Денешна дата
20/11/2019

Ќе се вариме во сопствениот сос, додека не научиме подобро

 

пишува: Денко Малески

Македонските политичари помислија дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, чин на историско помирување помеѓу грчкиот и македонскиот народ, автоматски ќе станеме дел од евроатланстките интеграции. Решението на проблемот кој не држеше заковани во место безмалку триесет години, за што требаше огромна лична храброст на политичарите од двете страни на границата, се чинеше, е доволно да ни ги отвори портите на НАТО и на ЕУ.  Но, и овој пат се покажа дека рамката на светската политика ја држат големите сили. Додека Америка стоеше зад процесот на зачленивање во НАТО, Франција се спротистави на отпочнување преговори со ЕУ. Така и бидна. Но, битката за датум за  преговори со ЕУ го засени големото претходно остварување – членството во НАТО со кое ја решивме нашата историска безбедносна дилема: „што ни спремаат соседите“. Благодарение на  Преспанскиот договор наскоро ќе седнеме на иста маса со соседите и со големите сили и ќе се грижиме за нашата заедничка безбедност во рамките на ист воен и политички сојуз.Тоа за нас на Балканот е фантастично оставрување. Иако во меѓународните односи нема апсолутни гаранции за мир, а војната е вечен сопатник на човештвото, нашата држава може многу поспокојно да гледа на својата иднина. Безбедноста е основата на мирот и просперитетот, па, не случајно, патот на сите земји од Источна Европа  минуваше низ две етапи: првата врзана за решавање на безбедносното прашање преку членство во НАТО и втората преговори и членство во ЕУ, како формула за економски и општествен развој.

Уште пред неколку децении, Хенри Кисинџер, професор на Харвард и државен секретар во администарцијата на претседателот на САД Ричард Никсон, отвори една тема која по малку наликува на онаа што ја отвори Франција околу почнувањето на преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ. Имено, изразувајќи жалење за старите добри времиња кога НАТО беше блескава воено-политичка организација на демократски и економски развиени општества, Кисинџер имаше проблем да ја разбере политиката на тогашниот претседател Бил Клинтон. Неговиот страв беше дека со своето Партнерство за мир со кое администрацијата на Клинтон им ги отвори вратите на земјите од Источна Европа, НАТО ќе заличи на Обединетите нации. Без поголема временска дистанца, не е можно да се каже кој бил во право, Кисинџер или Клинтон, но она што знаеме денес е дека ширењето на НАТО во Источна Европа и особено на Балканот го стабилизира регионот. Се разбира, Кисинџер на ова цинично  реплицира дека, преку НАТО,  Америка ја земала врз себе улогата на Отоманското царство кое, со својата моќ, го одржувало мирот меѓу скараните етнички групи на Балканот, но и да е така, добро е. Малите балкански земји со своите минијатурни армии, некому би можеле да  изгледаат смешно во големиот воен сојуз, но истите тие армии знаат да произведат злосторства и масовни човечки страдања на милиони луѓе, факт кој се докажа во последните крвави југословенски етнички војни.

Зборот ми е дека  со отпочнувањето на преговорите за прием на малите балкански земји во ЕУ, овој сојуз немаше да биде толку блескав како порано, но придобивките во цивилизациски напредок на „задниот двор на Европа“ во кој живееме ние, ќе беа непроценливи за мирот и прогресот на Континентот. Но, ги разбирам и француските резерви. Кога би бил на нивно место и јас би се помислил дали во својот сојуз да примам народи кои не застануваат на црвено светло на семафор, се недисциплинирани, корумпирани, немаат свест за правда и правна држава, лажат и крадат  и бираат такви претставници во власта; кои пет години не можат или не ги интересира  да утврдат кој ги прислушкувал и чии корумпирани политички претставници шетаат на слобода и настапуваат на телевизија;  чија интелигенција ги преферира лесните школи на Истокот во однос на тешките школи на Западот; чии политичари  немаат талент за дијалог и за компромис во интерес на општото добро, туку политиката ја разбираат како свирепа борба за гола власт и привилегии; чиј специјален јавен обвинител е обвинет за корупција;  во чиј парламент се влечка полумртвото тело на претепан пратеник… Сепак, жалам што пропадна доблесниот обид на 28 држави членки да замижат над нашите ужасни недостатоци и, заедно со кревките либерални сили во земјата, да го поделат товарот на  нашето мачно цивилизирање. Но, Франција реши да не мижи и да не остави да се вариме во сопствениот сос додека не научиме подобро. Идните настани во нашата земја и на Балканот ќе покажат кој пристап бил исправен.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.