Денешна дата
02/04/2020

ПРЕЌУТЕНОТО УБИСТВО НА БЕЗДОМНИКОТ СЕВЕРЏАН

Случајот „Убиство на бездомник“, за кое што СКУП веќе пишуваше, а се случи ма 1ви март 2017 година, се уште чека на судска пресуда. СКУП ги следи судските расправи за случајот, со цел да дојде до одговор на прашањето: Дали и зошто институциите се инертни, а државата незаинтересирана за судбината на бездомниците?

Пишува: Љубица Иванова

Убиството на 52-годишниот Северџан Сејфула од Скопје пред скоро три години не привлече многу внимание во јавноста. Последните моменти од својот живот ги поминал по улиците на Скопје, како бездомник. На први март 2017 година Северџан е убиен со тап предмет на улица од едно младо момче. До настанот дошло по претходна расправија помеѓу двајцата, по што обвинетиот со тврд предмет му задал фатален удирал по глава. Од ударот скопјанецот паднал на тротоарот и останал да лежи, каде бил пронајден од припадник на единица „Алфа“. Пет дена по трагичниот настан, Министерство за внатрешни работи (МВР) објавува соопштение за настанот, каде информира за убиство на бездомник.
„СВР Скопје поднесе пријава против 19-годишниот М.З. од Скопје поради „убиство“ заради што од страна на судија за претходна постапка одредена му е мерка „одземен пасош и има обврска да се пријавува секој ден во полициска станица. На први месецов околу 15 минути по полноќ 52-годишниот С.С. од Скопје, додека се движел пеш по тротоарот од булеварот „Св.Климент Охридски“, бил удрен со едно бекатонско парче во тилот од страна на насилникот кој управувал велосипед.“
РОЧИШТЕ ПО ТРИ ГОДИНИ ОД УБИСТВОТО
Околу три години по убиството, на 11 ноември 2019 година, беше одржано првото рочиште, додека претходно се водела постапка пред обвинителството. Второ рочиште се одржа на 16 декември 2019 година, на кое за прв пат присуствуваше и Шефкет Сејфула, син на Северџан.
Случајот го води судијката Сафија Лаличиќ, додека како јавен обвинител најпрво се јавува Расим Дреца. Тој го почнал случајот, но подоцна го препушта на јавниот обвинител Лидија Раичевиќ. Неофицијално, причината биле здравствени причини на обвинителот Дреца.
Обвинет е 21-годишниот М.З., за кој се вели дека бил полнолетен во моментот кога го извршил убиството. При првото вештачење на обвинетиот му е утврдена намалена пресметливост, односно делото го сторил во состојба на афект. Според адвокатот на семејството Сејфула, Жарко Бошковски, тоа значи дека казната за стореното дело може да се ублажи и да му биде изречена минимална казна за убиство, која изнесува три до пет години затвор.
И ТРЕТОТО РОЧИШТЕ БЕЗ ЗАВРШНИЦА
На 16 декември 2019 во Кривичниот суд Скопје, се одржа второто рочиште за кривично правниот предмет “Убиство на бездомник”, на кое присуствуваа блиските роднини на починатиот, неговиот син Шефќет кој пристигна од Белгија, како и обвинетиот и неговите родители.
Обвинетиот во судницата пристигна придружуван од двајца полициски службеници, спроведен од куќен притвор, кој му е изречен од септември 2019 година. Во претходна постапка му била одредена мерка “одземање на пасош и обврска за пријавување во полициска станица секојдневно”.
Обвинителката Лидија Раичевиќ изјави дека констатирана е контрадикторност во вештите наоди за дијагнозата на обвинетиот, во времето на извршување на делото и по него, и дека мора да се проверат констатациите на вештите лица.
Во вештиот наод и мислење, потпишан од директорот на ЈЗУ „Психијатрија-Скопје” примариус доктор Милорад Јеремиќ , доктор Милка Бошковска – вешто лице од област невропсихијатрија и Сања Ефтимовска – психолог, се наведува дека обвинетиот Марко Здравев не е во состојба да учествува во судска постапка и да дава релевантни изјави пред судот, и истиот требал да се лекува психијатриски од слобода.
ЈО повика дека е неопходно потписниците на наодот да дојдат во судот и да одговорат на прашања за нелогичноста во наодите, поради што судот одлучи на следното рочиште да сведочат потписниците на вештиот наод.
Бранителот на обвинетиот, Љупчо Ивановски, се согласи со таквото барање на обвинителството.
Судијката Лаличиќ изјави дека во меѓувреме стапила во телефонски разговор со двете вешти лица и истите изјавиле дека се на работа и не биле во можност да пристигнат во судот тој ден.
