
Општините дарежливи со туѓи пари, трошат повеќе отколку што имаат
Скопје 2014, проект со кој градот Скопје избива на прво место по сумата пари потрошена за еден од најголемите и најконтроверзни тендери во претходниве 5 години. Но, скромност речиси и да нема дури и кај најмалите општини кои трошеле на се и сешто-од мали, контроверзни тендери, луксузни автомобили, па се до прослава на празници кои се непознати за пошироката јавност
ДОКУМЕНТАЦИЈА: ДЕТАЛЕН ПРЕГЛЕД НА ОПШТИНСКИТЕ ТЕНДЕРИ
Светлана Унковска
Многумина можеби не слушнале за малата општина Ранковце, која е лоцирана во североисточниот дел од земјава. Мала општина, но и мал буџет. За четирите илјади ранковчани секако не може да се очекува да се направи многу со буџет од само 250 илјади евра колку што општинските власти потрошиле претходниве пет години, од кои повеќето (или над 200 илјади евра) се потрошени за изградба на локални патишта. А по нив сега се вози градоначалникот со својот нов автомобил купен од општинската каса за нешто над 700 илјади денари или над 10 илјади евра. Тој секако не може да му парира на неговиот општински “колега” од Струга, Рамиз Мерко кој предизвика бурни реакции во јавноста откако се поднови со купувањето на “аудито” вредно 67 илјади евра. Дополнително, Мерко набави и уште три автомобили што заедно со “аудито” ја чини општината 114 илјади евра и тоа во услови кога струшкиот буџет имаше долг од околу 7 и пол милиони евра. Скапи автомобили, општински прослави, контроверзни тендери, во услови кога општините до гуша се заглавени во долгови и чекаат милост од Владата да им се простат долговите.
Инбокс 7 истражуваше кои се најголемите 10 тендери на кои општините ги трошеле парите во изминативе пет години. Според тендерите кои ги анализиравме, урбаните општини трошат најмногу на одржување патишта, а руралните на изградба на водоводни и канализациони мрежи. Најмногу пари потрошил Град Скопје, а најмалку општина Ранковце.
Град Скопје со најголеми трошења, најмногу за Скопје 2014
Најголеми трошења за изминативе пет години прикажува Град Скопје, што е најголема општина по број на жители. Вкупниот износ на најголемите 10 тендери изминативе 5 години во Град Скопје е 1.141.177.841 денари или околу 18 милиони и 400 илјади евра, ако се има предвид дека бројот на жители е 506.926 тоа претставува дека по глава на жител се потрошени 2.251 денар или околу 36 евра.
Но, тука влегува и периодот на изградбата на Скопје 2014. Па, така, голем дел од парите во 10-те најголеми тендери се за обнова во барокни фасади, изградба на плоштадот на ВМРО, забавни паркови, набавка на реквизити, објекти. Дел од тендерите се однесуваат и на изградба на булеварите ХТ Карпош и Србија со кружен тек, како и за одржување на улици и ангажирање на специјално возила за зимско одржување.
ОПШТИНИТЕ СПОРЕД ПОТРОШЕНИ ПАРИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 5 ГОДИНИ
Центар: Училиште во Капиштец и изградба на канализација
Потрошени се нешто повеќе од 640 милиони денари или над 10.000.000 евра. Со број на жители од 45.362, значи дека е потрошено по 14.100 денари или околу 230 евра по лице. Тендерите се за изградба на општинско основно училиште во Капиштец, изградба на фекален колектор, фекална и атмосферска канализација и конструкција на коловоз, партерно уредување и реконструкција на коловоз и изведба на атмосферска канализација, реконструкција на постоечка улична мрежа и изградба на водовод и канализација, доградба и реконструкција на основно училиште Гоце Делчев, хортикултурно уредување и системи за наводнување, потоа за отстранување на времени објекти и дивоградби.
Битола: Се трошело на масло за затоплување и реконструкции
Општината изминативе 5 години за 10-те најголеми тендери потрошиле 563 милиони денари или 9 милиони евра. Во Битола живеат 95.385 граѓани што претставува инвестирање од 5.900 денари или 95 евра по жител. Главно се плаќало за масло за затоплување, изградба на коловози, адаптација на спортската сала Младост, изградба на северна трибина на фудбалски стадион, градежно занаетчиски работи за изградба на кино Манаки.
