Денешна дата
19/09/2020

Посебно место во пеколот

Висок претставник на опозициската партија порача во интервју дека ако гласачите и дадат двотретинско мнозинство на неговата партија, ќе го вратат уставното име Република Македонија. Знаејќи го неговиот став кон Преспанскиот договор, Донал Туск, кој сега е претседател на Европската народна партија (EPP )на која припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, сигурно би им порачал дека со таква политика и тие ќе си обезбедат посебно место во пеколот

Пишува: Денко Малески

Некогаш, зборовите кои ќе ги изговорат политичарите на една земја, обврзуваат. Пред некоја година, во момент на непромисленост, Дејвид Камерон, тогашниот британски премиер, ќе рече дека владата ќе организира референдум за останување или напуштење на ЕУ. Подоцна, за поддржателите на Брегзит Доналд Туск, досегашниот претседател на Европската комисија, ќе рече дека  „си обезбедија посебно место во пеколот“. Безмалку тригодишната парализа на британскиот политички систем заглавен во темата „Брегзит“ заврши некни со избори како  своевиден нов референдум. Анализите се противречни: едни велат дека без ЕУ Британија станува третокласна економија во судирот на економски џинови како САД, Кина, Русија и Индија, додека други дека нејзината економска и политичка моќ ќе порасне како слободен играч на светската сцена без ограничувањата на ЕУ слободно да стапува во зделки. Но, едно е сигурно: без Велика Британија Европската унија не е она што беше а последиците по европската идеја можат да бидат застрашувачки. Може и тотално да се наруши единството на Унијата и да пропадне овој сјаен мировен план за Европа. Конечно, политичарите на Велика Британија можеа и поинаку да се справат со стравовите на гласачите од инвазија на бегалци, со концесии и гаранции од Сојузот за нивен посебен статус, а не со напуштање на ЕУ.

И во нашата држава, Република Северна Македонија, се спремаат избори кои можат да станат своевиден нов референдум за името. Некни грмеше салата „Јане Сандански“ „Никогаш Северна само Македонија“ на собир со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, додека висок претставник на опозициската партија порача во интервју дека ако гласачите и дадат двотретинско мнозинство на неговата партија, ќе го вратат уставното име Република Македонија. Знаејќи го неговиот став кон Преспанскиот договор, Донал Туск, кој сега е претседател на Европската народна партија (EPP )на која припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, сигурно би им порачал дека со таква политика и тие ќе си обезбедат посебно место во пеколот. Имено, и кај нас зборовите обврзуваат, па и непромислените. Како и во случајот со британските конзервативци, и во случајот со македонските националисти, никој не верува (ше) дека нивните политики ќе поминат кај народот. Брегзит или изборот на Доналд Трамп за претседател на САД се чинеа исто толку невозможни како поништување на договорот од Преспа и враќање на името Република Македонија се чини денес. Но, неколку работи ја туркаат водата на воденицата на „ревизионистите“. Незадоволни со состојбата во земјата која има одраз врз нивниот личен буџет  и врз нивната иднина, и гласачите на Македонија, особено младите, можат да демонстрираат гнев гласајки за националистите. Историјата не учи дека токму во моменти во каков се наоѓа нашата држава, времиња на сиромаштија, корупција и измама и сеопшт пад на моралот, гласачите стануваат лесен плен на демагози и популисти спремни да им ветат се, па и невозможното, како што е враќање на името, „брза линија кон ЕУ“ или Македонија како „технолошки тигар“ .

Кога се работи за Преспанскиот договор, македонските националисти треба да внимаваат што посакуваат. Не е потребно многу фантазија за да предвидат каква би била домашната и меѓународната реакција на ревизијата на  договорот постигнат со силна поддршка од Западот, договор кој ја спаси земјата од пропаст, ја направи членка на НАТО и ја постави на патот кон ЕУ. Мислам дека, реално гледано, таква опасаност од ревизија на договорот нема. Верувам дека ќе се случи спротивното од она што предизборно го вели раководството на нашата националистичка партија само за да ја сочува поддршката на својата гласачка база. Мислам дека, со тврдиот национализам, партијата би можела да ја доживеат судбината на италијанската комунистичка партија која освојуваше најмногу гласови на повоените избори (дури до 40 проценти), но никогаш не само што не формира влада, туку не учествуваше во ниту една. Сојузот на домашните партии во Италија, со силна поддршка на Вашингтон и на големите европски сили стана непробоен бедем за нивните аспирации да дојдат на власт. Тоа би можело да им се сличи и на нашите националисти. Но, дури и кога би се формирала влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста да се управува со држава членка на НАТО побргу ќе ги смени нив отколку што тие би успеале да ја сменат политика кон НАТО и ЕУ градена околу Преспанскиот договор.

Администратор

Latest posts by Администратор (see all)