Денешна дата
21/03/2023

МВР ќе рента 9 возила за 307.000 евра, a потоа ќе ги врати

Во просек, за 3 години, МВР ќе плати по 35.000 евра за возило, сума која е приближно иста со цената на возилата доколку ги купи од автосалон и станат сопственост на МВР. Во изнајмените „шкоди“ и „пежо“-а ќе се возат Вип личности, делегации и гости, покажа истражувањето на Инбокс7

Александра Филиповска

 

Министерството за внатрешни работи преку оперативен лизинг изнајмува 9 возила од две автомобилски компании за кои за 3 години ќе треба да плати речиси 307.000 евра и потоа ќе треба да ги врати. Во просек, за тие 36 месеци, Министерството ќе плати по 35.000 евра за возило, сума која е приближно иста со цената на возилата доколку ги купи од автосалон и станат сопственост на МВР. Возилата се за Бирото за јавна безбедност, а во нив ќе се возат вип личности, делегации и гости, произлезе од истражувањето на Инбокс7.

Договорите се склучени на крајот на јули, а тендерот го добиле компаниите „Порше лизинг“ и „Еуроимпекс“. „Порше лизинг“ за сума од 247.000 евра треба да изнајми 7 патнички возила марка „Skoda Superb Ambition“, кои МВР ќе ги користи во наредните 36 месеци и ќе ги врати. Или, министерството ќе плаќа месечно по речиси 1.000 евра по возило или околу 35.000 евра за три години. Притоа, договорот предвидува дека полицајците за тие три години треба да поминат до 100.000 километри, а секој нареден километар министерството ќе го плаќа дополнителни 17 денари.

Договорот пак, со „Еуроимпекс“ е вреден речиси 60.000 евра, кои МВР треба да ги исплати на компанијата за тригодишно изнајмување на две комбиња од моделот „Peugeot Traveler“. Или, месечно, за лизингот, МВР треба да плаќа по 1.200 евра за комбе. Со овој договор доколку полицајците извозат повеќе од 100.000 километри за трите години, министерството ќе треба да плаќа по 30 денари за секој нареден километар.

 

МВР: Цените на изнајмените возила се реални

Од МВР велат дека цените на изнајмените возила се реални. Возилата морале да ги изнајмат бидејќи пропаднал претходниот тендер со кој сакале да ги купат. А возниот парк на „обезбедувачите“  бил стар и небезбеден.

„Оваа набавка се спроведува со цел да се обезбеди непречено и професионално работење на Одделението за обезбедување на странски делегации и учество на манифестации (превоз на делегации и гости, како и определени и VIP личности), чиј постоен возен парк е стар  и небезбеден и не е во состојба да одговори на потребите на секојдневното работење на ова одделение односно може да настанат несакани последици“, појаснуваат од МВР и додаваат:

„Согласно направеното истражување на пазарот за овој тип на набавка, а поаѓајќи од фактот што за истиот предмет претходно е спроведена постапка за јавна набавка со опција за купување на возила на месечни рати, која заврши со поништување на постапката бидејќи немаше ниту еден понудувач, односно од страна на економските оператори беше побарано да се плати учество за возилата согласно услугите за финансиски лизинг или кредитирање. Според Планот за јавни набавки и буџетот на Министерството за внатрешни работи како оптимална опција се спроведе постапка за Услуги за изнајмување на возила по пат на оперативен лизинг, со што се одговори на потребите за непречено и професионално работење на Одделението за обезбедување на странски делегации и манифестации. Што се однесува до понудените цени за овој тип и предмет на набавка, вредноста на набавката е со реална пазарна вредност и по истекот на договорот за оперативен лизиг, МВР има право да ги откупи возилата кои се предмет на оваа набавка“, велат од МВР.

Од Министерството потенцираат дека со изнајмувањето,  добиваат бесплатен сервис и одржување на возилата, но и бесплатна замена на зимски и летни гуми за три години.  Тие нагласуваат дека седумте патнички моторни возила, покрај техничките карактеристики наведени во спецификацијата, поседуваат минимум еуро 6 или негов еквивалент, електронска програма за стабилност на возилото ESP, систем за автоматско одржување на растојанието до возилото напред, систем за автономно сопирање при ризик од фронтален судар на мали брзини и др. Додека, двете комбиња, покрај техничките карактеристики наведени во спецификацијата, имаат минимум „Еуро 5“, електронски систем за стабилност, систем против пролизгување, старт стоп систем, минимум 1+8 седишта, наменето за транспорт на повеќечлени делегации.

„Во текот на траењето на гаранцискиот период од три години (поминати 100.000 километри), вклучено е целосно сервисно одржување на возилата, како и бесплатна промена на пневматиците за секоја сезона во периодот од три години. “- одговорија од МВР.

