Денешна дата
14/10/2019

Образованието е најголемиот капитал за секое општество

Пишува: Трифун Костовски

 

Би сакал да споделам неколку размисли кои верувам дека длабоко го засегаат секој човек кој сериозно размислува за својата татковина. Повеќе од очигледно е дека влеговме во една политичка бесмислена војна помеѓу владата и опозицијата, кое не води никаде, во која отсуствува аргументативен апаратус, кој може да доведе до решенија што ќе ја извадат земјата од оваа политичка и економска безизлезност.

Војната на взаемни навреди без аргументи се води преку прелетување на безброј партиски соопштенија, во обете насоки. Сето тоа создава една резигнација и малодушност кај граѓаните. Бидејќи граѓаните се свесни дека ваквата политичка (не)култура не води никаде, нема да донесе стратешки релевантни цели за понатамошен развој. А политичарите, се чини, ги потценуваат граѓаните и нивниот капацитет да согледаат на какво буниште се фрлени, отфрлени и заборавени.

Во исчекување сме дали ќе го добиеме утврдениот датум за отпочнување на преговорите со Европската унија. Но, повеќе од јасно е дека утврдениот датум нема да биде виза за решавање на внатрешната општествена ентропија. Можеби со добиениот датум ќе мораме да се мобилизираме внатре државата со цел да го испорачаме она што го бара Европската унија. Се прашувам дали секогаш некој од надвор треба да нѐ мобилизира за да сфатиме како треба да се мобилизираме.

Жешката политичка есен е реалност и сѐ уште никој од нас не знае со какви сѐ оружја партиите од власта и опозицијата ќе ги водат своите ситно-интересни војни, без да дадат конструктивен приод кон втемелување на базичните вредности на една современа држава.

Кога говорам за нашата држава секогаш се идентификувам со сите сограѓани без оглед на националната и верската определба. Се прашувам што е тоа што нас, граѓаните на Република Македонија нѐ спречува да се ослободиме од прангите, од овој политички „логор“, за да почнеме да градиме едно современо демократско општество со силна социјална и економска структура, со вкотвувачки вредносни вертикали.

За градење на такво општество ни требаат силни личности, со вградено темелито знаење и вештини. Според моите анализи и согледби, проблемот е вкотвен во образованието. Образованието е многу сериозен процес, кој бара огромна инвестиција помеѓу родителите, едукативниот кадар и владините политики. Ние, во Македонија, за жал сме нација која и покрај богатото творештво, немаме афинитет и развиени потреби за литературата, книжевноста и науката. Чест на исклучоците, кои со својата дарба и упорна работа стигнале на врвот во своето творештво и на своите научни и уметнички Олимпи. Но како да се воспостави континуитет. Како да се разбуди интересот и потребата за нивно воспоставување како суштествена социо-културна вредност.

Таквите луѓе во нашата заедница се маргинализирани, а тоа доведува до една целосна девастација и конфузија во развојот кај младите. Тие си заминуваат без да ги запознаат сопствените вредности.

На почетокот сме од новата учебна година, во сите три сегменти: основното, средното и високото образование. Со овој текст сакам да апелирам кон сите чинители кои треба на нашите деца да им овозможат квалитетно образование, а тоа се родителите, учителите, наставниците, професорите и Владата на РМ, која треба да ја даде основната рамка, структура и стратегија за квалитетно образование.

Честитки до Општина Центар која ни го подари основното училиште Киро Глигоров. Но, сметам дека убавата и современа зграда нема да помогне во развојот на квалитетните образовни содржини. Програмите и образовниот кадар, кој треба да ги спроведува, треба да се наоружа со вештини кои ќе ја развијат потребата и љубопитноста за знаење кај младите луѓе.

Отсуството на таквиот квалитетен кадар е очигледно како во општествените така и во природните науки. Апелирам ресорното министерство за образование и локалната самоуправа, која е задолжена за образовниот систем секоја година да организираат семинари за доедукација на едукативниот кадар со цел да одговорат на модерните потреби кои ги бара новиот цивилизациски поредок.

Со ова сакам да го поткрепам и мојот став дека потребата од знаење и перманентно образование никогаш не престанува кај човекот независно од неговата возраст. И тоа треба да се поттикнува и анимира.

Сите сме свесни за проблемот со образовниот систем во Македонија. Но станува алармантно. Лошото образование е канцерогената клетка која метастазира во телото на општеството. Лошиот образовен систем е причина за распаѓањето на општеството.

Сите во овие лоши економски услови во кои граѓаните се прашуваат како да врзат крај со крај во општеството, водат кон заборав на најважните општествени сегменти.

На крајот ќе повторам: образование, образование и образование – најголема инвестиција и уште поголем општествен капитал. Тоа треба да го сфатат политичките челници. Бидејќи на граѓаните веќе им е јасно дека политичките елити се само „лажни пророци“, како оние кои нашиот бард Блаже Конески ги опиша во своето творештво:

Лажни пророци

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!

 

Да престанеме со празните зборови и да се посветиме на важните теми кои можат да го спасат нашето општество.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.