Судијката Сафија Лаличиќ изјави дека ќе ги повика вештите лица за следната главна расправа.
Потоа пристапи лицето Шефкет Сејфула, син на починатиот Северџан Сејфула, кој пред судот се обрати со зборовите : „Сакам лицето кое што го убило татко ми да се најде во затвор.“
Тој се произнесе за оштетен и изјави дека пријавува имотно правно побарување од обвинетиот, кое ќе биде прецизирано во понатамошната постапка преку неговиот полномошник, адвокатот Жарко Бошковски.
Третото рочиште се одржа на 20 декември 2019, на кое како сведоци беа повикани лицата потписници на наодот од вештачењето на процесната способност на обвинетиот – докторите Јеремиќ и Бошковска. На рочиштето се појави само Бошковска, додека Јеремиќ не беше присутен на расправата. Како што наведе во телефонскиот разговор, кој го обави Бошковска во судницата, причините за отсуството се „субјективни“. На ова реагираше обвинителката Лидија Раичевиќ, дека е неопходно неговото присуство поради потребата за проверка на констатациите во наодот.
ОБВИНЕТИОТ ВО ДЕПРЕСИВНО РАСТРОЈСТВО ПОРАДИ УБИСТВОТО
Раичевиќ посочи дека штетно ќе влијае одолговлекувањето, поради што судот одлучи сослушување на присутното вешто лице Милка Бошковска, која се заколна дека вештачењето било извршено совесно, согласно правилата на струката. На прашање на претседателот на советот на судот, вештото лице одговори дека првата констатација била дека обвинетиот страда од привремено душевно растројство, кое настапило кога обвинетиот бил и хоспитализиран во психијатриската болница, а на 30 октомври 2019 бил испишан од одделот за психијатрија со депресивно растројство со психотични елементи. Според изјавата на вештото лице, душевното растројство се уште трае, а констатирана била и дијагноза длабока депресија со суицидни намери и идеи, која егзистирала паралелно со депресивното растројство.
Јавниот обвинител праша дали може да се предвиди колку би траела таквата состојба, на што следуваше одговор од вештото лице дека такво нешто не е возможно.
Констатирано беше дека вештакот последен пат го видел обвинетиот на 06 декември 2019, поради што не може да тврди дека лицето е уште во таа состојба, иако потенцираше дека за таквите состојби е вообичаено да траат се додека не се завршат третманите и кривичните постапки. Според вештакот Бошковска, дијагнозите на обвинетиот, сами по себе не носат опасност од повторување на делото.
На мислењето во вештиот наод, кое беше презентирано на минатото рочиште, стои дека лицето треба да се лекува психијатриски на слобода, на што овој пат вештакот одговори дека не е потребно исклучиво лечење на слобода, туку само ако психијатар во даден момент одлучи дека лицето е ризично по себе.
Судијката Лаличиќ потенцираше дека се додека обвинетиот не е во состојба да учествува во расправата и да дава релевантни изјави, со што судот не може да закаже главна расправа.
Бранислав Стефановски – судски вештак, кој присуствуваше на рочиштето како технички соработник од страна на ЈО, врз основа на наодите од вештачењето, констатираше дека подобрување имало кај обвинетиот после хоспиталирањето.
По констатацијата на Бошковска дека за да се утврди способноста на обвинетиот да учествува во расправијата, потребно е да се обави разговор, судијката предложи вештакот и техничкиот соработник да поразговараат со обвинетиот во судската сала .
После дваесетина минути, колку што траеше разговорот со обвинетото лице, Милка Бошковска изјави: „Од денешното испитување на психичката состојба на Марко, има значително подобрување и тој би можел да учествува во расправата, да биде испрашуван и да дава релевантни изјави.“
По ова констатација, беше укажано да се закаже и следна главна расправа, која би требало да се одржи во почетокот на 2020 година.

Превземено од СКУП Македонија. Линк од оргиналната сторија: http://scoop.mk/%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%9C%D1%83%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D1%83%D0%B1%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D0%B1%D0%B5%D0%B7%D0%B4%D0%BE%D0%BC%D0%BD%D0%B8%D0%BA%D0%BE%D1%82-%D1%81/?fbclid=IwAR0QsyKxbrA1zh3oSBeD2qykpAZBgpBZAoJ_hwgCKh2ev-B5i7gohemHWdc