Денешна дата
20/11/2019

Со затворени очи пред животните закани

Пишува: Трифун Костовски

 

Живееме во доба кога една од најголемите закани за човештвото се климатските промени, загадувањето и беспоштедното уништување на природните ресурси. Целиот свет е во алармантна ситуација за неповратното уништување и умирање на планетата Земја. Дури и шеснаесетгодишната Швеѓанка Грета Тумберг, покажува поголема свесност за метастатичната, речиси терминална состојба на воздухот, почвата и природата од поголемиот дел луѓе кои се на влијателни моќни позиции. Таа успева да ја подигне свеста и да го мобилизира целиот свет поставувајќи го пред политичките елити на водечките земји прашањето за климатските промени и загадувањето како приоритетно.

И додека светот активно се бави со истражувања, стратегии и акциски планови за превенирање на еколошката катастрофа која како јавачите на Апокалипсата е во својот галоп, се чини дека Република Македонија веќе со години наназад не презема ништо и сосема го игнорира или барем го става на последна точка од дневниот ред овој проблем. Со децении наназад градот Скопје е ставен меѓу првите на листите за загаденост, која особено се засилува во втората половина од есента и од зимскиот период.

А ние како да стоиме арогантно по страна не преземајќи ништо. Факт е дека денес имаме мерни инструменти за тоа каков воздух дишеме. Убеден сум дека во светот постојат до шеста децимала мерни инструменти за водата која ја консумираме како и за техничката вода, а, исто така, и за почвата по која се движиме и во која растат плодовите кои ги користиме за исхрана.

Во изминативе години најчесто се зборува дека клучниот извор на загадувањето се сообраќајниот метеж и издувните гасови, градежништвото кое со дозвола на властите неплански се распространува низ градот и греењето на дрва. Тоа без малку звучи како гатанка и народна приказна.

Скопје е единствениот град од екс југословенските градови каде што беше сместена целата загадувачка индустрија, почнувајќи од Железара, Алумина, Охис, Цементарница, Купром. Сѐ се тоа индустрии чии последици до ден денес се на територијата на градот Скопје. Решавањето на сообраќајниот метеж со воведување на еко автобуси и воопшто подобрениот јавен превоз, кој ќе ја намали употребата на автомобилите, е делумно решение. Воведувањето на трамвајот е исто така некое решение кое многу повеќе ќе го намали загадувањето. Како бивш градоначалник морам да напоменам дека моите наследници мораат сериозно да ја сфатат нужноста на трамвајот и да започнат активности. Постои во архивите на градот Скопје комплетен проект за првата делница на трамвајот на релација Лисиче – Центар – Лисиче, каде е утврдена трасата во двата правци и постои депо за 48 вагони. Веќе изминуваат 11 години од овој проект кој веќе е финален. Но, ниту еден од моите колеги наследници освен прес конференции со ветувања не го активираше овој проект во фаза на реализација. Трамвајот е неопходност и единствена солуција во однос на јавен превоз за Скопје.

Меѓутоа не е ниту тоа решение со кое ние ќе го елиминираме проблемот на загадувањето. Повеќе претпочитам длабока анализа на сето она што нѐ опкружува во нашето живеење. Анализа која ќе ги покаже прецизно причините за загадувањето и на воздухот и на водата и на почвата. Без ваква анализа ние нема да можеме да дадеме одговор на тоа како ова прашање треба и може да се реши.

Ова прашање е толку сериозно што изискува континуираност во постапката на анализа и ургентно отпочнување реализација на план за трајни решенија. Преку ноќ, и со претпоставки проблемот не го решаваме. Мора темелно да бидат истражени сите сегменти. Како на пациентот што му е потребна точна дијагноза и уште поточна терапија. Така нам ни е потребно релевантна и иманентна институција или институт да даде релевантна експертиза и акциски план со ургентни мерки за решавање на проблемот. Ние, за жал, многу несериозно и површно се обидуваме да ги замаскираме причинителите на загадувањето. Еве само еден пример: уште во време на мојот мандат тешкиот отпад беше решаван само со шмркови вода. Никој не знае во кои пори од почвата тој отпад е втемелен засекогаш. Говорам за отпадот од фабриката Алумина, каде што сега е изграден огромен стамбен комплекс. Тие објекти лежат врз замаскирано исчистен отпад.

Водата на самите извори во Рашче и Нерези не е со истиот квалитет кој го добиваме во нашите домови. Тоа значи дека попатно таа се загадува губејќи ги квалитетните особини. Не е во прашање само почвата на бившиот простор на фабриката Охис. Тука се и оние почви на фабриката Годел и на други фабрики кои се загадувачи на почвата и на воздухот.

Затоа, мои почитувани, судбината наша, на Република Македонија, што дозволи политичка непромисленост ситуирајќи ги најголемите загадувачки индустрии во близина на градовите, доведе до сериозно загрозување на човечките животи. Во овој контекст не може да не се спомене едно од најголемите зла, а тоа е РЕК Битола, кое е канцерогено жариште не само за Битола туку и за нашата најголема житница Пелагонија.

Локалната и централната власт, заедно со научните човечки ресурси мораат да сфатат дека е повеќе од ургентно да се зафатат со загадувањето како со приоритетно, бидејќи од тоа зависат човечките животи. Време е институциите да почнат да мислат на своите граѓани, за здравјето и за иднината на секој поединец и да ги решат и за наназад и за нанапред овие проблеми.

И на крајот, би додал дека азбестот кој во високо развиените земји веќе 5 децении е исчистен целосно од употребата во градбите, затоа што е утврдена неговата канцерогена штетност, кај нас сѐ уште се употребува. А ние, тоа прашање ниту го отвораме, а камо ли да предвидиме негово дефинитивно решавање. Се работи за скап проект, но кога е во прашање здравјето на граѓаните нема цена која не треба да се плати. А колку за површно познавање на овој проблем би сакал да укажам на надлежните локални авторитети дека бигорот во азбестните канализациони и водоводни цевки не е заштита за водата. Решение е сите цевки, целата водоводна инфраструктура да биде заменета за да се добие квалитетна вода за сите граѓани.

Никој од нас не смее веќе да ја става главата во песок како нојот, со цел да не ги согледам опасностите од реалноста во која живееме. Имам право како граѓанин да бидам дрзок и да побарам од сите надлежни институции, во име на сите граѓани, особено во името на новите генерации, да се зафатиме со решавањето на ова зло кое сите нѐ убива. Со лажни ветувања само губиме време и си ја плаќаме цената на нашето незнаење. Мора да бидеме со очи ширум отворени пред животните закани.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.