Куманово: Превоз на ученици
Потрошени над 340 милиони денари или околу 5.500.000 евра. Бројот на жителите во оваа општина е 105.484, што претставува инвестиции од 3.200 денари или 52 евра по лице. Платено е за превоз на ученици во основни и средни училишта, за набавка на масло за горење, за реконструкции на улици, за одржување на јавно прометни површини, обновување на сообраќајници и тротоари со бехатон плочки, како и за поставување привремени паркиралишта.
Гевгелија: Најмногу се трошело на улици
Потрошени се 210 милиони денари или 3.400.000 евра. Вкупно се 22.988 жители што претставува инвестирање од 9.100 или по 150 евра по жител. Изградена примарна и секундарна сообраќајна мрежа, улици, дел од булевар, локални патишта, изградени и реконструирани тротоари, патеки и улици со павер, како и изградба на атмосферски канализациони линии и набавка на масло за горење.
Македонска Каменица: Изградена капела
Потрошени 167 милиони денари или 2.700.000 евра. Во општината живеат 8.110 лица што претставува инвестирање од 20.000 денари или по 330 евра по жител. Изградени и реконструирани се улици, патишта, како и изградена е фекална и атмосферска канализација, доградена детска градинка, како и изградена е капела и уредени нови градски гробишта.
Штип: Платформа за паркирање
Потрошени 152 милиони денари или околу 2.500.000 евра. Општината брои 47.796 жители што претставува инвестирање од 3.200 денари или 51 евра по лице. Реконструирани и изградени улици и локални патишта, набавка на екстра лесно масло за потребите на основните и средните училишта, изградена платформа за паркирање, набавени павер елементи, изградена велосипедска патека, како и изградба на крстосници и поврзување на улици.
Охрид: Тендери за патна мрежа
Општина Охрид во изминативе 5 години потрошила 140 милиони денари или околу 2 милиони и 200 илјади евра. Општината има 55.749 жители што значи по жител е потрошено околу 2.500 денари или 40 евра. Главно тендерите се однесуваат за изградба на улици, патеки, нивно асфалтирање, одржување и реконструкција на патната мрежа.
Кочани: Модернизирано улично осветлување
Потрошени 135 милиони денари или 2.180.000 евра. Со број на жители од 28.330, општината инвестирала по 4.800 денари или 77 евра по лице. Изведена е реконструкција и модернизација на систем на улично осветлување, изградба на локални патишта,, платено за снабдување со електрична енергија, изградба на локален пат кај Пониква, како и изградба на фекална и атмосферска канализација.
Кавадарци: Најмногу се трошело на масло за греење
Потрошени нешто повеќе од 123 милиони денари или околу 2.000.000 евра. Општината има 38.741 жители што значи дека по 3.200 или 51 евра е инвестирано по глава на жител. Најмногу се трошело за набавка на масло за горење, како и за реконструкција и асфалтирање на патишта, изградба на булевари, но и за регулација на коритото на реката Луда Мара.
Долнени: Патишта, превоз и огрев
Потрошени се околу 120 милиони денари или околу 1.900.000 евра. Општината има 13.568 жители што по жител изнесува 8.800 денари или 143 евра. Изведена е реконструкција на постоен локален пат, изградба и реконструкција на патишта, превоз на ученици, набавка на дрва за огрев на основни училишта, како и за изградба на канализациони и водоводни системи.
Велес: Градски пазар и привремени вработувања
Потрошени се 119 милиони денари односно околу 1.900.000 евра. Општината брои 55.108 жители што е инвестирано по 2.200 денари или по 35 евра по лице. Набавувана е нафта за греење, потоа изградба, реконструкција и санација на објекти од високоградба, изградба на улици, патишта, тротоари, објекти-ѕидови, водоснабдителна инфраструктура, изведба на водоводна линија, градски пазар, а плаќано е и за привремени вработувања.
