Денешна дата
14/12/2019

Алексис Хераклидес, прекрасен либерален ум од Грција

пишува: Денко Малески

Телефонскиот повик од нашата амбасада во Атина заврши со договор да се сретнам во Скопје со професорот Алексис Хераклидес кој пишува книга за односите меѓу нашите две држави. „Американски?“, вели при првото видување пред кафулето во мојата зграда, мислејќи на начинот на кој двајцата бевме облечени: фармерки и сако. На крајот од безмалку тичасовниот разговор, се разделивме како пријатели, со зборови на Рик (Хемфри Богарт) од филмот „Казабланка“: „Мислам дека ова е почеток на едно прекрасно пријателство“.Тој ми остави испечатени делови од книгата која во мај ќе ја објави „Ратџерс“ од Лондон, со молба за мислење и коментари. Во меѓувреме, рече, ќе дојде повторно во Скопје. Од разговорот разбравме дека и двајцата сме синови на дипломати кои служеле во арапскиот свет некаде во исто време, почетокот на шеесеттите. На приближно иста возраст, како деца, сме ги учеле првите лекции од политиката во арапскиот свет. Тој во Дамаск, Сирија, а јас во Бејрут, Либан. Се потсетивме на патот преку планината, всушност вели тој, тоа се две планини кои ги поврзуваше двата града. Се потсетив на планинското населено место Штора, кој одново ми го врати во меморијата и на долината Бека, зад планините, во која има остатоци од древниот римски град Баалбек. По тој пат, татко ми возеше до Дамаск до нивниот чувен пазар, „Сук“, од кој купивме прекрасни памучни прекривки со кои и ден денес се покриваме во куќата во Струга, а татко му до  Бејрут по кока кола и други западни производи.

Дека либерално образовани луѓе од било кој крај на светот лесно се разбираат затоа што, всушност, го говорат истиот јазик на мир,почитување, толеранција, разбирање и соработка, го знам одамна. Но, се потврди уште еднаш дека истиот тој јазик зближува и претставници на скарани нации на Балканот. Алексис ме потсетува дека ме забележал на конференција на КЕБС во Хелсинки, Финска, во 1992 година, кога тој бил во составот на грчката делегација, во улога на експерт за човекови права. Вели дека ја примил мојата порака како министер за надворешни работи на сеуште непризнаена држава упатена до грчката делегација, преку еден мој соработник и ја проследил до шефот, заменикот министер за надворешни работи. Пораката гласела: да се сретнеме и да почнеме да работиме на решавање на спорот зашто ако го оставиме, ќе трае цела вечност. До средба не дојде затоа што грчката политика тоа не го сакаше, ниту домашната јавност беше спремна да поддржи таква политика. Едноставно речено, грчкиот национализам сакаше ние да не постоиме. Младиот научник, пак, имал поинакви идеи околу нашето постоење. На некаква средба со новинари, меѓу кои и новинар од нашата дијаспора, ќе изјави дека во Грција постои турско и македонско (словенско) малцинство. „Ова ви го кажувам во доверба“, рекол, како да не рекол. Утредента претставникот од нашата дијаспора ги објавил неговите зборови. Имаше ли проблеми дома, го прашувам. На состанок во нивното МНР некој го покренал прашањето но, покрај разбирањето на Кофос, советникот за историски прашања, ме спаси фактот дека јас бев син на наш познат дипломат, познат и по своите тврди национални ставови. Татко ми беше националист, вели јасно и гласно Алексис. Овие негови зборови ме потсетија на моето дисидентство во младите години и на времето на борбата против „либерализмот“ кога мене ме спасуваше фактот дека бев синот на Владо. Имено, татко ми беше комунист кој ја следеше линијата на Комунистичката партија на Југославија и Македонија и познат писател. „Денко е наше дете“, ќе речеа и претставници на догматската линија во комунистичката партија.

Младиот научник Алексис, како и јас преку границата, продолжувме по својот пат. Литературата ни е иста, благодарејќи на фактот дека во Југославија можеше да се порача се што беше објавено во светот и тоа на сметка на Факултетот, што ќе рече на државата. Алексис, пишува и зборува за малцинства во Грција, за подобрување на односите со Турција и за решавање на турско-грчкиот проблем на Кипар, и се стекнува со голем број пријатели „од другата страна“. Му завидувам на фактот дека и тогаш, како и сега, бил дел од научната и образовната мрежа на западниот свет. Некаде во исто време, јас пишувам и зборувам за потребата од редефинирање на односите меѓу народите на југословенската федерација и против војната, за правата на Албанците во Македонија, за потребата од решавање на спорот со Грција преку компромис, но и за нужноста од промена на нашето антибугарско поведение и едно поинакво видување на македонско-бугарската историја. Во разговорот заклучуваме дека во отпорот кон либералната мисла, националистичките кругови на Грција и Македонија лесно посегнуваат по етикетата „предавник“. Но, ставовите на мојот нов пријател Алексис ги пореметуваат односите со сопствениот татко кој одбива да комуницира со него цели десет години. Се надевам дека беше свесен дека сум тука до него во болницата, кога стоев крај неговата претсмртна постела. Така разбирам дека научникот во потрага по вистината, кој милува, со тотално разбирање за оние што мислат поинаку, да зборува за „повеќе нарации“ за нацијата во балканските земји, од националистичката до модерната, платил тешка лична цена.

Иако многу жалам што татко ми умре релативно млад, среќен сум што не минав низ трауматичното искуство на Алексис. Дали татко ми би ми префрлил за компромисот и промената на името на државата во Северна Македонија или би инсистирал на „Македонија“ како што стои во химната која ја напишал и компонирал? Сакам да верувам дека не само што не би ми се налутил, туку би ми рекол дека исправно сум одел по пат кој е поинаков од неговиот и сум барал нови решенија за новите проблеми кои ги носат неизбежните промени во животот на луѓето и на државите. Правото така да мислам произлегува од сеќавањето за моето „левичарење“ во годините на комунизмот и фактот дека тоа го правеше горд зашто знаеше дека алтернативата на таквото мое поведение е една: да бидам партиски полтрон. А, има ли татко кој сака неговиот син да биде полтрон? Да, и сакам да верувам дека, длабоко во себе, и стариот амбасадор Хераклидес се гордеел со својот син Алексис.