Денешна дата
13/11/2019

НОВА МЕТОДОЛОГИЈА И “ИЗВИНУВАЊА“!

Пишува: Бардул Заими

Се чини дека “кошмарот“ за започнување преговори ќе продолжи и деновиве. Надежта и разочарувањето најверојатно ќе патуваат заедно сè до конечната одлука на Европскиот Совет, која се очекува да биде соопштена на крајот на неделава. Северна Македонија и Албанија најверојатно нема да добијат датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, иако драмата на чекање ќе продолжи до конечната одлука на највисоко ниво на крајот на неделата.

Франција инсистираше на нова методологија за преговори, додека претставниците на европските институции ги повторија ветувањата дадени за Северна Македонија и за Албанија. Комесарот за проширување Јоханес Хан инсистираше за паралелниот процес, но во меѓувреме чувствуваше дека ќе биде тешко да се усогласат ставовите на сите земји-членки за започнување на преговорите. Финското претседателство веќе излезе со нов предлог, компромис, што значи отворање на преговори и во меѓувреме усвојување на новата методологија што ја бара Франција. Но, овој предлог се чини дека не функционира.

Министрите за надворешни работи на ЕУ не успеаја да се согласат и не донесоа одлука за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. Овој проблем сега ќе се толкува на највисоко ниво, во Европскиот Совет. Комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан го изрази своето разочарување и им се извини на граѓаните на Северна Македонија и Албанија. „Не е момент за гордост, но не сакам никого да обвинам. Сега е до Европскиот Совет. Голем број на земји-членки ја поддржаа препораката на Европската комисија. Навистина ми е жал бидејќи не е време за гордост. Секое понатамошно одложување ќе го поткопа нашиот кредибилитет во Западен Балкан и нашите амбиции да станеме посилна глобална моќ. Не треба да се изненадуваме кога другите сили ќе го зајакнат своето влијание таму. Сè уште се надевам дека во четврток и петок Европскиот Совет и лидерите на земјите членки ќе донесат политичка одлука да го вратиме нашиот кредибилитет на Балканот. Македонија и Албанија ја завршија својата домашна задача, направија болни реформи. Граѓаните имаат желби и соништа, не станува збор за постигнување задоволство на политичарите, туку мора да работиме за луѓето. Им се извинуваме на граѓаните што не успеавме да постигнеме договор “, истакна еврокомесарот Хан.

Само два дена пред одлуката на Европскиот Совет за започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија, се чини дека до крај ќе биде неизвесно. Францускиот претседател Емануел Макрон, повика на промена на методологијата за преговори со нови земји, кои треба да се придружат во иднина. Токму ваквиот пристап на францускиот претседател ќе ги остави двете земји од регионот без датум за преговори, за кои Европската Комисија препорача отворање во октомври, по неуспешната одлука во јуни годинава.

Позицијата на Франција за започнување преговори, во меѓувреме, предизвика дебата во рамките на институциите и претставниците на ЕУ, но и во самите членки на ЕУ, кои се чини дека остануваат поделени за одредување датум за Северна Македонија и Албанија. Претходно, комесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека дебатата за новата методологија предложена од Франција и започнување преговори со двете земји од Западен Балкан треба да одат паралелно. Хан истакна дека “решавањето на внатрешните проблеми на ЕУ и новите членства мора да се направи истовремено“. Како и да е, не се знае каков ќе биде ехото од ставот на еврокомесарот за проширување во време кога Франција се чини стои цврсто во својата позиција за новата методологија.

Средбата меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, се гледаше во светлината на оваа нејасна ситуација за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија. Иако се надеваше дека ќе има одредена координација по ова прашање, се чини дека средбата била повеќе фокусирана на турската интервенција во Сирија и во Брегзит.

Овој факт ја прави ситуацијата многу нејасна пред состанокот на Европскиот Совет, кога се очекува одлука за Северна Македонија и Албанија. Премиерот на Албанија, Еди Рама, не изрази оптимизам во врска со започнувањето на преговорите.

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, изјави дека на Самитот на Европската унија се очекува одлука, датум за почеток на пристапните преговори. Тој е оптимист дека такво нешто ќе се случи. Коментирајќи ја средбата Меркел-Макрон, премиерот Заев рече дека очекува датум за преговори.

Во меѓувреме,  и по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Заев изрази оптимизам дека ќе се случи отворањето на преговорите. „Верувам до небото дека ќе го добиеме датумот за почеток на преговорите со ЕУ, останувам оптимист. Нашата земја не освои ништо лесно од независноста, ние сме мала земја и постигнавме сè со тешкотии. Зборувам за сите влади, така што драмата на ЕУ ќе трае до последен момент “, рече премиерот Зоран Заев.

Според него, Македонија нема проблем со предложените нови методологии во врска со реформите во проширувањето. Заев ја отфрли идејата за предвремените избори ако земјата не добие шанса да започне преговори, но се чини дека овој став ќе биде тешко да се менаџира, бидејќи притисокот на опозицијата за одржување избори ќе биде многу поголем.

Секоја перспектива за започнување на преговорите се чини непредвидлива, додека Франција во меѓувреме треба да даде јасен сигнал за тоа каква ќе биде конечната одлука. Останува да се види дали ќе победи идејата на ветувањата кон северна Македонија и Албанија, како што постојано изјавија претставници на европските институции, или ќе победи  инсистирањето за поставување нова методологија за преговорите што го предлага Франција.

Остануваат само неколку часа до одлуката на Европскиот Цовет. Северна Македонија и Албанија чекаат со нетрпение. Одложувањето на датумот веројатно ќе има влијание и на домашната политичка сцена. Опозицијата долго време бараше предвремени избори. Одлуката на Европскиот Совет изгледа клучна за внатрешните случувања. „Не“ за преговорите со сигурност ги подразбира предвремените избори, и покрај изјавите на премиерот Заев.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.