Студеничани: Улици, улици и само улици
Потрошени се 115 милиони денари или нешто повеќе од 1.800.000 евра. Со вкупно 17.246 жители претставува инвестиции од 6.670 денари или 107 евра по лице. Изграден е дел од локален пат за село Цветово, инвестирано е во изградба санација и тековно одржување на водоводна и канализациона мрежа, изградба на улици. Реконструкција на патна, водоводна и канализациона мрежа и реконструкција на улици.
Пробиштип: Реконструкција на парк
Општината потрошила 102 милиони денари или нешто повеќе од милион и 650 илјади евра. Во Пробиштип има 16.193 граѓани, што значи дека инвестициите по жител изнесуваат по 6.300 денари или по нешто повеќе од 100 евра. Изградени се улици, асфалтирање улици, реконструирано е улично осветлување со електрични инсталации, реконструкција и проширување на парк, изградба на капела, изградба на сервисни улици и нова водоводна и канализациона линија.
Валандово: Уредување на индустриска зона Јосифово
Потрошени 93 милиони денари или 1.500.000 евра. Со вкупно 11.890 жители инвестирано е по 7.800 денари или по 120 евра по лице. Реконструирана е летната сцена на Домот на култура 25 Мај, изграден е локален пат, реконструиран дел од булевар, реконструкција на градски пазар, изградена фекална канализација, асфалтирање улици и уредување на инфраструктура на индустриска зона Јосифово.
Чашка: Набавка на мобилни
Потрошени околу 92 милиони денари или околу 1.500.000 евра. 7.673 жители има општината што претставува по 12.000 денари или 193 евра потрошено по жител. Плаќано е за набавка на мобилни телефони, за исхрана во народна кујна и ученички дом, за водоснабдување, за времени вработувања, за набавка на ровокопач, на возило за собирање на комунален отпад превоз на ученици и вработени во основни училишта, како и за реконструкција на локални патишта.
Дебарца: Фекална канализација
Потрошени се околу 86 милиони денари или околу 1.400.000 евра. Вкупно население има 5.507 што претставува инвестиции од 15.600 денари или по 250 евра по жител. Главно се однесува на изградба на фекална канализација,спортска сала, улици, санација на дом во с.Лешани, асфалтирање улици, набавка на возило за собирање комунален отпад отпад како и набавка на комунални возила.
Боговиње не кажува на што ги трошат парите
Потрошени се околу 83 милиони денари или нешто повеќе од 1.300.000 евра. 28.997 вкупно жители има Боговиње што значи дека инвестирано е по 2.900 денари или 46 евра по лице. Од оваа општина не доставиле податоци за што конкретно ги потрошиле парите.
Новаци: Полски патишта
Потрошени 82 милиони денари или 1.300.000 евра. Општината има 3.549 жители и со тоа инвестициите изнесуваат 23.100 денари или по 370 евра по лице. Се потрошила за изведба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици, санација и одржување на полски патишта, како и за набавка и монтажа и поправка и одржување на улично осветлување.
Желино: Зимско и летно одржување на патишта
Потрошени 82 милиони денари или 1.300.000 евра. Со вкупно 24.390 жители општината има инвестирано по 3.400 денари или 54 евра по лице. Изградени и реконструирани се неколку локални патишта, ангажирано е зимско и летно одржување на локалната патна мрежа, набавен и транспортиран асфалт за поправка на локални патишта, изработка на урбанистички план, одржување на јавно осветлување, набавка и вградување на бехатонски плочки, изградба на фекална канализација и фекална канализациона мрежа, набавка на прехранбени и хигиенски артикли за помош на лица.
Дебар: Тротоари и улици
Потрошени се околу 79 милиони денари односно околу 1.300.000 евра. Општината има 19.542 жители што по глава на жител изнесува околу 3.700 денари или 59 евра. Спроведена е набавка на камени плочи за центарот на градот, изградба на тротоари, реконструкција на улици, градежно-монтажни работина водоводна и канализациона мрежа, изгррадба и реконструкција на градски улици и локални патишта, како и изведба на цевковод за прифаќање атмосферски води.
Чешиново Облешево: Канализационен систем
Потрошено 76 милиони денари или над 1.200.000 евра. Општината има 7.490 жители што претставува вложување од околу 10.000 денари или 164 евра по жител. Изграден е канализационен систем во Облешево, фекална канализација во Чифлик, водоснабдителен систем во Облешево, изградба на улици, за над 1.100.000 денари е набавен автомобил, изведба на бунар во с. Спанчево, пешачка патека, а платено е и за работа со градежна машина.
