Денешна дата
13/12/2019

Нема повеќе бланко доверба за никој и за ништо

пишува: Денко Малески

 

Повеќе пати сум се нашол во Америка кога се избирал судија на Врховниот суд. Тоа е највисоката судска инстанца во судскиот систем на земјата која ја сочинуваат осум судии и еден главен судија (Chief Justice), избрани доживотно, а кои ја имаат важната функција да ја толкуваат уставноста на законите. Номинацијата ја става неговата личност во центарот на вниманието на политичкиот живот во земјата. Весници како „Њујорк тајмс“ или „Вашингтон пост“ осамнуваат со неговата фотографија на насловната страница, а телевизиските вести почнуваат со истата вест. Тоа е само почеток на еден долг процес на анализа на професионалниот и на приватниот живот на кандидатот, кој завршува со сослушување во американскиот Сенат каде се прифаќа или одбива предлогот на претседателот. Тука нема никаков автоматизам, па мнозина кандидати не поминуваат низ овој филтер. Имено, покрај политичките опоненти кои собираат податоци за издржаноста и доследноста на ставовите на кандидатот искажани со години наназад или за несоодветно поведение во текот на животот, новинарски истражувачки екипи фрлаат светлина и врз најтемните ќошиња од професионалниот и приватниот живот на кандидатот. Целиот овој процес на номинација и на избор е дел од еден напор општеството да се одбрани од неморални, некомпетентни или корумпирани луѓе на влијателни позиции. Се разбира, и тука партиите настојуваат да се избере оној кој ги споделува нивните политички погледи, било да се конзервативни или либерални. Но, сепак, се работи за личности со  углед и интегритет кои политичарите не можат лесно „да ги стават в џеб“.

Кај нас, никој особено не се потресува кога се бира судија на Уставниот суд, македонскиот пандан на американскиот Врховен суд. Тоа, да бидам попрецизен, минува незабележано од јавноста. Анонимуси во професијата, па дури луѓе со сомнителен морал лесно се поставуваат на врвот од судската пирамида. Некогаш е доволно кандидатот да отседел доволно долго во кабинетот на некој висок политичар за да заслужи да биде именуван за судија на Уставниот или Врховниот суд. Но, кој да знае дека именуваните се навистина анонимуси или морално проблематични личности кога нема истражување и јавна дебата за професионалните дострели и моралното поведение на кандидатот? Шокот кој ни го приреди Катица Јанева би требало да го освести општеството да отвора очи кого именува некого на високи судски, обвинителски или други државни позиции. Во тој контекст, во дебатата за новиот закон за Јавното обвинителство, која се води во сенката на коруптивни скандали, некој рече дека законот треба да ја предвиди можноста обвинител да биде и професор. Само толку ли може да направи нашата политика во прилог на квалитетот на нашето обвинителство и нашето судство? Професор, имено, не е гаранција за чесност, ниту е гаранција за стручност. Има корумпирани професори и професори незналици кои своите матни зделки ги прават зад параванот на академската титула. Но, да е уште пострашно, досегашното искуство ми кажува дека дури и кога се определуваат за професор, партиите гледаат тоа да биде корумпиран професор кој, како таков, е лесен за влијание и за манипулација. Значи, фактот дека некој е професор не го решава проблемот на чесност и интегритет.

Распадот на претходниот еднопартиски систем кога врвот на единствената партија беше финалниот арбитер за се и ги селектираше сите кадри,па и во судството и обвинителството, беше проследен со хаос. Во тој хаос, во отсуство на демократи и на демократски партии, почнавме да градиме плурализмот. Можеби историјата ќе потврди дека постоеле татковци-основачи на модерната македонска држава, оние кои што се нашле на клучните политички позиции во тоа турбулентно време, но тешко да го каже тоа и за демократијата. Демократијата во нашата земја не е производ на осмислена стратегија на група луѓе во политиката обединета, наспроти партиските поделби, околу демократските принципи, туку на хаотична тепачка за лични привилегии, не ретко, на сметка на општото добро.

И, за парадоксот да биде поголем, тепачката за лични привилегии на сметка на општото добро е најизразена во политиката, сфера која е одговорна за општото добро. Но, се додека не се избориме за политички систем и слободно новинарство низ кои како низ сито и решето ќе биде протресена професионалната кариера и личното поведение на кандидатот за било која висока јавна функција, нема унапредување на нашиот демократски систем. Политиката мора да даде пример. Првиот чекор кон оваа цел е биографиите на политичарите да минуваат низ строга јавна евалуација, зашто само тогаш тие ќе бараат истото тоа да се прави и за носителите на останатите функции во разните гранки на власта. Ни треба општество со строги критериуми во кое тешко се станува пратеник, професор, судија, обвинител, академик… Тоа ќе го означи крајот на приказните дека со добро подготвена пастрмка или скара може да се стане се од погорното. Дури и со помалку од тоа. Само со согласноста да се биде нечиј човек. Ако има нешто добро во она што ни се случува, тоа е дека последните корупциски афери целосно ги демистифицираа сите општествени функции. Ослободениот човек на Северна Македонија не верува никому. Но, без минимум доверба нема заедница, нема ниту држава. Затоа, довербата кон носителите на јавни функции сега треба да се заслужи. Тоа е добар почеток за градење на здраво општество во кое граѓаните ќе им веруваат на институциите, поточно на политичарите, судиите, пратениците или професорите кои седат во нив. Нема повеќе бланко доверба за никој и за ништо. Западните вредности на демократијата и на правдата силовито продираат во Македонија рушејќи ги бедемите на авторитарното и корумпирано владеење, не помалку и оние во нашата свест. На бројните афери врзани за корупција во власта може да се гледа и како на дел од тој процес на освестување.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.