 

МВР за закуп ќе плати исто пари колку и да ги купи автомобилите

 

Цените на „Skoda Superb Ambition“  какви што изнајмува МВР во автосалон во земјава изнесуваат околу 35.000 евра без додатна опрема. А, МВР само за изнајмување за три години ќе треба да плати по околу 35.000 евра по автомобил и да ги врати.

Додека комбињата од моделот Пежо во автосалон чинат од 30.000 до над 46.000 евра.

 

 

Поради „техничка грешка“ во договорот на МВР граѓаните ќе платеа 27.000 евра повеќе

„Инбох7“ откри грешка во договорот на МВР склучен со „Еуроимпекс“ за набавката на двете Пежо комбиња со која граѓаните ќе платеа уште еден автомобил, или 27.000 евра повеќе за оваа набавка за изнајмување на возилата. Но, откако математиката на „Инбох 7“ покажа дека математиката на МВР во веќе потпишаниот договор со компанијата е погрешна, министерството ја исправи грешката преку анекс на договорот.

Имено, според вкупната сума од договорот за изнајмувањето на двете комбиња која е 59.777 евра, МВР треба да плати по 29.888 евра по комбе за три години. Но, збунувачка беше месечната сума која треба да ја исплаќа по возило која во договорот е наведено дека изнесува 74.340 денари со ДДВ, која ако се помножи со 36 месеци излегува дека сепак МВР ќе треба да плати по 43.516 евра за три години за едно возило, или вкупно 87.000 евра, а не 60.000 евра или по речиси 30.000 евра како што покажува вкупната сума на склучениот договор.

Од МВР откако ги почекавме неколку денови, одговорија дека направиле „техничка грешка“ и ја исправиле со анекс на договорот.

„Ве известуваме дека во член 4 од договорот е направена техничка грешка и истата е корегирана со анекс на договор каде што член 4 гласи: Месечниот износ на лизингот за едно возило (патничко моторно возило) комби изнесува 51.059,65 со пресметан данок на додадена вредност“. – одговорија од МВР.

 

Полицијата  со „најбогат “ возен парк

Јавноста бурно реагираше за набавките преку оперативен лизинг на неколку државни институции. Експертите реагираа дека треба да се води сметка дали преку ваквите набавки наменски се трошат парите на граѓаните.

„Што е поефикасно да ги купите и задржите како свои или да го земете под лизинг и да ги вратите. Принципите на ефикасност и економичност мора да се почитуваат во јавните набавки. Тоа се главните принципи при јавните набавки“- изјави Вања Михајловска, поранешен член на Антикорупциска комисија.

Службата за општи и заеднички работи на Владата на РСМ минатата година преку оперативен лизинг изнајми 45 возила за кои треба да плати 1,7 милиони евра. Образложението од Владата беше дека било поевтино да изнајмуваат отколку да купуваат возила, бидејќи многу пари трошеле за одржување на возниот парк. Додека пак, претпријатието кое немаше за плати на своите вработени, АД „Водостопанство“ во државна сопственост, на почетокот на годинава изнајми 15 возила за кои за пет години ќе плати 417.000 евра. Пресметките на медиумите покажаа дека ако ги купеше возилата претпријатието ќе платеше 270.000 евра или 150.000 евра помалку отколку што ќе плати за да ги изнајми и да ги врати. Иако за ова набавка се заинтересира и Обвинителството и Антикорупциската комисија, се уште нема никакви информации од таму дали ќе се покрене некаква постапка.

Инаку, основната разлика помеѓу финансискиот и оперативниот лизинг е во тоа што финансискиот лизинг е финансирање на купувањето, во случајот автомобили, односно корисникот на лизинг станува сопственик  со исплатата на последната лизинг рата. А кај оперативниот лизинг-закупот, кој го користат државните институции и во случајов МВР возилото се дава на користење како рент а кар. По завршувањето на закупот, возилото се враќа кај закуподавецот, во случајот автомобилските компании.

Инаку МВР до сега секогаш купувало возила, а ова е прв пат да изнајмува.Така годинава во април министерството купи 10 возила за транспорт и брзо распоредување од марката „Fiat Ducato“ за кои плати 287.000 евра. Претходната Влада, пак, во јуни 2016 година купила 45 теренски возила за кои платила 619.000 евра.

Предметот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство ја опфати набавката на 300 возила за МВР со која буџетот е оштетен за над 450.000 евра, бидејќи не била избрана најевтината понуда, предмет за кој поранешниот заменик  министер во МВР, Ѓоко Поповски ја отслужува затворската казна.

Од МВР не одговорија на нашето прашање со колку возила располага министерството. Но, според истражувањето на „Центарот за граѓански комуникации“ МВР располага со најбогат  возен парк од 1.559 возила или поседува 70 проценти од сите возила во министерствата.