Денешна дата
14/10/2019

III. ТРЕТАТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА – ОД СКЕПТИЦИЗАМ ПРЕКУ ЕУФОРИЈА ДО ДЕПРЕСИЈА

Излегува дека не името на државата туку корупцијата го разјадува македонското општество и целосно ја атрофира македонската држава како таа и да се нарекува.

Пишува: Зоран Иванов

На крајот од третата декада самостојност, актуелна Македонија уште е меѓу сонот и јавето. Од почетокот на оваа година мамурно се будиме со фактот дека со уставните промени земјава доби ново руво. Дека Македонија, по онаа првата асномската и втората со самостојноста, по преспанскиот почна да ја живее својата трета република. Политичката еволуцијата на земјата ѝ отвори нови интеграциски хоризонти. Но, судејќи и по најновите практики на управување, брзината на развојните движења на Република Северна Македонија и натаму ќе биде обременета од некадарноста на нашите политички водства.

Во ова трето последно петочно продолжение под ист наслов и во овој последен текст од овој колумнистички серијал во еминентниот портал Инбокс7, еве уше неколку субјективни согледувања за македонскиот од. Поконкретно за актуелниот политички амбиент која не ветува брзи преобразби кон европските вредности. Констатацијава е песимистичка од проста причина што нашиве партиски гарнитури не се покажаа баш нешто расположени земјава натаму бргу да ја придвижат. Без сомнение, судејќи и по граѓанските реакции, ваквата дилема би ја поткрепиле и сите анкети. На крајот од третата деценија од својата самостојност и на почетокот на својата трета македонска република, државата и македонските граѓани сме во состојба на која упатува последниот поим од насловот и на овој трет последователен тематска текст.

Депресијата и безнадежноста стануваат доминантна ментална состојба во македонското општество. Последици на лукративни и особено грамзливи карактерни причини на политичките водства. Веќе на стартот на оваа најнова историска етапа се покажува дека македонските политички елити се незрели на своите граѓани и на нивната држава да им испорачаат извесна европска иднина. Корупцијата и криминалите од сите сорти и на сите можни нивоа ги напуштија сите идеологии и сите идеали.

 

Профитерскиот менталитет ја урна претходната, но коруптивниот црв почна опасно да ја разјадува и оваа власт која напати ги изневерува и идеалите на шарената револуција.  Впечатливо е дека борбата за власт не е само борба за гола политичка моќ, туку и борба за тоа кој ќе завладее со државниот буџет и кој ќе ги запоседне институциите. И кој ќе ги приграбува тендерите, кој ќе биде главниот бизнисмен во земјава, кој ќе ги ужива сите материјални привилегии, кој ќе управува со кадровските местенки и кој ќе ги диктира вредностите. Излегува дека не името на државата туку корупцијата го разјадува македонското општество и целосно ја атрофира македонската држава како таа и да се нарекува.

Аналогно на тоа, најболните последиците се кумулираат кај распаднатиот правосуден систем, кај тој клучен столб за стабилност и демократија. Катадневни се сигналите дека огромното мнозинство актери во тие кругови се корумпирани клиентелисти. Неотпорни на партиски влијанија и уште помалку отпорни на мито и корупција. Да беше барем малку обратно, огромното мнозинство судии и обвинители не ќе дозволеа во нивните редови да егзистираат криминогени типки и типови. Туку како заскитани уљези, како страно тело во таа одговорна и етична професија, брзо и континуирано таквите ќе ги отфрлаше од своите редови. Но тоа не се случува еве десет, дваесет, триесет години. Па, наместо да продуцира правда, нашиот систем за правда турка неправда.

 

Не се памети обвинителската и судската фела систематски и институционално да кренала глас против корумпираноста и клиентелизмот во своите редови. Молкот е заштитниот оклоп за сите наши правосудни институции. Земјава дојде дотаму што симбиозата помеѓу политиката и сваровски судството и помеѓу политиката и луј витон правдата ги изневерија сите очекувања за европеизација на државата. Правосудните клиентелистички еквибрилистики стана главниот коруптивен белег на македонската неправда.

