Денешна дата
30/10/2020

КАКО ЗА КРАЈ

Пишува: Александар Кржаловски

 

 

Да го појаснам веднаш насловот, да не помислите дека нешто ја предвидувам судбината на Македонија, се работи само за тоа дека ми е ова последен текст во овој експериментален проект во кој учествував со Инбокс7. И како за последен (инаку 45-ти), т.е. за крај, редно е да го споделам стекнатото искуство и впечатоци.

 

Прво, пишувањево колумни за мене беше прво вакво искуство, па тоа беше и главната причина заради која се нафатив кога ми беше понудено. Второ, сметав дека ќе биде добро надополнување на моите јавни (главно ТВ) настапи за коментирање на општествените и политичките случувања, претежно во смисла на застапник на организацијата која ја раководам – МЦМС и споделување на мноштвото сознанија и анализи кои ги создаваме или до кои доаѓаме низ секојдневната работа. И беше, но не толку едноставно, како што мислев. Научив дека е малку покомплицирано да се напише нешто отколку да се искаже, со поголема одговорност за јавно напишаниот отколку искажаниот збор. И секако подолго трае, а на моменти беше и мачно, да се подготвува текст во раните утрински часови, за да се биде на време, а истовремено и доволно актуелен. Но, во секој случај беше интересно искуство за мене, иако не добив впечаток дека написите се многу интересни и за другите, т.е. за вас читателите.

Овој впечаток го базирам главно според коментарите на социјалните медиуми, бидејќи и немам увид на друг начин во евентуалните реакции на овие написи. А коментарите си се феномен и приказна сама за себе. Драго ми е што написите скоро во сите случаи предизвикаа некакви коментари, иако не многу (освен само неколку од нив). Не ми е драго што не предизвикаа полемика тие за кои јас сметав дека се поважни, туку главно тие што се занимаваа со дневна политика, односно случаи кои биле актуелни во неделата на соодветниот напис. Тоа веројатно укажува на културата на „инстант реакции“, „краток фитил“ и „кратка памет“, која за жал и партиите вешто ја (зло)употребуваат и заради која сме заглавени колку што сме – според легендарната мисла на уште полегендарниот професор Марјановиќ од раните 90-ти – (секој) народ си добива Влада каква што заслужува.

 

Уште помалку ми е драго што повеќе од половината коментари не се занимаваа со самите текстови или проблемите кои ги третираа, туку со мене?! Половина пак од нив беа чисти навреди или констатации (скоро во сите случаи погрешни) од луѓе што ниту ме познаваат, ниту имаат поим што работам, ниту знаат колку и што сум направил во животот и кариерата. Што да кажам за нив, освен пак да се послужам со народните мудрости и изреки од видот „кој вика, за себе си вика“ или „кој на друг јама му копа, само во неа пропаѓа“ – дека таквите коментари всушност повеќе кажуваат за нив самите, отколку за мене.

Другата половина коментари за мене лично, пак беа квалификации за да ме „распоредат“ во стандардниот шаблон на задолжителна партиска припадност (или барем блискост). За нив пак ми е многу драго што во тие распоредувања добив квалификации во распон од „латентно ВМРО-вче“ до “скриено комуњарче“. За мене тоа е само признание дека сепак написите ми се доволно неутрални и секако независни од партиите.

 

За да им ја задоволам љубопитноста, да кажам неколку работи за себе по ова прашање. Никогаш не сум бил член на ниедна политичка партија (дури ни на Сојузот на комунистите (СКМ), иако тогаш – во средно школо, бев најблиску до зачленување во партија). Второ, идеолошки, малку повеќе (како и сите ние, не може по сите прашања да сме согласни со едно идеолошко гледиште) сум левичар отколку десничар. На пример, битни вредности ми се пацифизам (наспроти десничарскиот/републикански милитаризам), заедништво/братство, еднаквост и недискриминација по ниедна основа (наспроти индивидуализмот), а во некој тест за Европската унија испаднав и федералист (во смисла на ЕУ, т.е. се залагам за поблиска унија, како САД, наспроти лабава заедница на независни држави). Од друга страна, точно е дека од партиите ми се посимпатични ВМРО-ДПМНЕ… и од историски причини – во раните 90-ти бев млад и „револуционерен“ (пр. учествував во организацијата на првите студентски протести пред грчкиот конзулат) и недвосмислено ЗА независна Македонија (иако ми беше драга, а во последниве години ми е уште подрага, бившата ни држава – Југославија); а во тие причини за симпатизерство е и начинот на кој ВМРО (иако победник на првите плурални избори) беше „извозено“ од поискусните тогашни политичари од СКМ (СКМ-ПДП, СДСМ де… и другите партии што произлегоа од нив); но и заради политиките, па и перформансите, кои може да ги опишам вака: „со СДСМ најчесто е се статус-кво, а ВМРО пак прават битни промени… добро, од 300 работи што ги менуваат кога се на власт, може 100 се глупости, ама повеќето се добри“!

Од трета страна пак, многу повеќе лични пријатели имам во СДСМ, а и доста почесто се среќаваме и комуницираме. И лично и работно. На пример, со Никола Груевски во живо сум се сретнал само два пати во неговите 12 години на власт, обата на коктели на странски амбасади и во не повеќе од 3-минутен разговор. Со Заев пак сум се сретнал најмалку 12 пати во овие две-три години, вклучително и на формални состаноци во Владата, а три пати бил и говорник на настани организирани од МЦМС. Додуша, ВМРО-ДПМНЕ си се самите виновни за таа состојба и по сопствено признание на некои нивни пратеници, во „пакет“ со демонизирањето на Соросовата фондација, заради малото разбирање на улогата и потребата од граѓанските организации, страда и целиот (невладин) сектор од нивните напади. Се надевам тоа наскоро ќе се промени, зошто всушност тоа највеќе и штети на самата партија!

 

Конечно, на крајот, треба и сакам да искажам благодарност за искрените, издржаните и конструктивни коментари, вклучително и тие во кои е искажано несогласување со моите ставови или со аргументи е оспорено некое мое мислење или теза. Јас не коментирав назад, едно затоа што така ме советуваа, а второ заради недостиг на време, но ќе се потрудам во наредниот период, да упатам лични пораки до сите нив, иако можеби не се актуелни веќе темите кои биле коментирани. Посебна благодарност до мојот пријател (и се покажа – верен читател) Војкан, со кој разбрав дека сме и доста истомисленици, а кој често и ме бранеше во преписките со други коментатори. Се надевам дека сум предизвикал интерес и размислувања кај повеќе други читатели, иако никогаш не ги искоментирале написите.

 

Поздрав, до некое друго читање!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.