Денешна дата
12/11/2019

И СЈО ПРИСЛУШУВАНО, КОЈ И КАКО ГИ СНИМАЛ СПЕЦИЈАЛНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ?

Тие што ги имаа прислушуваните материјали и самите биле мета на тајно снимање. Нова снимка излезе во јавноста снимена внатре во просториите на СЈО. Нема компромитирачки елементи, се гледа како обвинителите се договараат за работа и како разговараат, но самото тоа што некој успеал да ги сними изгледа неверојатно.

Светлана Унковска

 

Нов скандал со СЈО – оние кај кои беа прислушуваните материјали станале и самите жртви на следење. Нова видео-снимка објави Ел Чека на кој се гледаат како обвинителите на СЈО работат и се договараат. Ова  отвори нова дилема дали бил срушен безбедносниот протокол поради што некој успеал и „специјалките“ тајно да ги снима дури и во самите канцеларии на СЈО, кое го гледавме како некоја тврдина во која ни пиле не може да прелета.

Последниот период во кој постојано се објавуваат некакви снимки фактички покажува дека е урнисан целиот систем, бидејќи секој снима кого и каде што сака. Видео снимката е објавена пред десетина дена, на неа немаше некакви компромитирачки моменти, туку работна атмосфера меѓу обвинителите во СЈО. Зачудува само што видео снимката покажува кадри од две различни позиции, што значи дека во моментот било снимано со два апарата, кои се или скриени мали камери или телефони.

 

Фатиме на снимката и пее на Јанева – „иде маца поред тебе…“

Се гледа Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и другите обвинители. Се слуша како се разговара со некого од ВМРО-ДПМНЕ од кого се бара да дојде и да потпише некаков документ, веројатно се работи за покани, бидејќи се слуша како Јанева вели дека „јасно и гласно кажуваат дека не примаат покани“. Потоа во телефонски разговор бараат од личноста да дојде во СЈО во 12 часот, но на крај сепак се договараат да биде испратено во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и дека тој треба лично да го потпише.  Во друг кадар се покажува и разговор и меѓу Катица Јанева и Фатиме Фетаи како се смеат, и каде Јанева и вели малку да запее, по што Фетаи почнува да пее „иде маца поред тебе….“.

Се обидовме да стапиме во контакт со некои од обвинителите кои се гледаат на снимката, за да ги прашаме дали знаат дека биле снимани и кој тоа го правел, но тие не одговараа на телефонот.

Муслиу: Обвинителите на СЈО не само што ги прислушувале туку и ги снимале

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кој претходно и самиот бил жртва на незаконско снимање вели дека ваквото беззаконие во кој секој снима кого сака а никој не одговара мора да престане. Во април годинава беше објавен разговор меѓу него и професорот Љубомир Фрчкоски, а во декември минатата година на судењето обвинетиот Александар Василевски  Нинџа призна дека му поставиле камери внатре во неговиот дом. Во однос на видео снимката од СЈО Муслиу вели дека тоа покажува колку обвинителите биле невнимателни.

Жалосно што вакви снимки излегуваат, но и неодговорно е што вакви снимки може слободно да се објавуваат. Оваа снимка е од јавен интерес само затоа што го покажала фактот дека таму се стигнало и внатре во самото обвинителство да се снима.  Очигледно е дека не е сфатено за колку сериозни материјали се работи што тие ги поседуваа и колку сериозни непријатели имало тоа СЈО. Не е познато дали е тоа од надвор дали е тоа внатре во самото СЈО, или пак можеби некого поткупиле, некого уценувале не се знае. Но очигледно е дека некој не ги снимал за добро и се имало намера тој материјал да го користи. Штом така дозволиле, значи не сфатиле со колку сериозни противници се соочуваат во процесот. Зборуваме за една институција каде што имаше над милион прислушувани материјали, а всушност самата институција не само што ја прислушувале, туку ја снимале. Значи тие имаа материјали за кои овде револуција стана, власта беше симната и сега да се дозволи некој со камера да снима. Ова е неодговорно и несериозно однесување. Ова што некој снимал е од меѓу нив внатре. Снимкава треба да си ја прегледаат обвинителите и тие кои што знаат кој бил на тој состанок, нека се направи елиминација и кој не е снимен, значи тој снимал“, вели Муслиу.

