Денешна дата
20/11/2019

Треба многу труд за мало поместување напред

пишува: Денко Малески

 

По француското вето, важно е да не ги повориме грешките од грчкото вето. Тогаш,имено, на македонските политичари им требаа децении да апсолвираат некои елементарни работи од азбуката на меѓународната политика: дека сојузите се формираат да ги бранат интересите на своите членки, дека начинот на одлучувањето во ЕУ со консенсус го прави ирелевантен фактот дека сите други се на ваша страна, дека големите сили се пред се одговорни за единството на сојузот кој секогаш им е поважен од маките на аспирантите за членство… Така, дури и мала балканска држава како Грција, која партнерите од Европа ја сметаа за „незгоден“ партнер и не се согласуваа со нејзиното поведение, ја наметна вољата врз целиот сојуз. Во првите години на независноста македонските политичари се однесуваа како да е потпишан Преспанскиот договор, но тоа не им беше доволно на соседите. Нивните политичари посакуваа да не нема. Кога македонските политичари решија да ги постават темелите на нашиот идентитет во минато кое Грците го сметаат за свое културно и историско наследство, се загрози самиот опстанок на нашата држава. И така, правејќи еден круг од скоро три децении, со Преспанскиот договор се обврзавме на она што беше наше доброволно поведение на почетокот од деведесеттите. Цената на тој бесмислен експеримент со античкиот идентитет беше име erga omnes.

И кога помисливме дека вратите на Европа ни се широко отворени, се случи промена на политиката и нови изменети услови за членство.Сегашнава ситуација, кога една голема сила како Франција го блокира влезот во ЕУ на нови балкански држави, може да биде и потешка од претходната. Всушност, како што видовме, спорот со името можеше да се реши многу порано и многу поповолно за нас. Но, временските секвенци во меѓународната, како впрочем и во домашната политика, не се повторуваат. За мала држава како Македонија, време е на ново прилагодување кон она што е најблиску до наша стратешка цел:членство во ЕУ. Треба, се разбира, да се исползува фактот дека големото мнозинство членки на ЕУ се за отпочнување на преговори, паралелно со ревизија на методологијата на прием, но секогаш да се има на ум научената лекција дека признавањето под уставното име од 140 држави беше послабо од ветото на една, кон чиј сојуз сакавме да се приклучиме. Во таа смисла треба да се направи сериозна проценка околу одлучноста на Франција да опстои на својот став и доколку е тоа долгорочна стратегија која не би можела да се компензизра со некакви „давања-земања“, со кои, инаку, изобилува меѓународната политика,треба сериозно да се разгледаат новите алтернативи за приближување кон ЕУ. Тоа, секако, ќе значи и блиска соработка токму со Франција, земјата која стави ветото на проширувањето. Оти, ако важат лекциите од односите со Грција, нашиот непопустлив вратар кон Унијата, уште повеќе тоа важи за водечка сила на ЕУ. за Франција.

Најлошо би било доколку наместо сериозно да се замислиме над новите реалности, почнат меѓупартиските наддавања околу тоа која партија ќе ја префлела државата на „брзата трака“ кон ЕУ, како што сега вели водачот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Работите, имено, се многу посложени од што мислат нашите политичари. Во прашање се две различни култури. Рандевуто помеѓу западната и источна култура се покажува покомплицирано од што замислуваме. Нема „брза трака“ за промена на состојбата на нашиот ум. Не верувам ни дека има ренесанса на економијата за 100 дена, како што се најавува од опозицијата, но економијата, се чини, ќе биде полето на идната поблиска соработка со ЕУ. Идејата за Европска економска унија која ќе не интегрира во европскиот пазар и ќе ни наметне европски стандарди во производството и услугите, не е за отфрлање. Модерните мајстори на политичката мисла како Сејмор Мартин Липсет, на пример, уште во шеесеттите години заклучија дека демократија не просперира во сиромаштија и дека нејзиниот развој може да се изведе од степенот на економскиот благосостојба на една земја.Имено, што побогата земјата, тоа поголеми шансите за демократија и за правна држава.

Јасно е: нашите политичари, и после триесет години, едноставно не можат да испорачаат правна држава, независно судство, дијалог, компромис, взаемна доверба, отчетност, демократски контролирана власт и сите други елементи на една вистинска демократија. Западот може да ни помогне со фондови наменети за економска трансформација, но кога културна трансформација е во прашање, тоа мора да биде наше дело. Како беше онаа омиленаата на професор Ѓорѓи Марјановиќ: можам капа да му купам, ама памет не. Промената на состојбата на умот е процес кој е толку тежок што Роберт Дал, истражувач на демократиите, напишал: Погледнете го вашиот политички ситем и знајте дека во  вашиот животен век тој битно нема да се промени. Не, тоа не е повик на предавање, туку токму спротивното, на борба. Потребно е многу труд за мало поместување напред.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.