Денешна дата
14/10/2019

Со крпа и вода по болничките подови, се штеди на средства за хигиена

Двојно помалку пари се трошат за хигиена во Охрид и Гевгелија, во последните пет години

Во Општата болница со проширена дејност Дебар, во 2014та година имало 10 хигиеничари, во следните години тој број паднал на 8, а во оваа година на само 6. Во  Општата болница Кичево од 10.700 евра потрошени пари за хигиена во 2014та година, во 2018та година таа сума е падната на 8.900 евра

 

Љубица Иванова

 

Скопска поликлиника. Гужви вообичаено. Во одделението каде се примаат вакцини стојат наредени дечиња. Зборуваат со другарчињата дали ќе боли вакцината, дали е страшно. Некои не се вознемирени, но други се. Едното од дечињата е видно возбудено. Наеднаш почнува да му се лоши и повраќа. Родителите растрчани да најдат хигиеничарка за да исчисти. Но, на нивно изненадување, одговорот од докторите е дека-нема хигиеничарка. Прашуваат дали имаат барем хартија за да исчистат самите родители. И на ова одговорот е негативен. Родителите вџашени се прашуваат како е можно ова во здравствен објект каде нели, хигиената би требало да биде приоритет, да нема никој да исчисти.

За жал, ова е вистинска случка, а ужасната слика со отсуство на основна хигиена во болниците низ државава го потврдија и бројките од нашето истражување. „ИНБОКС 7“ истражуваше колку хигиеничарки ги одржуваат општите болници и колку државата одвојува средства за хигиена. Резултатите се поразителни – од година во година се помалку пари за чисти болници.

 

           

Помалку пари за Охрид и Гевгелија, Куманово лидер во трошења за хигиена

 

Во обид да дознаеме како болниците се грижат за хигиената во објектите, испративме барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до сите 13 општи болници на територијата на државава, а одговор добивме од 9 болници.  Дознавме дека во постојан пад се паричните средства кои се оддвојуваат за хигиена во општите болници во земјава. Во 2014- та година, пет болници заедно потрошиле 5 пати помалку пари за средства за хигиена од Јавната здравствена установа-Општа болница Куманово сама. Таа потрошила околу 13 милиони денари. Во 2015та, 2016та, 2017та и 2018та, шест општи болници трошеле три пати помалку пари од болницата во Куманово, која потрошила најмногу пари за хигиена. Сумата достигнала до 13.691.017 денари во 2017та година. По неа следува Градската општа болница „8-ми Септември“, која во 2018та година достигнала до исплатена сума од  13.204.227 денари. По неа следува Општата болница Кавадарци со 1.410.436 денари, потоа, Општата болница Струга, која троши во просек 1.360.000 денари годишно, па Општа болница Охрид со одвоени околу милион денари годишно за средства за хигиена.

Во општите болници во Охрид и Гевгелија во последните пет години двојно е намалена сумата на средства која ја трошат за хигиена. Па така, во Општата болница во Охрид во 2015 година се потрошени 1,26 милиони денари, додека во 2018 година 990 илјади денари. Во  Општа болницата со проширена дејност во Гевгелија, од 348 илјади денари во 2014 година, лани биле потрошени двојно помалку односно 169 илјади денари. ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Гевгелија е новоформиран субјект од 2018та година. Притоа забележливо е дека се трошело повеќе пари за хигиена кога дејствувала поделено на Здравствен дом и Општа болница Гевгелија.

Од Општа Болница со проширена дејност Дебар, на барањето по слободен пристап до информации од јавен карактер ни одговорија дека во 2014та година во болницата распоредени на работа биле 10 хигиеничарки, по што во следните години тој број паднал на 8, а во 2019та година имаат вработено само 6 хигиеничарки.

Од одговорот од ЈЗУ Општа Болница Кичево, дознаваме дека од 2014 – 2016та година, за кеси за отпад се трошеле 106.200 денари, а во 2018та година тој износ паднал на 78.131 денари. Од 290.430 денари кои се одвојувале за раствор-дизентал во 2014та година, во 2018та година потрошената сума изнесувала 237.200 денари, односно сумата паднала за 53.230 денари. За други средства за хигиена во 2014та година се давале 264.193 денари, додека во 2018та година биле дадени дури 30.533 помалку.
Од околу вкупно 10.700 евра потрошени пари за хигиена во 2014та година, во 2018та година се потрошиле околу 8.900евра.

Од ЈЗУ Општа Болница – Струга објаснуваат дека за потребите на хигиената се одвојуваат во просек 1.360.000 денари годишно:
„Во средства за хигиена кои ги набавуваме спаѓаат: хигиенска хартија, подлога-хартија за кревет во ординација, сунѓерче, крпи, жица, детергенти, сапуни, абразиви, средства за чистење и дезинфекција на тоалети, метли, четки, кофи, џогер и резервни делови, вреќа за отпад, кеси и фолии за пакување, професионална количка за чистење, прибор за јадење за една употреба, средства за дезинфекција во простории со висок ризик на загаденост – оперативни сали, средства за дезинфекција на други болнички простории, на инструменти и друг медицински инвентар“, велат во Струга. Оттаму дополнуваат дека не се водат анализи за подеталниот износ кој се троши на хигиена.