Делчево: Реконстрирани делови од патишта
Потрошени околу 75 милиони денари или 1.200,000 евра. Во Делчево живеат 7.713 лица што значи дека за секој од нив е вложено по 9.700 денари или по 150 евра. Инвестирано е во реконструкција на локален пат, изградба на делови од улици, набавка на масло за горење, изградба на улици, пристапни патеки и тротоари, дел од локален пат, дел од сервисна улица и интегрирана сообраќајна површина.
Старо Нагоричане: Главно се трошело на изградба на патишта
Оваа општина потрошила околу 73 милиони денари или околу 1.200.000 евра. Бројот на жители е 4.840 што претставува инвестиции од 15.000 денари или 243 евра по жител. Потрошено е главно за изградба на патишта, за превоз на ученици и набавка на градежни машини, теренско возило и опрема за трактор
Јегуновце: Инфраструктурни објекти
Потрошени околу 71 милион денари или околу 1.150.000 евра. Со вкупно 10.790 жители оваа општина има вложено по 6.600 денари или по 106 евра по лице. Главно е трошено за изградба на инфраструктурни објекти, фекална канализација, колектор за фекални води, патишта, пумпна станица и цевковод, како и поплочување улици со бехатон плочки.
Виница: Асфалтирани улици
Потрошени околу 70 милиони денари или над 1.100.000 евра. Општината има 19.938 жители што претставува инвестиции од 3.500 денари или 57 евра по лица. Со парите се асфалтирани улици, поплочени тротоари, исплатено за изведба на фекални канализации, за изградба на водовод, за градежни работи, изградба на локални патишта, на фабрика за прочистување на вода, за осветлување, како и за набавка на возило ровокопач.
Крива Паланка: Најмногу се купувало масло за греење
Потрошени се околу 70 милиони денари или нешто повеќе од 1.100.000 евра. Бројот на жители изнесува 20.820 што значи потрошено е по 3.400 денари или по 54 евра по жител. Главно е потрошено пи набавка на масло за греење на училиштата.
Радовиш: Греење во училишта
Радовиш околу 70 милиони или нешто повеќе од 1.100.000 евра толку потрошила во најголемите 10 тендери изминативе 5 години. Општината има 28.244 жители што значи дека по глава на жител е инвестирано по 2.500 денари или 40 евра. Плаќано е за греење за училиштата а останатото за изградба на улици во село Калуѓерица, потоа атмосферска канализација и водоводна мрежа во Радовиш.
Брвеница: Изградба на училиште
Потрошени 68 милиони денари или околу 1.100.000 евра. Со 15.855 жители инвестирано е по 4.300 или по 69 евра по жител. Општината вложила за изградба на училиште и реконструкција на пат, изградба на дел од фекална канализациона мрежа изградба и реконструкција на улици, патишта и тротоари
Виница: Асфалтирање и поплочување улици
Виница со околу 65 милиони денари или околу 1.000.000 евра. Општината има 19.938 жители што значи по жител е вложено околу 3.300 денари или 52 евра. Трошено е за изградба на фекална канализација, асфалтирање и поплочување на улици, набавка на ровокопач, изведба на патишта како и водовод и канализација.
Крива Паланка: Без детали за трошењата
Најголемите 10 тендери на Крива Паланка изнесуваат околу 65 милиони денари или околу 1.000.000 евра. Оваа општина има 20.820 жители, што претставува инвестирање од 3.120 денари или по 50 евра по жител. Но нема многу информации за што се трошеле парите. Најголем дел од тендерите напишале дека се отворен повик, додека за неколку од нив е наведено дека се за набавка за масло за горење.
Демир Хисар: Набавка на 4 минибуси
Потрошени се 61 милион денари или нешто повеќе од 980.000 евра. Брои 9.497 жители што значи дека е инвестирано по 6.400 или 103 евра по лице. И тоа за изведба на потпорни ѕидови, канализација, набавка на 4 минибуси за транспорт на ученици, набавка на масло за горење, реконструкција на улици, изградба на нова водоводна линија и мрежа, изградба на локални патишта и реконструкција на улици.