Нелегалното снимање стана дел од политичката култура, но не и од предметите на ОЈО

И по толку објавени нелегални снимки јавноста се уште не знае кој снима и како доаѓаат до снимките оние кои потоа се пласираат на социјалните мрежи. Дали има некаков „црн пазар“, дали има можност и наменски да се снима. Политичката битка сега се води кој какви снимки ќе објави и до кој степен ќе го оцрни противникот.  Дали таканаречените бомби веќе станаа дел од нашата политичка култура и наше секојдневие со кои во меѓусебната политичка битка не се бираат средства како да го поразиш противникот, како да се постигне одредена цел. На тој начин, со објавување снимки беше отворен и случајот „Рекет“ во кој најпрво беа уапсени Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец. Потоа „падна“ и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а со неа заедно се урна и цело СЈО. Снимките беа пуштени од италијанскиот новинар на „Ла Верита“, Ларис Гејсер. “Снимките веќе ни станаа дел од политичката култура што ќе има само еден позитивен ефект, а тоа е што политичарите ќе ги натераат да станат повнимателни. Сметам дека службите кои се занимаваат со компјутерски криминал треба да се зајакнат и да почнат да ги ги откриваат и казнуваат оние кои прават вакви работи. Државата под најитно да реагира најпрво да се донесе закон кој ќе ги санкционира сторителите, а потоа ако е потребно да се набави пософистицирана опрема за откривање на вакви случаи, бидејќи ова кај нас стана сериозен проблем. Потребни се ригорозни казни, па ќе се помислат дали тоа ќе го прават во иднина“, дециден е Муслиу.

Еден од оние кои најмногу објавуваше снимки е таканаречениот „бомбашот“ од Чикаго – Ел Чека, зад чиј псевдоним стои 28-годишен Кичевец чии снимки најмногу се однесуваа на ДУИ но и на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи. Ел Чека рече дека поседува голем број снимки и доколку нема правда за Диво Насеље се закани дека ќе ги објави сите. Претходно како објавувачи на снимени разговори се користеше и профилот на наводен Илија Громовник кој преку you tube ги пласираше снимките. Наводно се работи за дел од руски социјален медиум и социјална мрежа лоцирана во Санкт Петерсбург.  Пред него снимки се објавуваа и на профилот Тесла кој работеше по ист принцип како на Илија Громовник. И двата профила ги поврзуваа со Љупчо Палевски.

Прв пат се започна со емитување на таканаречените „бомби“ на почетокот на 2015 година од тогашната опозициска партија СДСМ, кога лидерот на партијата Зоран Заев на прес конференции емитуваше серијали од незаконски прислушуваните материјали, што ја наслови како „Вистината за Македонија“. Оттогаш во политичките битки се чини како да се востанови еден вид параинституционален начин на политичка пресметка кој потоа ја отвори Пандорината кутија, па се доведовме до состојба кога се чини дека секој има снимки за секого. Собранието во мај 2016 го усвои Законот за заштита на приватноста но тој се однесува само на забрана на објавување на прислушуваните материјали кои потоа премиинаа во СЈО, за што е предвидена и казна затвор од 4 до 10 години.

 

Досега МВР имаше соопштено дека е поднесена кривична пријава за Ел Чека, како и за Љупчо Палевски кој јавно на плоштадот во Прилеп на разглас пушташе нелегално снимани разговори. Се обративме до Јавното обвинителство да ни одговорат дали е постапено по овие пријави и колку досега се отворени истраги и дали веќе има покренато обвинение, но одговор не добивме.