Денешна дата
20/11/2019

БЕЗНАДЕЖНО РАЗОЧАРУВАЊЕ НАСПРОТИ ПРАЗНИ РЕТОРИКИ

Додека партиите се расправаат за теми кои имаат многу поширок контекст, граѓаните очекуваат конкретни платформи од политичките партии, а не фрагменти од судири и пофалби со кои веќе започна оваа предвремена изборна кампања. Во Северна Македонија многу нешта можат да доцнат , но изборните кампањи се чини дека рано почнуваат и целата политичка енергија се користи само како изборна реторика.

Пишува: Бардул Заими

Датумот за предвремени избори ги „запали“ и „моторите“ на политичките партии. Полека, партиите се пуштат на вообичаената предизборна реторика која е присутна на секој изборен циклус. Пофалбите на партијата и демонизирање на спротивната партија се чини дека се единствената шема што ја препознаваат политичките партии. Можеби прашањето за недобивање  датум за преговори со ЕУ, што дојде како резултат на француското вето, ќе биде дел од оваа кампања, која веќе започна, иако се уште има околу шест месеци до закажаните избори за 12 април .

Во меѓувреме, разменети се обвинувања меѓу владата и опозицијата за недобиениот  датум за почеток на преговорите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја пуштија дебатата за европска интеграција, во која се очекуваше да реферираат вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. „Наместо да поднесат оставка заради морална одговорност, денес Осман и Димитров повторно ќе понудат манипулативни објаснувања“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошовски. Тој иронично изјави дека опозицијата ја напушти дебатата за да му даде простор на Владата за пофалби и аплауз за нејзиниот неуспех. Министерот Никола Димитров ја нарече ова обвинување  политичката ароганција од страна на тие што го блокираа патот кон ЕУ. Во меѓувреме, вицепремиерот Бујар Османи истакна дека не треба да се дозволи чувство на разочарување да не одведе од европскиот пат.

Веројатно една од темите што ќе доминира во јавниот дискурс во овој предизборен период ќе биде недобивањето датумот за почеток за преговори, момент што ќе се толкува на различни начини од владејачките и опозициските политички партии. Се разбира, ова е момент за дебата, но ќе треба да се префрли од изборната кампања и да се искачи на други нивоа затоа што процесот останува крајно комплициран и не зависи само од домашните политички чинители.

Додека партиите се расправаат за теми кои имаат многу поширок контекст, граѓаните очекуваат конкретни платформи од политичките партии, а не фрагменти од судири и пофалби со кои веќе започна оваа предвремена изборна кампања. Во Северна Македонија многу нешта можат да доцнат , но изборните кампањи се чини дека рано почнуваат и  целата политичка енергија се користи само како изборна реторика.

Се чини дека веќе постои фатално исклучување помеѓу политичките елити кои живеат во нивната идеолошка реалност и граѓаните кои од ден на ден покажуваат недоверба да бидат дел од овој политички „спектакл“ што доаѓа како „песна“ што веќе се слуша со години. Реториката и демагогијата никогаш не изостанаа во политичкиот простор, што за жал од почетоците на демократијата сè повеќе станува основно значење на политиката.

Во политичката сцена во Македонија постојано се повторуваа истите празни реторики, додека многу проблеми поврзани со очекувањата на граѓаните не можеа да се артикулираат како политичка визија. Сите овие транзициони години ова доведе до недостиг на доверба во односите меѓу гласачите и политичките партии. Според многу податоци презентирани од невладини организации, еден голем број на граѓаните со право на глас сега повеќе не учествуваат во изборниот процес. Тоа е разочарување што доаѓа како последица на одвојувањето на политиката од реалните проблеми на народот. Токму оваа разочарување, со текот на времето, создаде милитантен и клиентелистички гласач кој останува предвидлив во пресметките на политичките партии.

Првите настапи на лидерите изгледаат разочарувачки. Овие настапи остануваат типични во синкрон со реторичките “пофалби“ за минатото. Единствениот дискурс што можеме да го слушнеме во овој  пролог на предизборната кампања е „ќе победиме“, „нашата победа е сигурна“, „ние сме најдобри“. Иако е рано да се зборува за политички визии, првите знаци на овој предизборен период прикажуваат иста логика на функционирање, истите популистички битки, кои не совпаѓаат со  горчливата реалност на граѓаните, кои, од ден на ден, подлегнуваат на безнадежното разочарување.

Демократијата е центарот на политичката плуралност, на дебатата, на политичките визии структурирани во изборни политички платформи. Овие платформи ја структурираат и обликуваат изборната политичка чувствителност што произлегува од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Политиката не се прави во хемисферите на личното его, туку на центарот на очекувањата за подобар, похуман и достоинствен живот во целата длабочина и ширина на егзистенцијата. Современите политички концепти го имаат човекот во епицентарот. Тие не произлегуваат во празнината на личната реторика, туку на центарот на заедничките интереси, во хемисфери каде човечкото суштество се појавува како политичко и културно суштество.

Бројни политички дегенерации во текот на изминатиот период веќе создадоа политички вакум во врската меѓу електоратот и политичката партија. Овој вакуум се преведува како недоверба, како апстиненција од демократското учество. Оваа апстиненција веќе презеде поинаква форма која поттикна трајно бегство. Заминувањето на младите е феномен што е резултат на овие политики и неможноста да се идентификуваат, артикулираат и да се проектира надеж за граѓаните во форма на добро осмислени политички понуди. Како и обично, во отсуство на конкретни политички понуди, се повеќе се појавува феноменот на демонизација како политичка битка која повеќе се прави за милитантни размислувања, со што ја исклучува политичката вклученост што подразбира проширување на сите различни социјални категории. Нема никакви знаци на платформи, политички понуди и тоа ја стимулира демонизирачката и екстремната реторика со уништувачки тврдења. Во такви ситуации, дебатата се претвора во арена на навреди од страна на партиските милитанти, демонизации и фрустрации кои немаат никаква врска со политичката култура.

Остануваат околу шест месеци до предвремените парламентарни избори. Можеби е доволно време да се разбере од сите политички партии дека ваквите „пофални“ политички дискурси нема да ја поттикне чувствителноста на електоратот што тие го таргетираат. Логиката на демонизација може да ги мобилизира партиските милитанти, но не и уморените граѓани, кои бараат конкретни политички понуди што ги исполнуваат нивните очекувања. Додека политичкиот „шум“ од претходната логика може да изгледа привлечен, тој само ќе ги задоволи партиските партии и ќе има мало влијание врз учеството на граѓаните во изборниот процес.