Денешна дата
13/12/2019

Помогнете ни за да ви помогнеме

пишува: Денко Малески

 

„Помогнете ни за да ви помогнеме“, знаеја да кажат претставниците на  големите сили на почетокот од нашата независност секогаш кога ќе ја побаравме нивната поддршка за реализација на нашата базична стратешка цели  – меѓународно признавање. Подоцна  истото ни го велеа и за членство во НАТО и во ЕУ. Алудираа, се разбира, на барање компромисно решение за нашиот проблем со нивен партнер, Грција, против кој ,едноставно, не можеа да одат. Имено, одговорни за двата сојузи, тие не можеа да го нарушат внатрешното единство за да и удоволат на Македонија. Во реалниот свет, имено, сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки. Ни требаа скоро три децении тоа да го разбереме но, со Преспанскиот договор им помогнавме за да ни помогнат. Конечно, со Преспа, договор со историско значење, помогнавме Америка да ни ја отвори вратата на НАТО, а Германија и, да се надеваме, Франција онаа на ЕУ. Без Преспа, за секогаш ќе останевме блокирани во обидот да станеме дел од модерниот демократски свет.

Да, точно е дека во меѓународната политика се е политика и дека се додека интересите на државите не се поклопија со оние на Македонија, не вредеа многу нормите на меѓународното право. Оттаму и она „помогнете ни за да ви помогнеме“  и не ни кажувајте колку сте во право, оти државите не можат да одат против сопствените интереси. Вие како прогресивна скандинавска земја секако можете да делувате само од позиција на принципи и да ја признаете Република Македонија, му велам на Торвалд Столтенберг од Норвешка при неговата посета на Скопје на почетокот од деведесеттите кога баравме меѓународно признавање за новата држава. Никако, вели тој, ние имаме силни интереси визави Грција во бродоградбата и во други сфери, а парламентот не би можел да помине преку тој факт. Излез? Барајте компромис и придружите ни се во меѓународното општество на држави. Овој совет, да работиме на компромис, не го послушавме па прашањето за името стана дел од сите изборни битки дома во кои патриотите добиваа а предавниците и народот губеа. Големите сили не внесоа во ОН со референцата, но повеќе од тоа не можеа да сторат. За среќа, претходно ги послушавме кога ни велеа да не почнуваме војна во надеж дека некаква американска коњица ќе не спаси во последен момент. Продолжете да водите политика на мир и така помогнете ни да ви помогнеме, порачуваше данскиот министер за надворешни работи Уфе Елеман Јенсен. Следејќи го нашиот интерес да нема војна и во Македонија, послушавме и нецела година по Словенија и Хрватска станавме членка на ОН. Не десет или дваесет години подоцна, туку десет месеци подоцна. А, сепак, националистичката треска која го имаше зафатено македонското политичко тело повторуваше дека државата доцни, додека разумот велеше дека другите брзаат во војна. Во таква атмосфера, меѓународното признавање, таа огромна победа на нашата политика, падна во сенка на „националниот пораз“ – приемот на земјата во светската организација под референцата Поранешна југословенска Република Македонија.

Како што се оддалечуваше опасноста од војна и никој  не им се закануваше во сопствената суверена држава со која управуваа, генерации македонски политичари кои следеа по деведесеттите,  стануваа се потврди кон идејата за компромис. Добронамерните совети од Америка и од Европа дека нашите политичари не го разбираат реалниот свет на меѓународната политика и дека државата ќе остане заглавена во ќорсокакот на непопустливоста се толкуваа како обид да  ни се напакости. Плејада политичари се држеа до меѓународното право како алатка со магична моќ, иако нашиот проблем со Грција е производ на жестоки политички анимозитети кои се производ на нашата заедничка трауматична историја, за чие разрешување е потребна дипломатија а не суд.

„Помогнете ни за да ви помогнеме“ околу датумот за почеток на преговорите, е истиот апел кој го слушам и денес упатен до власта и до опозицијата да ги остават личните и партиски интереси и да се обединат околу државниот интерес –  Северна Македонија како демократска и правна држава. И повторно, како во деведесеттите кога не советуваа да бараме компромис со соседот, немоќ од наша страна. Зошто? Отсуството на демократска свест, еуфемизам за незнаење, алчност и агресивност, не им дозволува на политичарите да разберат една елементарна вистина: дека не е оваа или онаа партија таа која ја спасува демократијата, туку демократскиот систем не спасува нас граѓаните  од злоупотребата на власта од страна на партиите. Колку ли време ќе ни треба овој пат, за да ја апсолвираме најновата лекција?

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.