Од ГОБ 8-ми Септември – Скопје, известуваат дека за 2017та и 2018та година имаат ангажирано фирма за одржување на хигиена, на која што во 2017та година и биле исплатени 1.911.015 денари, а во 2018та година наплатата за одржување драстично скокнала на 7.154.009 денари.

Во ЈЗУ Општа Болница – Кавадарци, од вкупно 1.410.436 денари што се трошат на хигиена, 309.572 денари се издвојуваат за примарна здравствена заштита, останатите 1.100.864 денари се за секундарна здравствена заштита.

 

Лоши хигиенски услови во една болница, не се кажува во која

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека се констатирани лоши хигиенски услови во еден болнички објект, кој во моментот е под надзор.Од инспекторатот не откриваат за која болница станува збор.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) е надлежен за инспекциски надзор на условите во болничките установи. Оттаму велат дека согласно програмата и планот за работа на ДСЗИ, редовни инспекциски надзори во јавните здравствени установи  се вршат на 3 месеци, а во приватните здравствени установи се врши еднаш до два пати годишно. Во зависност од проценката на ризик во конкретен објект, инспекциските надзори се вршат и почесто.

Д-р Лилјана Коцева, за моменталната ситуација со санитарно-хигиенските услови, за „Инбокс7“ изјави:
Генерално, болничките здравствени установи ги задоволуваат општите санитрно хигиенски услови. Но, мора да се напомене дека констатираната санитарно хигиенската состојба во еден објект е во моментот на надзорот. Доколку се констатираат недостатоци, записнички се наложува истите да бидат отстранети, а потоа се издава решение со наложени мерки за отстранување на констастираните недостатоци.“

Постои и бесплатна телефоснка линија, за пријавување на неправилности во ДСЗИ.
Д-р Коцева вели дека се случува пациентите телефонски да се пожалат во однос на санитарно хигиенсаките услови во одредена здравствена установа.
За среќа тоа е ретко и во такви ситуации, инспекторот кој е надлежен врши вонреден инспекциски надзор.“
Во зависност од констатираната сосотојба, инспекторот веднаш на лице место, записнички наредува да се отстранат констатираните недостатоци, а потоа издава решение со наложени мерки кои здравствената установа мора да ги спороведе и потоа се врши контролен инспекциски надзор по издаденото решение“, додава д-р Коцева од ДСЗИ.

„Хоспитал Хигиена“ е компанија за хигиена и дезинфекција на болнички објекти, на чијашто листа на клиенти се наоѓаат десетина општи болници, специјални болници, заводи, институти, одделенија од Универзитетска Клиника, но и неколку приватни болници како Систина, Ремедика, Диамед, и други.
Во нивниот опис стои дека нудат комплетни решенија за болничките установи, меѓутоа не сакаа да дадат подетални информации, со цел да направиме разлика што е тоа што го користат приватните клиники како производ и услуга и колку се разликува од тоа што го користат општите болници.

 

Најавени подобрувања, засега само на хартија

 

Министерот за здравство Венко Филипче, на својот фејсбук профил, на почетокот на месецот сподели: „Почна постапката за подобрување на условите во 34 јавно-здравствени установи во државата. Веројатно мислејќи на „Огласот за набавка на градежно-занаетчиски услуги за тековно одржување на здравствените објекти во Република Северна Македонија“, објавен на 8ми јули годинава на електронскиот систем за јавни набавки. Иако, реновирање на објектите  беше најавувано уште во 2016-та година во „Планот за живот на СДСМ“, каде во делот „Добро јавно здравство“ стои:

Инвестирање во здравјето на граѓаните преку изградба, реконструкции и опремување на општите и клиничките болници во Република Македонија, како и достапност на висококвалитетни лекови и вакцини.

Во програмата „План за живот“ на СДСМ се најавува дека ќе започне реконструкцијата и опремувањето (вклучително и неопходен кадар) на општите и клиничките болници низ Македонија, како и соодветните здравствени домови поликлиники и амбуланти (Неготино, Чашка, Ранковце, Арачиново, Драчево, Лисиче, Чаир и Новаци) во секундарна здравствена заштита. Исто така, се најавува и реновирање на објектите во кои веќе не може да се пружа достоинствена здравствена заштита во терциерна здравствена заштита.

Сепак, во болниците состојбите одамна се загрижувачки. Се случува пациентите да спијат на валкани чаршави, па затоа дел од нив си носат постелнина од дома. За пациентите на кои им е потребна посебна нега, роднините се принудени да купуваат се што е потребно за нивна нега-почнувајќи од основни средства за хигиена, па се до пелени.

Во некои од општите болници пациентите уште на самото влегување со соочуваат со распаднати врати и прозорци, напукани ѕидови, извалкани и непроменети постелнини по болничките кревети, ретко во кој тоалет може да се наиде на сапун и тоалетна хартија.

