Денешна дата
14/12/2019

Пред Емануел Макрон беше Хојт Ји

пишува: Денко Малески

Ја паметам таа карикатура во Њујорк тајмс од времето на падот на Берлинскиот зид во 1989 година: Надвор вее снег. Низ големиот прозорец на убава куќа се гледаат првите луѓе на Западна Европа, елегантно облечени, седнати на вечера во една прекрасна атмосфера (свеќи, блескав прибор за јадење, запален камин, слики по зидовите,раскошни теписи по подот…). Од надворешната страна на куќата, околу прозорецот, веднаш до влезната врата, тропаат и звонат толпа луѓе од Источна Европа ( дебели жени забрадени со шамии, брадосани мажи со шубари, сите со калливи гумени чизми). Симболиката беше јасна: изненадените европејци беа ставени пред дилемата дали да им ја отворат вратата на народите кои сакаа да ја споделуваат нивната слобода, просперитет и безбедност. Унијата тогаш заклучи дека проширувањето кон Централна Европа е нејзин стратешки приоритет, но таков статус немаше за Западен Балкан. Војните во Југославија налагаа мирот да биде приоритет, а дури потоа преговори за приклучување кон ЕУ. Четригодишната војна го уназади регионот кој тргна во спротивна насока од европската интеграција – кон дезинтеграција. Војните, тоа е познато од дамнини, го вадат најлошото од луѓето, а луѓето во битка за опстанок првото што го жртвуваат е честа. Корупцијата стана ендемска (системска) и продолжи да го труе општествениот живот и откога престана пукањето, откога се смирија подивеаните национализми и беше прогласен мирот. Приватизацијата произведе еден брутален капитализам од типот каков што денес на постои во напредниот демократски свет. Цела една нова генерација беше одгледана во услови на изопачени вредности и отсуство на морални принципи. Сите овие настани на периферијата на Европа, го турнаа прашањето за отворање пристапни преговори со земјите на Западниот Балкан далеку во иднината. Но, кога, четврт век подоцна, почнаа со преговори со Црна Гора и со Србија, истоштените балкански општества немаа сила вистински да се менуваат. Аналитичарите велат дека отворањето на поглавјата од процесот на преговори за членство, се претвори во ритуал на штиклирање и во размена на лицемерие.

Првата критика на тоа лицемерие не дојде од Франција туку од Америка. Високиот американски диплома Хојт Ји, во април оваа година, ќе изјави дека проширувањето кон Западниот Балкан до 2025 година, не само што не е реалистично туку е штетно земјите од регионот да се преправаат дека имплементираат реформи а ЕУ да се преправа дека реформите се имплементирани. „Нема потреба некој да се откажува од европска интеграција, но важно е да се биде чесен за шансите на тој пат. Зашто, да се преправаме дека е ова извесно и дека некои земји може да станат членки до 2025, не само што не им помага на оние кои треба да ги имплементираат реформите туку ги охрабрува клептократите, корумпираните политичари да му велат на народот дека членството ќе се случи за две, три, пет години, добивајќи повеќе кислород од што заслужуваат, ќе изјави Ји на конференцијата во Вашингтон, „Решавање на нерешеното во Западниот Балкан“. Тоа беше сигналот дека и на самиот процес на проширување, кој не функционира добро веќе извесно време, му е потребна реформа. Но, Америка не продолжи да притиска во таа насока зашто примарниот интерес на нејзината политика е безбедноста. Живеејќи со децении наназад во светот на Хобс, секогаш спремна да го крене мечот против Советскиот сојуз, во одбрана на Слободниот свет, Америка гледа на ЕУ примарно како на мировен план кој денес треба да се прошири на Балканот, по можност да ја опфати Турција и да избие на границите на Иран, Ирак и Сирија. За Европа, пак, која под безбедносниот чадор на САД живееше во светот на Кант, демократските вредности станаа примарен интерес на нејзината политика. Конечно, тоа се гледа и од фактот дека наскоро ќе станеме членка на безбедносниот сојуз НАТО кој го предводи Америка, но ќе се соочиме со тешката задача да ја промениме нашата полтичка култура за да се квалификуваме за сојузот кој го предводи Франција.

Брзината со која беше објавена новата методологија во форма на „нон-пејпр“на Франција е најава дека сепак е можно, иако не е сигурно, Северна Македонија да добие датум за отпочн ување на преговори на самитот на ЕУ во мај во Загреб. Но, за април се закажани изборите во Македонија, па сегашнава политичка гарнитура предводена од СДСМ би се лишила од можноста пред избирачите да излезе со уште еден успех, покрај членството во НАТО. Партијата на власт, во секоја парламентарна демократија, има мандат од четри години, а на предвремени избори се оди само тогаш кога таа, партијата на власт, ќе оцени дека политичката клима оди во прилог на нејзина победа. Не кога сака опозицијата. Ако расположението на гласачите не и оди во прилог, владата не оди на предвремени избори затоа што ќе изгуби. Тоа, се чини, не важи за нас. Кај нас, сите партии, како дел од нивната пропаганда, велат дека во секое време се спремни за избори и се сигурни дека ќе победат, што е невистинито. Се плашам дека одлуката да се оди на избори сега во април може да е резултат на бесот на премиерот кој се почувствувал излажан од ЕУ, а не на студена пресметка дека ќе победи. Ме потсети на Лисабонската декларација и на мојата оставка од позицијата министер за надворешни работи во протест кон ЕЗ. Наивно, зашто ниту повлекувањето предизвикува поддршка и разбирање дома, ниту има некаков голем ефект надвор.