Старо Нагоричане: Теренско возило и машини
Општината потрошила 60 милиони денари или нешто повеќе од 970 илјади евра. Бројот на жители е 4.840 што претставува инвестиции од 12.400 денари или 200 евра по лице. Изградени се локални патишта, набавено е лесно теренско возило и градежна машина со придружна опрема за трактор, а исплатено е и за превоз на ученици на општинското основно училиште.
Богданци: Работа на пречистителна станица
Потрошени се околу 54 милиони денари или нешто повеќе од 877.000 евра. Со вкупно 8.707 жители претставува инвестирање од 6.200 денари или по 100 евра по жител. Платено е за работење на пречистителна станица, изградба и проширување на улично осветлување, уредување улици, изградба на атмосферска канализација и изработка на основни проекти.
Берово: Зелен пазар
Потрошени се нешто помалку од 52 милиони денари или над 830.000 евра. Со вкупно 13.941 жител општината вложила по 3.700 денари или 60 евра по лице. Изградени се и реконструирани улици, изградена кружна раскрсница, изграден е мост преку Смојмирска река, како и зелен пазар.
Теарце без одговор на што ги троши парите
Потрошени 52 милиони денари или околу 840.000 евра. Со 22.454 жители инвестирано е по 2.300 денари или по 37 евра по лице. Општина Теарце нема наведено за што конкретно ги потрошила парите.
Василево: Реконструкција на Културен дом
Потрошени се околу 50 милиони денари или 814.000 евра. Со 12.122 жители значи дека оваа општина вложила по 4.100 денари или по 66 евра по лице. Тендерите се за регулација на Сушевски порој, изградба на улици, на повеќенаменско игралиште, реконструкција и ревитализација на улици, како и реконструкција и адаптација на Културен дом во спортска сала.
Пласница молчи за трошењата
Потрошени се над 49 милиони или околу 800.000 евра. Општина Пласница има 4.545 жители што е по 11.000 денари или 174 евра по лице. Од оваа општина нема наведено за што точно се потрошени овие пари.
Петровец: Канализациона мрежа
Потрошени 48 милиони денари или околу 776 илјади евра. Општината има 8.255 жители што значи дека по лице е инвестирано по 5.800 денари или 94 евра. Изградена е канализациона мрежа, фекални канализации, водоводна мрежа, локални патишта, како и соблекувална за фудбалски клуб.
Градско: Улици и осветлување
Потрошени околу 43 милиони денари или 690.000 евра. Општината брои 3.760 жители што значи дека е инвестирано по 11.400 денари или 184 евра по лице. Изградени се локални патишта, улици и санација на постојни улици, потоа изградена фекална улична канаизација, како и набавка на електроматеријали и монтажа на улично осветлување.
Демир Капија: Привремени вработувања
Потрошени се 42 милиони денари односно околу 680 илјади евра. Општината брои 4.545 жители што е инвестиција по 9.200 денари или 150 евра по лице. Плаќано е за услуги за привремени вработувања, за угостителски услуги за прослава на празник 7 ноември, набавени се две нови патнички возила, исплатено за проект за инфраструктура, идееен и основен проект за мост, за изработка на урбанистички планови ревизија и проектна документација, како и за изградба на локална патна инфраструктура и изградба на плоштад.
Шуто Оризари: Набавка на службени возила
Потрошени се околу 42 милиони денари или околу 673 илјади евра. Општината има 17.357 жители што значи дека по лице е вложено по 2.400 денари или по 39 евра. Парите се дадени за реконструкција и санација на улици, набавка службени возила, набавка на горива за службени возила на општината, за изработка на урбанистички планови и геодетски услуги, изведба на фекална канализација, приклучок на водоводна и фекална мрежа за спортска сала и одржување, санација и крпење дупки на улици.
Лозово: Канализационен систем
Потрошени се околу 41 милион денари или околу 668 илјади евра. Со 2.858 жители општината вложила по 14.300 денари или по 230 евра. Изградени се улици и пешачка патека, поправка на улици, изградба на канализационен систем, изградба на спортско игралиште, како и за фасада на општинското основно училиште.
