Денешна дата
27/05/2020

Наместо реформирано, обвинителство по мерка на Заев и Мицкоски

Словенечкиот обвинител Звонко Фишер по посета на македонските обвинителски и правосудни организации годинава ќе напише дека македонското обвинителство не знае што сака. Вели дека обвинителите вообичаено чекаат друг да одлучи за нивните должности.

Пишува: Горан Лефков

 

Звонко Фишер, врховен обвинител на Словенија направил обиколка на македонските правосудни институции на почетокот на 2019 година како експерт за помош на македонското обвинителство. Заклучокот од неговата посета на македонските обвинителни организации е прилично негативен.

„Збунетост, а понекогаш и песимизам, генерално незадоволство со состојбата во обвинителството, но и многу нејасни идеи како да се излезе од кризата. Сите мислат дека некој друг ќе им ги донесе промените со волшебно стапче“, се наведува во извештајот на Фишер.

Понатаму во истиот документ се наведува дека изненадувачки често експонирано е држењето на принципот на хиерархичност и субординација во работата на обвинителската организација.

Не им е јасно како да направат една амбициозна организација која ќе се потпира на закон, стручност и висока професионална етика на обвинителот и која ќе ја држи политиката што подалеку од обвинителството“, се наведува во извештајот на Фишер. „Се чека на идеи кои ќе дојдат надвор од обвинителството, наместо таквите идеи да се бараат внатре во институцијата“.

Тој ја посетил Република Северна Македонија од 21 до 24 јануари 2019 година како експерт за организација на модерно обвинителство.

Преговорите за уредувањето на Јавното обвинителство наместо во судските инстанци се одвива во партиските кабинети. Луѓето кои како обвинети во минатото беа гонети или се уште се гонат за кривични дела одлучуваат за иднината на институцијата што ги гони. Ова е заклучокот на обвинителската фела.

Станислав Пинтар, поранешен специјален обвинител за организиран криминал во Словенија, кој му организирал некои средби на Фишер, остро се спротивставува на ваквите состојби.

Обвинителството треба да биде целосно ослободено од политичките стеги“, вели тој. „Обвинителството треба да биде орган во рамките на судските гранки на власта. Политиката, посебно извршната власт не смее да се меша во работата на обвинителството.

 

 

 

 

 

Пинтар смета дека политиката не смее да одредува што ќе се работи во обвинителството. „Она што треба да биде основната работа на обвинителството треба да произлегува од државно обвинителската доктрина.“

Работата на обвинителството, според него, треба да произлегува од приоритетите во оваа доктрина. „Тоа се општи приоритети кои треба да ги постави државното обвинителство како такво“, смета Пинтар.

Зависноста на политиката во обвинителството и безидејноста на раководителите на обвинителските институции е набележано и во извештајот на Европската унија.

Друг проблем е што се носат несистемски решенија во обвинителството.

Мој впечаток е дека се менуваат законски решенија многу често, обвинителите не можат да се прилагодат на тоа. На пример се носи закон за јавно обвинителство, им се даваат поголеми ингеренции на обвинителите за сметка на судиите а не им се даваат ресурси за тоа. Обвинителството не доби дополнителни пари или дополнителен кадар. Тоа е најдобар начин да се оневозможи работата на институциите“, смета Пинтар.

Тоа е новината воведена со законот за обвинителство донесен во 2010 година а по  него започнало да се работи во 2013 година.

 

Дополнителен проблем кој Фишер го истакнува, по средбата со Коле Штериев, тогашен претседател на советот на обвинители е што не се врши оценка на работата на обвинителите.

 

Недостатокот на обвинители баласт во работата на обвинителството

Во Република Северна Македонија моментално има околу 170 обвинители иако според систематизацијата треба да има околу 220. Овој недостаток силно се одразува врз работењето на обвинителството. Покрај ова недостасува и стручна подршка на обвинителите. Истражни центри за кои има одредби на Републичкиот јавен обвинител, но сеуште не се реализирани.

Баравме изјава од јавниот обвинител Љубомир Јовевски, но до затворањето на овој текст тој не бил слободен да даде изјава.

Единствена мала надеж им дава Академијата за судии и обвинители.

Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академијата деновиве испрати список со нови обвинители.

 

Шестата генерација на слушатели која оваа година ја заокружуваше својата обука, финалниот испит во Академијата го положија сите 37 лица. Направена е ранг листа со бодовите на кандидатите. Ги потпишав листите за судии и ги испратив до Судскиот совет и за обвинители во Советот за јавни обвинители како готови кадри за да ги примат на работа. Зборуваме за 19 обвинители и за 18 судии“, вели Габер Дамјановска.

 

 

Таа додава дека за пополнување на 60 места во следниот циклус се пријавија околу 650 кандидати. Се полагаше англискиот јазик. Дел не се појавија, дел паднаа и сега зборуваме за бројка од 509 кандидати кои одат понатаму. Испитот е во повеќе фази.