 

 

Хигиената во салите и инструментите – одговорност на докторите и сестрите

 

Катја Поповска – претседател на Здружението за контрола на интрахоспитални инфекции вели: Хигиената е секако важна како во домот, така и во болниците и тоа не само за добивање интрахоспитална крос инфекција кај пациентите, туку и за здравствените работници кои се изложени на професионален ризик да добијат инфекција, преку нечисти раце, храна, предмети за општа употреб/а или инструменти и медицински помагала“.
Притоа Поповска додава дека постои податок за ризикот, односно колкава е отприлика смртноста од болнички инфекции на долни дишни патишта, но само во единици за интензивно лекување, според кој, седум од десет пациенти умираат доколку се заразиле со некоја од опасните бактерии таму.

Според Поповска, хигиеничарите имаат голема улога, но не и клучна во одржување на хигиената во болниците. Тие ја одржуваат хигиената на општиот простор и предмети, но хигиената на рацете е лична одговорност на секој здравствен работник, пациент или негов роднина, кој, исто така, може да пренесе микрорганизам од надворешната средина.
Хигиената на операционите сали и ендоскопските сали како и инструментите се одговорност на одговорните сестри и доктори за контрола на болнички инфекции“, констатира таа.
Пациентите се подложни на инфекција додека престојуваат во болница. Интрахоспитални инфекции им штетат како на пациентите, така и на болничкиот персонал и во екстремни случаи, можат да резултираат со смрт.

Се проценува дека во САД над 2.000.000 луѓе годишно фаќаат болнички инфекции, додека бројот на смртни исходи е околу 90.000. Во Европа пак се јавуваат околу 1.500.000 случаи годишно, од кои околу 30.000 умираат како резултат на болнички инфекции.

Болничкиот текстил исто така е извор на голем број бактерии. Од болнички текстил може да се контаминират покрај пациенти, така и персоналот и самиот воздух. Во болнички текстил спаѓаат: чаршави, кебиња, крпи за бришење, лична облека, униформи. Притоа постојат цели процедури за менување, перење и дезинфекција на истите.
Според Поповска, Најчести предизвикувачи на болнички инфекции се грам негативните бактерии Acinetobacter spp, Pseudomonas aeruginosa, Klebsiella aerogenes, E.coli, Serratia spp а од грам позитивните Staphylococcus aureus или метицилин резистентен стапхѕлоцоцус ауреус (MRSA). „МРСА е бактерија за која многу долго се говори, бактеријата има поголема резистенција кон антибиотици и повисок степен на трансмисивност што и дава поголема тежина кога таа предизвикува болнички инфекции. Инаку истата може да предизвика и вон-болнички инфекции. А тежината на клиничката слика и исходот зависат од локацијата на инфекцијата, и од општата состојба на пациентот и постоење на коморбидитети.“, вели таа.
 Сериозна животно загрозувачка инфекција е СЕПСА,  синдром на инфекција на крвта, вели Поповска.

Одржување на болничката хигиена преку чистење, дезинфекција и стерилизација се основни мерки за превенција од инфекции. Покрај тоа во стандардни мерки спаѓаат и хигиена на раце, деконтаминација на медицински прибор и околината на пациентот, сигурно постапување со медицинскиот отпад, и тн.

 

ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ

Во Член 2 од Законот за заптита на правата на пациентите е предвидено „Со заштитата на правата на пациентот се обезбедува квалитетна и континуирана здравствена заштита во согласност со тековните достигнувања во здравството и медицината, во рамките на системот за здравствена заштита и здравствено осигурување, соодветна на поединечните потреби на пациентот, со отсуство на каква било психичка и физичка злоупотреба, со целосно почитување на достоинството на неговата личност и во негов најдобар интерес“.

 

 

 

Европски стандарди – Клинички центар  Љубљана

„Грам превенција, вреди колку килограм лекување“ – Henry De Bracton, 1240

Кон ова правило се придржуваат околу 8000 вработени во Клинички центар Љубљана каде секојдневно во хоспиталниот дел се лекуваат околу 2.600 пациенти“, стои во истражувањето поддржано од Министерство за здравствона Република Северна Македонија, во 2015 година, а изработено од дипломирана медицинска сестра.

Во мини истражувањето се објаснува дека за контролата и заштитата од интрахоспитални инфекции на секој клинички оддел во Љубљана, се грижи медицинска сестра одговорна за заштита од инфекции. Контролата над нејзината работа и инструкциите за работа доаѓаат од општата служба за спречување и заштита од инфекции на клиничкиот центар/СПОБО/.

Мерки за одржување на чистотата во Љубљана:
-Почитување на изготвени протоколи за спроведување мерки за заштита од инфекции од целиот болнички персонал, редовна едукација на сите здравствени работници, евиденција на пациенти и изолација на оние кај кои се изолирани бактерии причинители на ИХИ, достапност на средства за дезинфекција на раце, правилно и оправдано користење ракавици, правилна селекција и диспозиција на отпад.