснале шест телевизии

Според податоците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, приходите во медиумската индустрија, од година во година се во опаѓање. Лани, во споредба со 2017 година тие бележат пад од 6,03% и воедно се најниски приходи во последните пет години: приходите на Македонската радио-телевизија се намалиле за 8,44%, на комерцијалните телевизии за 4,52%, а на комерцијалните радиостаници за 3,60%“ . Македонската радио-телевизија за прв пат по пет години прикажала загуба во работењето

Ангела Рајчевска

 

Од почетокот на годината, до сега, од регистарот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги се избришани шест телевизии. Станува збор за телевизиите ТВ Хана, ТВ Сонце, ТВ Канал 5 Плус, ТВ Скопје, К Три телевизија и  Телевизија ИРИС. Неодамна, во медиумскиот простор престана да зрачи и новоформираната 1тв, која околу себе собра звучни професионални новинарски имиња и беше најавувана како телевизија со големи аспирации. Во последниве пет години, поточно во периодот од 2014 до 2019 година избришани се вкупно 30 трговски друштва што емитуваат телевизиска програма. Во моментов, во регистарот на АВМУ има 49 телевизии. Но, загрижува фактот што секоја година се повеќе телевизии згаснуваат. Па така, во 2014 година згаснала само една телевизија, во 2015 година биле две, во 2016 година-шест, во 2017-осум, додека лани биле седум телевизии кои престанале да зрачат во етерот.

 

 

Локални медиуми зависни од општините

 

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија- Исток, Тони Михаилов, вели дека згаснувањето на медиум е тажна слика за една држава, и од тој аспект смета дека згаснувањето на последно избришаната телевизија од регистарот, ТВ Ирис, е настан кој е непријатен за секоја личност која се залага за подобро информирање и подобро новинарство.

„Во конкретниот случај, моите информации се дека ТВ „Ирис“ престана да емитува програма поради одземање на лиценцата од страна на АВМУ, поради неплаќање на надоместокот за лиценца. Зад неплаќањето пак, се крие лошото менаџирање со телевизијата, а од одговорност не треба да се изземат и сопствениците, кои го имале последниот збор при назначувањето на личности на раководни позиции“ – појаснува Михаилов.

Тој потсетува на периодот пред одземање на лиценцата кога состојбите биле неповолни, за што говори податокот дека вработените не добивале плати по три-четири месеци.

„Секако дека на ваквите состојби големо влијание има и општата состојба, пред се, медиумскиот пазар, каде што подолг период локалните и регионалните медиуми беа доведени во ситуација да зависат од средствата кои ги добиваат од општините, јавните претпријатија и од други државни извори (кампањи, проекти…), а притоа многу малку да се посветува внимание на маркетингот, на, и без тоа, намалениот колач од рекламерите“ , дополнува Михаилов.

Ова, смета Михаилов, е проблем и на сите останати медиуми, кои мака мачат да опстанат во таква ситуација, а во крајна линија тоа негативно се одразува и на новинарството и на информирањето, бидејќи зависноста од парите на општините и на државата не остава многу простор за критичко известување.

 

Згаснување поради неплатени сметки

 

Според податоците добиени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ТВ Ирис, К Три телевизија, ТВ Скопје, ТВ Канал 5 Плус се избришани поради одземање на дозволата за ТВ емитување, поради неплаќање на годишниот надоместок за дозвола во законски утврдениот рок.

ТВ Хана доставила писмено известување до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дека поради финансиската состојба и немањето можност повеќе да работи, престанува со емитување програма. Во овој случај, дозволата престанала да важи по сила на закон.

ТВ Сонце која имала дозвола за ТВ емитување на државно ниво преку сателит, поднела барање за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс. По добивањето на новата дозвола, по сила на закон, претходната дозвола престанала да важи.

 

 

Трендот на згаснување расте, приходите опаѓаат

 

Новинарот Ване Трајков од Струмица, за згаснувањето Телеканал А1, вели дека се должи на секнување на финансиските извори од претходната власт, што резултирало со редуцирање на програмските содржини и вработените.

„Како што е трендот на лоша пазарна економија, сите медиуми што се конвенционални телевизии и радија, ќе згаснат. Не сакам да се случи, но сериозно стравувам, бидејќи ние сме ориентирани на пазарот, компаниите имаат се помалку финансиски капацитет за рекламирање. Оние кои што се помоќни одат со агенции кои што се во Скопје и обично се рекламираат на националните телевизии“, дополнува Трајков.

Со него се согласува и Михаилов, кој вели дека и останатите медиуми во регионот се соочуваат со сериозни проблеми и се на граница на опстанување. За тоа придонесуваат високите суми кои треба да ги издвојат за лиценци, малиот пазар за рекламирање и зависноста од државните пари.

„Не верувам дека во Штип би дошло до згаснување и на другата регионална телевизија -ТВ Стар, каде нема доцнење во плати, но во вакви услови, не гледам простор за напредок. Потребна е сериозна помош на регионалните и локалните медиуми, но помош која нема да ги направи зависни од државата или од власта или опозицијата. Уште полоша е ситуацијата во Кочани, со мал број на кадар и со големи проблеми функционираат двете телевизии (ТВ Кочани и Канал 8), а во останатиот дел од регионот новинарството одамна е речиси згаснато“, образложува Михаилов.

За да обезбеди сеопфатни сознанија за состојбите во телевизиската и радиската индустрија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, почнувајќи од 2007 година, редовно изработува годишни анализи на пазарот. Минатогодишната анализа покажува опаѓање на приходите во оваа медиумска индустрија.

„Според последните податоци, односно податоците од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година, приходите во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија, од година во година се во опаѓање. Во споредба со 2017 година тие бележат пад од 6,03% и воедно се најниски приходи во последните пет години: приходите на Македонската радио-телевизија се намалиле за 8,44%, на комерцијалните телевизии за 4,52%, а на комерцијалните радиостаници за 3,60%“ , појаснуваат од АВМУ.

На крајот од минатата година, финансиските резултати од работењето на сите три сегменти на индустријата – јавниот сервис и комерцијалните телевизии и радија бил негативен, односно имало загуба во износ од 96,91 милиони денари. Македонската радио-телевизија за прв пат по пет години прикажала загуба од работењето.

Од АВМУ дознаваме и дека нови барања за доделување дозвола за ТВ емитување нема.