Денешна дата
29/01/2020

“ТИРАНИЈА“ НА АКТУЕЛНОСТА

Маглата на актуелност опфаќа сè. Во оваа „чиста актуелност“ може да се слушнат само парчиња неартикулирани мисли и „подготвени идеи“ кои доаѓаат како пропаганда од канцелариите на политичките партии. „Тиранијата“ на актуелност ги одложува работите затоа што само така обезбедува континуитет на моќта. Ги превртува работите, затоа што само на тој начин може да преживее

Пишува: Бардуљ Заими

“Тиранијата“ на актуелноста ги шематизира луѓето, ги прави униформни и ги држи во координатите на можниот тоталитаризам. Тоталитаризмот нема само едно лице. Секогаш се појавува во различни форми.
На тоталитаризмот секогаш му треба магла за да го скрие вистинското лице. Тоталитаризмот значи толпа, која се храни со пароли, со готови дискурси служени од врвот на моќта.
Моќта секогаш создава магла за да наметне преклопување во главите на луѓето. Моќта секогаш се придржува кон тенденцијата на толпата да биде во синхронизација со „синергијата“ што се афирмира како волја, како политичка „визија“, како логика и начин на „легитимно“ управување. Тиранијата на актуелноста бара магла да ги израмни „ударите“ на преставување.
Бара јазична магла, политичка, економска и социјална магла.
Оваа магла ги комплицира едноставните работи и ги поедноставува суштинските работи. Тиранијата на актуелноста драматизира ситуации во име на посакуваната благосостојба за да се одржат живи тензиите на политичкиот силогизам .
Во координатите на оваа управувана актуелност настаните ги покриваат настаните, во името на „апсолутни“ вистини, кои во повеќето случаи се прогонувани од друга мисла што бара други позиции поврзани со моќта, како волја на вредности и визија во името на очекувањата на граѓаните.
Маглата на актуелност опфаќа сè. Во оваа „чиста актуелност“ може да се слушнат само парчиња неартикулирани мисли и „подготвени идеи“ кои доаѓаат како пропаганда од канцелариите на политичките партии. „Тиранијата“ на актуелност ги одложува работите затоа што само така обезбедува континуитет на моќта. Ги превртува работите, затоа што само на тој начин може да преживее. Ги фрагментира нештата за да се создаде одвраќање и замор кај граѓаните. Бара логиката на толпата за да избегне аргументирање и одговорност.
Секој што може да бара поинаква логика, секој што може да размисли надвор од овој калап е насочен кон длабока самотија на невозможното.
„Тиранијата“ на актуелност бара судир на дискурси со пароли, наместо со логичен аргументиран јазик. Метастазира во секоја дебата за која било тема затоа што бара контрола во функција на моќта.
Но, општествата не се претставени само со оваа „чиста актуелност“. Општеството бара мисла што ја дешифрира фасадата на ироничните зборови зад кои лежат позиции и бенефиции.
Бара систем на вредности кој е во согласност со очекувањата на граѓаните. Таа бара решенија за многу прашања што произлегуваат од јавната дебата во име на подобра „иднина“. Во името на оваа „иднина“, секогаш биле направени најстрашните изнудувања.
Општеството може да го избегне амбиентот што го нуди „тиранијата“ на актуелност само ако го ослободи размислувањето што означува друг систем на политички и културни вредности. Ова подразбира учество на креативни умови во јавна расправа на теми што бараат знаење и професионализам.
„Тиранијата“ на актуелноста може да се избегне со создавање различен сензибилитет во текот на јавната дебата што одредува друга свест кај граѓаните. Општествата во ни еден случај не можат да бидат сопственост само на политичките партии. Тие се ентитети на многу актери што треба да го кажат својот збор.
Наспроти ова, ќе станеме уште по шематски како чисти суштества на актуелноста, со огромниот товар никогаш да не излегуваме од фаталниот ќорсокак. Без да се ослободи еден друг хоризонт на размислување, кој отвара нови политички, економски и културни вредности ризикуваме да бидеме само бројка, само толпа за вечните политички битки на моќта.