Денешна дата
19/11/2019

ПРЕСПАНСКИОТ И ЕДНА ГОДИНА ПОТОА – ФАКТИТЕ НАСПРОТИ МАНИПУЛАНТИТЕ

Шестоте илјади граѓани што се одзваа на референдумот ја извлекоа земјата од робувањето на политичките манипулации и од манипулативните патриотизми. Тие се хероите на ова време.

Пишува: Зоран Иванов

Убаво е да се ѕирка во историјата. Да нѐ вознесуваат и историските факти и  историските митови. Но оттаму, од минатото па наваму, возот вози само во еден правец. Сепак некои тоа уште не можат да го разберат. Јавни личности интелектуалци, уметници, новинари па и една за малку претседателка на државава. Бојкотот бил изборот. Македонија да останеше на тој став сега немаше со нетрпение да го чека датумот за преговори со Унијата. Ќе си чмаевме во ова наша микронски мала државна ФИРОМска касаба на меѓусебни партиски канибалистички глодарења и ќе бевме само неми сведоци на нивните битки за државниот буџет, за привилегии и за криминалии од сите сорти.

Извесниот почеток на преговорите со ЕУ, со заедницата која пред само дваесет и седум години на својот самит во Лисабон под жесток притисок на грчката дипломатија подржана од моќните француската и британската ни го избриша името Македонија од регистарот на тогаш Европската Економска заедница. За среќа не и од нејзината меморија па еве сега истата таа нѐ кани, ја кани Македонија во своето друштво. Секако само како шанса за нас, како надеж дека под нејзино менторство и контрола, нашите политички водства сепак ќе успеат да не поместат од овој веќе неподнослив амбиент на неправо и неправда. Од децениско назадување во сите сегменти на општеството. Од криминалниот амбиент што го креираше и го креира македонската политика.

Сега по Преспанскиот Македонија станува членка на НАТО и, извесно е, ги почнува и преговорите со Унијата. Без Преспанскиот и без уставните измени, од тоа ќе немаше ништо. Не беше лесно да се објасни нужноста од компромисот кој креираше нови кризи, фрустрации, будења од историско романтичарски соништа. Но и кој продуцираше трауми,  политизации, протести. Особено беше потребна и човечка и политичка храброст да се истурка целиот болен, но нужен процес. Да се објасни дека ниту се менува име, ниту се губи идентитет. Впрочем, цела година потоа од стравувањата поттикнати од манипулации поради тесни политички интереси, еве нема баш ништо. Единственото што е точно е дека договорот со Грција е компромис. Симетричен, асиметричен, праведен, неправеден, тој е. Затоа, наспроти манипулациите збор, два за фактите:

Конечно е решен еден меѓудржавен соседски спор. Се отстранија блокадите врз евроатланските интеграциски перспективи. Македонците го задржаа својот уникатен национален македонски идентитет. Се ослободивме од контроверзната Поранешна југословенска република Македонија или ФИРОМ. Македонската држава го зацврсти својот меѓународен идентитет зашто е единствената членка на ООН запишана како држава со име Македонија.

Оттука, договорот од Преспа и уставните измени практично ниту во идентитетска ниту во институционална смисла не загрозија  ништо и никого. Напротив, донесе бенефит и за државата и за сите нејзини граѓани. Гледано објективно, идентитетски најмногу за Македонците. Згора, Македонскиот народ е единствениот народ на светото кој зборува на својот македонски јазик исто така евидентиран во ООН како јазик на народот кој живее во Македонија, Северна ама Македонија. Ете, во вода паднаа сите политикантски пропаганди за промена на државниот и на националниот идентитет. Македонија беше и останува Македонија и Македонците и пред и по Преспанскиот остануваат Македонци. Во Северна Македонија ама Македонци.

А толку непотребни манипулации, толку политиканство, а толку просто и јасно. Ниту изгубен ниту загрозен идентитет. Ниту бакрачи, ниту бутур. И по овие процеси Македонија останува единствениот меѓународен субјект, единствената држава во светот која во своето име и натаму ќе го носи милениумското Македонија. Идентитетски пак, Македонците остануваат единствениот народ во светот кој зборуваа на свој уникатен македонски јазик.

И на грчките прогресивни политички структури не им беше лесно да дојдат до компромисот. И таму се уште добар дел од ригидната грчка политичка и општа јавност се вџашува од помислата дека, наспроти нивниот истоимен регион, на север од нивната, постои држава со име Македонија. И дека има народ кој е дефиниран, институционализиран и меѓународно признат како македонски. И овој факт само потврдува дека договорот од Преспа не е асиметричен и дека е во историска полза на двата соседа.

Од сѐ единствено е точно дека до спорот воопшто и не требаше да дојде. Дека тој од самиот почеток беше нелогичен, неразбирлив, нереален, ирационален. Но и многу други вакви и слични конфликти се несфатливи зашто се производ на политики, на политички истории, на романтизми и митови. Затоа големината на Преспанскиот договор и за Грција и за Македонија е и во тоа што тој ослободува од робување на историски заблуди одамна прегазени од ова глобално технолошко и информатичко време. И кај нашиот јужен сосед и кај нас, Преспанскиот договор е рационално и корисно будење од историските заблуди.

Шестоте илјади граѓани што се одзваа на референдумот ја извлекоа земјата од робувањето на политичките манипулации и од манипулативните патриотизми. Тие се хероите на ова време. Тие граѓани на Македонија, на Северна ама на Македонија, тие Македонци од Северна Македонија ама Македонци, ги овозможија македонските интеграции. Историски тие се најзаслужните за нашите извесни европските перспективи.

Оттука, наместо патетики, наместо глумење плач и крокодилските солзи поради неостварените политички амбиции, нужна е доза оптимизам и особено подготвеност да се засукаат ракавите зашто само едно е точно: И натаму сѐ само од нас ќе зависи.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.