Денешна дата
20/11/2019

Приклучени на европска струја

пишува: Денко Малески

 

Почетокот беше тежок, патот напред неизвесен. На мојот прв работен ден во канцеларијата на МНР во 1991, на четврти кат во зградата на „Статистика“, до која водеше еден невообичаен брз расклатен лифт, валкан и без внатрешна врата, секретарката ми донесе цел сноп писма. Дипломатска кореспонденција? Не, туку сметки за струја, за парно, за боледувања или отсуства. Сето ова да го однесе кај надлежните службеници а не кај мене, и реков. Дотогашната пракса прекинува затоа што, во предвечерјето на крвавите етнички војни во Југославија, јас ќе имам друга задача. Да, ама утредента, мојата маса беше празна, немаше никаква кореспонденција. Значи, почнуваме од нула, помислив, правејќи серија склекови за да ја смирам нервозата. Но, како без дипломатска мрежа? Како ќе разбере светот за нашето постоење. За среќа, некој на Запад мислеше на нас. Европската заедница, со поддршка на САД, ја организираше Конференцијата за Југославија и ги покани претседателите и министрите за надворешни работи на републиките да се искачат на таа политичка платформа и да ја изложат визијата за својата земја. Она што го рековме сесрдно го подржаа и Македонија ја оствари својата независност преку политиката на мирољубивото самоопределување.  Светот слушна за нас. Денес светот, со свои амбасади и амбасадори во Скопје, знае се за нас. Оваа комуникација, споредено со почетокот на деведесеттите кога бевме почестени кога трет секретар на некоја амбасада во Белград ќе не посетеше, е рамно на фантазија. Но, што мислат странците, кои, живеејќи со нас сега ги знаат нашите маани, за ефикасноста на политичките институции на државата?

Иако свесни за тешкотиите со кои сме соочени, од отсуството на демократска традиција до сиромаштијата, не се воодушевени од точките на контакт со нашиот политички систем. Особено од ефикасноста. Подолго време не можат да го разберат е фактот дека има некомпетентни луѓе на значајни функции во министерствата принудувајќи ги да заклучат дека подолу од министерот, често, немаат со кого да работат. Парадоксално, ова го велат за институции кои се претрупани со службеници од кои би можела да се направи селекција на добри тимови за контакт.  Ги чуди кога сакаат нешто да ни подарат, како амбулантна кола, на пример, но како со сила да ни даваат зашто некогаш треба месеци да се пополнат потребните документи за примопредавањето. Го имаме Преспанскиот договор, тоа историско отворање кон Западот, преку Грција. Но, тоа е зад нас а темата за ефикасноста на нашите институции не само што останува туку се наметнува како приоритет во политиката. Прашањето е како ќе функционира политичкиот, правниот и економскиот систем на државата кога еднаш ќе биде приклучен на „европска струја“. Ако не е добро подготвен, може „да прегори“: да не може да се носи со европските критериуми. Построги услови е она на што ќе инсистира Франција пред да се согласи со датум за преговори со Република Северна Македонија и со Република Албанија: да не „прегори“ нашиот систем, но уште повеќе, да не „прегори“ европскиот систем во допир со уште две држави од Балканот.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.