Денешна дата
22/09/2020

Држава праведна како англиски фудбалски судија

Од судството заловено во мрежите на лични, политички и економски интереси на политичарите, капиталистите и судиите се обидоа да се спасат со СЈО, но ни немаше спас. Клопчињата се безнадежно замрсени. Корупцијата кај нас е ендемска, системска, сеприсутна. Умовите на луѓето се корумпирани.

Пишува: Денко Малески

 

„Да беа луѓето ангели, немаше да има потреба од власт. Ангели да управуваа со луѓето немаше да има потреба ниту од надворешни ниту од внатрешни контроли врз власта“. Џејмс Медисон, 1788

Ние им го дадовме богатсвото, ми вели политичар, мислејќи на директорите кои на почетокот од деведесеттите, по падот на социјализмот,преку ноќ станаа сопственици на „имотот на работничката класа“. Го дадоа затоа што политичарите, принудени под притисок на светските настани да приватизираат и да демократизираат, ја наоѓаа својата сметка во сојузот со директорите,идната сопственичка класа, именувани од нив.  Испадна дека најлесниот и најсигурниот пат да ги сочуваат привилгиите беше двете страни да инвестираат едни во други. Тоа дека нема вечни пријатели туку само вечни интереси, македонските политичари и идните капиталисти ќе го научат подоцна кога власта почна да менува раце. Но, балканското клопче на лични, политички и економски интереси се замрси уште тогаш. Во тоа време, пред триесетина години, немаше трошка свест дека не чека изградба на либерална држава која, токму заради слободата која, новите демократски времиња, им ја даваа на политичарите и на претприемачката капиталистичка класа, е детално регулирана организација со строги правила на поведение. Дека оваа државна структура почива врз отчетност, одговорност и контрола врз власта. Во отсуство на таа свест и на луѓе  спремни да си ја ограничат сопствената политичка моќ во име на општото добро,оти, луѓето не се ангели ниту се управувани од нив, настана хаос. Се сеќавам дека завладеа еуфоријата дека сега е моментот да се грабне нешто па така се пушти глас дека ќе се дели и зградата на Правниот факултет во Скопје меѓу нас професорите.

Како и во други социјалистички држави, периодот на распадот на социјалистичкиот поредок го овозможи создавањето на богатата класа но и големата беда на работниците. И додека Путин во Русија му се спротистави на хаосот со нова автократија, ставајќи ја под лична контрола моќта на олигарсите на кои државата им го подари богатството во сопственост, таков ред не можеше да биде воспоставен во Македонија. Најблиску до тоа дојдовме во времето на владеењето на Груевски, но таквата неконтролирана власт набргу ја покажа и својата опачина: корумпирање на целата држава. Тогаш, под силен притисок од Западот, нам не ни беше дозволено да останеме она што, политички, му е најблиско на нашиот менталитет, автократија или диктатура, туку, моравме и натаму да се мачиме со демократијата. Згора на ова, добивме конкретна задача да ја ослободиме заробената држава. Од судството заловено во мрежите на лични, политички и економски интереси на политичарите, капиталистите и судиите се обидоа да се спасат со СЈО, но ни немаше спас. Клопчињата се безнадежно замрсени. Корупцијата кај нас е ендемска, системска, сеприсутна. Умовите на луѓето се корумпирани.

Така ќе биде се додека не научиме една проста и строга лекција и не се избориме да ја спроведеме во живот. Имено дека либералната држава е она што е фудбалскиот судија во англиската премиер лига: чесен, независен и непристрасен делител на правда. И ништо повеќе. Во Македонија гледаме нешто сосема спротивно: државата е судија кој зема страна затоа што има акции во еден од тимовите во натпреварот.

Администратор

Latest posts by Администратор (see all)