Денешна дата
27/03/2023

Локалните медиуми живеат од денес за утре

Локалните медиуми учествуваат само со 13% во приходите од комерцијалните медиуми

Пишуваат: Ангела Рајчевска и Љубица Иванова

„Владиното субвенционирање на националните медиуми го уништи медиумскиот пазар, односно ги измести пазарните односи поради што дојде до изедначување на цената на рекламирање кај локални и кај национални медиуми“ – Владимир Тевчев

Изумирањето на новинарството во внатрешноста беше темата на која,на ден 24.09.19, во просториите на Општина Велес, дебатираа неколку медиумски работници и претставници од општината.

На дебатата организирана од здружение за мултимедијални производи Инбокс7, учествуваа медиумски работници и претставници од општината кои се согласија со тоа дека локалните медиуми изумираат без застој, а државата не води грижа за тоа.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, изјави дека граѓаните на Република Северна Македонија имаат право да бидат информирани и за она што се случува во другите градови, не е само Скопје.

„Националните дифузери кога ја добиваат дозволата, имаат обврска да зрачат на национално ниво, да ги обврзи државата, од аспект на заштита на јавниот интерес  на граѓаните кои требада бидат информирани целосно, да имаат своја дописна мрежа од сите региони“ – изјави Коцевски

Зоран Иванов, долгогодишен новинар и главен и одговорен уредник во повеќе македонски медиуми, смета дека по пропаѓањето на локалните радио станици се случи ерозија на локалните медиуми и Македонија, практично, денеска, нема релевантни извори на информации кои би можеле да бидат во непосредна функција на граѓаните на локално ниво.

„Македонската јавност, генерално, малку знае за последните проблеми со кои се соочуваат луѓето од локалните заедници и од тие причини сметам дека општините не можат да го игнорираат барањето на нивните граѓани да бидат објективно и целособразно информирани. Затоа сметам, државата, во конкретниов случај општините, треба да одвојуваат средства за поддржување и за оддржување на локални медиуми, но потоа да нема влијание во уредувачката политика на медумите, да не се меша во нивните медиумски содржини, а средствата да се делат под мониторинг на независно локално ниво во кое би можеле, одговорноста да ја носат афирмирани јавни личности од средината“ – образложува Иванов.

Владимир Тевчев, претседател на УО на АЛРА (Асоцијација на локални радија), смета дека општината не треба да дава средства на локалните медиуми.

„Медиумите треба да се отргнуваат од центрите на моќ и што помалку пари да добиваат од државните институции. Не се согласувам со идејата дека општините треба да бидат едни од главните финансиери на локалните медиуми, бидејќи ако општината е главниот финансиер, таа ќе биде и главниот уредник кој ќе ја прави агендата на известувањето“ – појаснува Тевчев.

Тој дополни дека владиното субвенционирање на националните медиуми го уништи медиумскиот пазар, односно ги измести пазарните односи поради што дојде до изедначување на цената на рекламирање кај локални и кај национални медиуми.

Со што, по тоа, повеќе од рекламите се пренасочија кон националните медиуми со што на локалните медиуми им секна еден од главните извори на средства.

Тевчев вели дека од 24,4 милиони евра колку што имале приход комерцијалните медиуми (без МРТВ) во 2018 година, локалните медиуми учествуваат само со 13%.

 

Иван Бојаџиски, основач на Здружение нановинари (Исток), исто така се согласува дека општините не треба да ги финансираат медиумите, а, како алтернатива посочува создавање на фонд за поддршка на медиуми или враќање кон класичните плаќања по проект.

 

Од дебатата беше заклучено дека немаме доволно дописници од внатрешноста на државата, воглавно добиваме слика само за случувањата во Скопје и државата е таа која што треба да ги поврати локалните медиуми на пазарот.