Кривогаштани: Цевоводи и канализациони мрежи
Потрошени 41 милион денари или околу 668 илјади евра. Општината има 6.150 жители што значи дека инвестирањето по лице изнесува 6.700 денари или по 107 евра. Изградена фекална канализациона мрежа, главен цевовод и пречистителна станица, реконструкција на улици, изградба на дистрибутивна водоводна мрежа, изградба на дел од канализациона мрежа, линиска инфраструктура за водоводен цевовод, надзор над изградба на инфраструктурни објекти, набавка и монтажа на цевки на систем за наводнување и набавка и вградување опрема за улично осветлување.
Сопиште: Изградена пешачка патека
Потрошени се 39 милиони денари или околу 630 илјади евра. Општината има 5.656 жители а инвестирањето по глава на жител изнесува по 6.900 денари или 110 евра. Изградена е пешачка патека, водовод, за превоз на ученици, изработка на ДУП, реконструкција и асфалтирање на улици, фекална канализација и локални водоводи, како и хортикултурно уредување на зелени површини.
Маврово Ростуша: Асфалтирање локални патишта
Потрошени околу 38 милиони денари или 612 илјади евра. Со 8.618 жители претставува инвестирање од 4.400 денари или 70 евра по лице. Тендерите се за асфалтирање на локални патишта, реконструкција и рехабилитација на локални патишта, зимско одржување на улици и патишта, изградба на подрачно основно училиште, одводни и доводни цевки, како и за услуги за привремено вработување.
Ресен: Уредување на паркот Езерани
Потрошени се 35 милиони денари или околу 570 илјади евра. Општината брои 16.825 жители што значи инвестиции од 2.000 денари или 33 евра по лице. Вложувано е во асфалтирање на локални патишта и улици, уредување на паркот на природата Езерани, за зимско одржување на улиците и локалните патишта, како и за изградба на тротоари и санирање дупки.
Центар Жупа: Локален пат
Потрошени 29 милиони денари или околу 460.000 евра. Општината брои 6.519 жители што е вложено по 4.400 или 72 евра по лице. Изграден е локален пат и реконструирани патишта и улици, изграден е зелен пазар, набавени се бетонски префабрикувани плочки, бехатон плочки, потоа саниран и адаптиран културно образовен дом, а набавено е и едно патничко возило.
Зрновци: Нов плоштад
Потрошени 27 милиони денари или 440.000 евра. Општината има 3.264 жители што претставува инвестиции од 8.300 денари или 130 евра по лице. Изградени се пристапни и локални патишта, асфалтирање на улици, реконструкција на улици и изведба на нов плоштад, изградба на парк, изградба на фекална канализација, како и регулација на Видовишка и Морошка река.
Сомнителни тендери
Голем дел од општините се заглавени во долгови, од кои некои се објективни, но некои се резултат на неодговорниот однос и незаконското трошење на градоначалниците. Во Град Скопје сепак се реализирани најсомнителните и најскапите тендери, но и покрај тоа што требаше да има веќе отворен случај од Специјалното јавно обвинителство за незаконското трошење на парите на граѓаните со проектот Скопје 2014, обвинение нема. “Инбокс7” веќе пишуваше за незаконската набавка на мобилни телефони во Општина Чашка каде претходниот градоначалник Горанчо Пановски набавил поголем број телефони, од кои дел си ги задржал за себе. За сомнителните тендери од претходниот градоначалник од оваа општина, Државниот завод за ревизија открил низа незаконитости. Обвинителството за организиран криминал отворило постапка за се што е пронајдено, по што го препратиле во велешкото обвинителство, но таму случајот останува заглавен и без натамошен исход. Во очи паѓаат и тендери на општина Демир Капија каде со парите на општинскиот буџет се купувале автомобили, а еден од тендерите е и за угостителски услуги за прослава на празник на 7 ноември (иако не е познато кој е тој празник) и само за тоа се потрошени 150 илјади денари. Незаконското работење на претходниот градоначалник ,Трајче Димитриев беше ставено и под лупа на Финансовата полиција, по што на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција минатата година му беше одреден 30-дневен притвор.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023