Покрај ова во обвинителството недостасуваат и многу материјални ресурси кои ја оневозможуваат работата на оваа институција.

„Знам дека вашето обвинителство постојано има финансиски проблеми и не може да си ги плаќа сметките. Не можат да плаќаат вештачења,  не можат да плаќаат за преводи и слично. Тоа се работи кои не би смеело да се случат. Ако на ваков начин со ресурси ги оневозможиш институциите да работат, тешко е да бараш резултати од нив. Треба да им се дадат ресурси на обвинителите да работат. Ако сега ви фалат 50 обвинители, додека да ги добиете тие 50 обвинители, додека да се обучат тоа ќе потрае неколку години. Академијата трае 2 и пол години и после тоа за да биде рутиниран обвинител му треба барем уште 3-4 години“, смета Пинтар.

Тој додава дека примањата на обвинителите во Република Северна Македонија се околу 1.000 евра, што е околу 2,5 просечни нето плати, што за словенечките се нормални кога ќе се спореди стандардот.

Моите примања како специјално обвинителство против организиран криминал во Словенија беа околу 2.500 евра. Овде обвинителите од мој ранг имаат 1.000 евра. Почетник обвинител во Словенија зема 1.500 евра, а тука 700-800 евра“, потенцира Пинтар.

Ако сакаме да имаме добра институција ни треба квалитетен кадар, а квалитетен кадар треба да се плати.

Што добиваме и што губиме со странски обвинител

Обвинител странец е честата формулација што се смета за излез од сегашниов ќорсокак во кој се наоѓа оваа институција. Дилемите на експертите и некои водечки личности во земјава се дека таква опција не ни треба.

Претседателот Стево Пендаровски за Инбокс 7 изјави дека тој се согласува со странски обвинител на водечката позиција, но во обвинителството тоа засега е невозможно.

 

Јас во принцип сум за користење на експерти од странство во било која форма, не само во судството и обвинителството. Но идејата за обвинител странец за прв пат ја промовираше ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година кога дојде на власт. Но, уште тогаш се потенцираше дека според нашиот устав тоа е недозволено“, вели Пендаровски за Инбокс 7.

 

 

Поголемо искуство како странец во друг правосуден систем има Џовани Кеслер, поранешен италијански обвинител кој обвинителската кариера ја започнал во канцеларијата на убиениот истражен судија во Сицилија, Џовани Фалконе и екс директор на Европската канцеларија за спречување измама (ОЛАФ).

Тој додава дека има некои позитивни аспекти во назначувањето на странски обвинител, но мора да има строго прецизирана рамка и мандат и тоа само на краток рок.

 

Притисокот што го прават домашните политичари врз судиите се избегнува кога имате судија или обвинител странец. Друга позитивна страна на странските обвинители или судии е што тие немаат интерес да градат кариера во таа земја или немаат некакви економски интереси. Итернационализацијата на некои од правосудните функции може да даде резултат на одредено време, но тие странци треба да имаат ограничен и точно дефиниран мандат“, смета Кеслер.

 

 

Тој беше назначен во совет за назначување на судии за антикорупцискиот суд во Украина после настаните на плоштадот Мајдан и беше одговорен за правосудство во мисијата на Филип Вокер во Косово 1999 година.

За Станислав Пинтар ова дилема е јасна и странскиот обвинител треба да се отфрли како опција.

Внесување на странски обвинители мислам дека е невозможен бидејќи вие имате свои закони и свој систем. Не верувам во тоа, тоа никогаш не поминува. Не може да дојде некој од страна и да ги решава предметите. Вие морате да верувате во својот систем и да го градите својот систем. На Косово со години имаше судии и обвинители од ЕУЛЕКС мисијата, и што е на крајот резултатот. Дали Косоварите се задоволни, не се. Тоа не е никакво решение на проблемите. Ти можеш да дојдеш со искуство да го пренесеш, ама не можеш да превземаш функции. Јас не верувам во тоа“, смета Пинтар.

Дилемата е јасна и за нашата најпозната судијка Маргарита Цаца Николовска.

 

Јас не сум за обвинител од странство. Нашиот устав не дозволува ниту судија ниту обвинител да биде странец. Мислам дека имаме доволно обучен кадар да постапува и како судии и како обвинители. Со носење на обвинител од странство не може да се подобри довербата во институцијата бидејќи и тој еден човек не може се да покрие. Јас во Босна и Херцеговина сум меѓународен судија во национален суд. Уставниот суд на Босна и Херцеговина е составен од 6 национални и 3 меѓународни судии. Ова е вака организирано бидејќи знаеме што се помина Босна во 90-тите. Идејата била тие на почеток да бидат присутни додека да се стабилизираат односите. Колку тоа е успешно, некој друг треба да каже“, вели Цаца Николовска.

 

 

Примерот на Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова-Трајковска е дека македонскиот правосуден систем произведувал квалитетни судии, но штета е што државава не ги користи домашните и надворешните експерти повеќе.

(продолжува)

 

 

Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Горан Лефков, како дел од активноста „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција” поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД.