Денешна дата
29/01/2020

Буџетот на Република Македонија за 2020 година

Додека државните институции, кои се нефункционални и не ја поминуваат бројката од 200 000 вработени, треба да потрошат 4 милијарди евра, а останатата популацијата од 1.9 милиони жители, треба да преживее со 1.5 – 2 милијарди евра. Упатувам една силна порака до сегашната Влада на Република Македонија, како и на идната, ДА СИ ГИ ПУШТИМЕ НОЗЕТЕ, КОЛКУ ШТО НИ Е ДОЛГА ЧЕРГАТА.

Пишува: Трифун Костовски

На крајот од годината, кога се креира и предвидува големината и распределбата на буџетот на државата за следната надоаѓачка година, би сакал да го споделам своето мислење за тоа како и што треба да претставува буџетот на Република Македонија за 2020 година.
Сигурно ќе се запрашате зошто се одлучив да пишувам на оваа тема, кога буџетот за 2020 година е веќе изгласан во парламентот и во моментов тој е апсолутно неменлив.
Мојата поента да го разгледам буџетот е логична и реална бидејќи истиот тој буџет го полниме ние, граѓаните на Република Македонија.
Најнапред, би сакал да појаснам дека проектираниот буџет за 2020 година е преголем согласно можностите на стопанството да можат да го исфинансираат, а згора на тоа сакам да укажам на фактот дека сите институции кои се финансирани од буџетот за жал не испорачаа никаков задоволителен резултат.
Најпрвин, капиталните инвестиции потфрлија во 2019 година. Судството и понатаму е заробено во канџите на политиката, а затоа говори и фактот што три години поминаа од доаѓањето на новата власт а ниту еден од обвинетите за криминал од минатата влада не е осуден. На полето на здравството и понатаму продолжува агонијата и сѐ повеќе граѓани, кои имаат можност, ги користат услугите на приватното здравство. Останатите се оставени на безмилосната состојба во јавното здравство.
За сето погоре изнесено, би сакал да се земат предвид неколку факти: од вкупниот бруто национален доход во Република Македонија, кој изнесува 11 милијарди евра, владата наплатува 4 милијарди евра, што е секако голем зафат и одзема финансиски средства од стопанството.
Да ги поедноставам работите, во вкупното креирање на бруто националниот доход од 11 милијарди евра, минимум 5,5 – 6 милијарди евра, одат како неопходни трошоци за постигнување на тој обрт. Тоа ќе го прикажам преку најпроста математика: од вкупниот бруто национален доход, се одзема буџетот од 4 милијарди евра кој треба секако да го платиме ние и тогаш останува 1.5 – 2 милијарди евра, кои припаѓаат на сите граѓани на Република Македонија. Замислете го овој парадокс, Македонија со 2.1 милиони жители, треба да ја преживеат 2020 година. Додека државните институции, кои се нефункционални и не ја поминуваат бројката од 200 000 вработени, треба да потрошат 4 милијарди евра, а останатата популацијата од 1.9 милиони жители, треба да преживее со 1.5 – 2 милијарди евра.
Се поставува прашањето дали ние имаме демократско општество или имаме општество на привилигирани и задоволни граѓани и непривилигирани и маргинализирани граѓани кои живеат на работ на егзистенцијата. Најотворено прашувам, чуму толкава администрација, толку многу министерства, министри без портфолија и советници, кога епилогот е навистина видлив и затоа, мои драги читатели не е случајно што во Македонија е засаден еден облик на сфаќање дека политиката и политичарите денес се едни од најбараните „професии“, кои обезбедуваат удобен па дури и луксузен живот. Убеден сум дека ова мое сфаќање ќе биде негирано од многу стручњаци за буџетот, но нека ми простат, јас зборувам со бројки и првенствено го бранам граѓанинот и стопанството.
Ве молам, мои почитувани читатели, како можат 1.9 милиони жители да преживеат со 1.5 милијарда евра и да бидат задоволни? Затоа, нека ни е жива и здрава дијаспората која секоја година внесува во државата на свои роднини и пријатели 1.5 – 2 милијарди евра.
Третирајќи го буџетот, сакам да поентирам на една многу битна работа. Прво, Владата мора да креира буџет согласно можните капацитети на стопанството, а тоа не би требало да биде повеќе од 25 – 30 % од Бруто Националниот Доход. Второ, уште поболна работа за мене е до кога ќе се чувствуваме инфериорни и да чекаме од нашите браќа и сестри иселени во Европа, Америка и Австралија, да нѐ помагаат за да можеме да врземе крај со крај. Тоа е спротивно на мојот принцип на достоинство.
Нѐ очекуваат предвремени избори, дали ќе се одржат или не во моментов е сѐ уште енигма. Меѓутоа, упатувам една силна порака до сегашната влада на Република Македонија, како и на идната, ДА СИ ГИ ПУШТИМЕ НОЗЕТЕ, КОЛКУ ШТО НИ Е ДОЛГА ЧЕРГАТА.