 

Спрегата на правосудството со политиката, тоа братство меѓу влијателните политичари и позиционираните обвинители и судии, ја обои држававата во сите коруптивни бои. Многу е видливо, тука е и огромната разочараност и од најновата власт, дека правдата и натаму не стасува таму каде што очекувањата се најголеми. Дека законот не ги допира најкрупните криминали лоцирани во спрегата на политиката со бизнисот. И дека слоганот правда еднаква за сите е само фиктивна уставна категорија. Ваквата трауматична состојба, овој континуитет на уникатната македонска политичка матрица, само го потврдува општиот впечаток дека сите власти се исти.

 

И ќе бидат исти се додека во македонските политички партии царуваат демагогијата, полтронството и молкот. Се додека во нив нема ниту д од внатрешно партиски демократии. Се додека нивните раководства се однесуваат како мистични масонски ложи и се додека широкото членство е неинформирано и изолирано од креирањето на дневните партиски политики. Во нивниот партиски ментален склоп тие уште не си вградија етички стандарди за својата одговорност спрема граѓаните и државата.

Кризите, етничките и посебно меѓупартиските, ни станаа континуитет. Национален белег, уникатна македонска политичка матрица. Клучните партиски субјекта, главните управувачи со земјава, досега заеднички не испланираа и не реализираа ништо капитално. Ниту, централа, пат, пруга, школо, болница, здрави институции, самостојно и недопирливо судство. Ништо покрупно едногласно не створија за државата и за граѓаните. Освен што и натаму неуморно продуцираат делби со кои ги компензираат сиромаштијата и стагнирањето на земјата.

Ете така, од кавга во кавга и натаму катадневно се креираат нашите автентични политички, државни и општествени кризи. Во неединството сме уникатна нација. Со менталитет и карактер кој се одликува со неверојатна умешност меѓусебе да се обвинуваме, навредуваме, поганиме. Да етикетираме, да жигосуваме предавници и кодоши и притоа себеси ексклузивно да се промовирме за патриоти и бранители.

Од `91-ва, од првата еуфорија за сопствена држава па наваму, практично и не паметиме едно нешто околу кое сме биле единствени. Од време навреме само по некој успех во културата и во спортот ни вбризгува по доза ефект на единство и сплотеност. Политиката од граѓаните направи навивачки групи. Создаде напнатост, рововска битка на одроди и на родољуби и произведе неподнослива ментална маглина. Општествена катаракта што ги задскрива патеките до најважните перспективни цели на државата.

Окупирана од дневната политиката Македонија не успеа да изгради елементарно одржливи кредибилни вредности, институции и системи. Македонските држава и општество се хронично болни. Состојбата во континуитет е корумпирани политичари, инфицирани медиуми, раскарани граѓани. Амбиент на плурална демократија со јужноамерикански манири. Ете затоа итно ни треба приклучок за ЕУ за конечно да почнеме да го напуштаме балканскиов и да стапнеме на европскиот пат. Во спротивно постојано ќе се навраќаме на нашиот почеток, на таа неминовна болна и трауматична транзиција.

Репулика Северна Македонија влезе во својата трета република. Дека повремено и натаму ќе има проблеми, дека ќе се бараат уште некои меѓуетнички пеглања во насока на јакнење на единството во државата, е неспорно. Спорна е некадарноста на партиските елити нив навреме да ги превенираат и да ги дефинираат нужните потези. И да ги менаџираат во насока државата Македонија да ја зајакне својата унитарност и меѓународна кооперативност. Особено е тоа нужно за да не ни се случува четврта, петта и која ли натаму република која би била последица на нашата веќе традиционална поделеност и постконфликност, а не на консензуална и хармонична државна и општествена еволуција.

Па, еве го октомври. Овој месец е извесната шанса за зрак свтлина. Со добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ и под диктатот на бриселските бирократи, да почене нешто на подобро да се придвижува.

 

И натамошниот од на државата од скептизизам, преку еуфорија до депресија, да води во нова надеж дека сепак ќе не биде. Второ нема.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.