Денешна дата
30/05/2020

ВО “ КАНЏИТЕ“ НА МИЛИТАНТЕН ДИСКУРС

Милитантите не се сомневаат во нивната идеја, затоа што нивното размислување не се создава од читање, дијалог, толеранција, интеракција и инклузивност, туку од партиски канон што ја прогласува “големата вистина“, вистината која исклучува, која ја познаваат само „истомислениците“, а која се базира во неопходноста да се создаваат „непријатели“ кои треба да се мразат. Борбата за моќ во никој случај не треба да ја поткопа демократијата како простор на слободата и човековата афирмација

Пишува: Бардул Заими

 

Честопати се уморуваме од теории и бараме други простори на дискурс. Новинарството бара фактографија, која во суштина останува досаден процес на извори, цитати, непристрасни структури што рефлектираат одредена реалност, јавен интерес, за која се потребни рефлексии и толкувања.

Секогаш кога ќе се обидете да избегате од студеноста на фактографијата, секогаш сте нурнати во длабоки дилеми на произволни толкувања или впечатоци кои можат да бидат само непостојана перспектива, одраз на момент кој во повеќето случаи е само меур на реалноста.

Во јавниот простор преплавен од медиокритетот на „готови идеи“ на Флобер можеби ќе бидете изгубени. Можеби ќе бидете изгубени затоа што во „постмодернизмот“ на обичната милитантност која е регрутирана од агресивни идеологии, рационалноста останува кревко упориште што се удира на сите страни.

Милитантите не се сомневаат во нивната идеја, зашто нивното размислување не се произведува од читање, дијалог, толеранција, интеракција и инклузивност, туку од партискиот канон што ја прогласува големата вистина, исклучувачката вистина која ги познава „истомислениците“ и неспорните „непријатели“.

Јануари со тешка сенка освен неподносливиот мраз ги носи и првите „стрелки“ од бескомпромисната битка што се очекува да се засили до моментот на предвремените избори на 12 април. На политичката сцена се дадени првите знаци на политичка нетрпеливост и напаѓачки дискурс.

Во јавната сфера се појавуваат индикации кој во нормална држава со нив веднаш ќе се справеше обвинителството.  На политичката сцена, политичката логика честопати е изложена на промовирана логика по некое време. Ако сте промовирале агресија, според непишан закон ќе бидете плен на агресијата. Тоа е како циклична енергија која ве навраќа на почетокот на почетоците.

Во политичката арена овде, работите не се случуваат во сферата на политичката рационалност, но честопати се повторуваат на баналноста како рецикилирачки метафори или балкански „маконди“. Понекогаш политичката реалност не може да се толкува преку методологии и рационален хоризонт, туку може да се опише само преку парадоксална литерарност наметната од Шекспировите настани, ликови и сенки кои се некаде во позадината на „човечкото и националното достоинство“.

На овој јавен простор останува значајно она што се појавува овде и сега како „бунтовнички“ милитант од лични каузи, а мало значење има тоа што сте биле вчера, во името на која партија сте ги демонизирале другите.

Во неконсолидираните демократии единствената политичка супстанца демонизацијата останува „суштина“ на јавната расправа. Во „ложите“ на оваа демонизација се истите демонизатори од вчера, кои веќе ги смениле политичките „каузи“, оние каузи преку кои регрутираат „искрено“ нови садници на милитантната мисла.

Милитантното размислување останува колера за слободно и аргументирано размислување, таа останува белег на политичките и културните чувствителности кои бараат развој на простор и квалитетна трансформација. Милитантното размислување е првата предиспозиција на агресивниот тоталитаризам што бара по секоја цена „уништување“ на другиот кој е различен по мислата и сензибилноста .

Милитантното размислување бара имагинација, патос, апсолутен „морал“ измислен за дадена ситуација. Таа го бара крајниот суд, додека манипулира со незадоволство за лична корист. Општиот интерес се активира само во плодните сезони на придобивки.

Милитантните инспиратори се производители на агресивност и јавен простор полн со навреди и дисквалификации. Исполнети со фатални дихотомии на „патриоти“ и „предавници“. Инспираторите на агресивни дискурси, само кога маската на функционирање ќе започне да паѓа, се нарекуваат на „дискреција“. Циничните инспиратори не го знаат нормалното, еволуцијата, туку само страста зад старите престоли кои сега се гледаат како тронови на иднината.

Ние сме на работ на кампања и овие инспиратори за агресивни дискурси обично се појавуваат кога ќе започне нивната лична битка за интоксикација. Општеството како ентитет со различни слоеви и вредности несомнено останува арена на непрекинати политички и културни напори и култивирања. Политичкиот плурализам се афирмира на плоштадот на демократијата како простор за конкуренција на идеи, концепти и вредности. Политичките партии се носители на оваа демократска и културна мисија. Борбата за моќ во никој случај не треба да ја поткопа демократијата како плоштад на слободата и човековата афирмација. Овој плоштад на слобода бара добро осмислени идеи, одржливи вредности и афирмирање на промената како светоглед и како пристап кон сето она што значи политиката и демократијата.

Надвор од оваа концептуална и длабоко хумана рамка, се ризикува да се лизне во агресивноста на длабоко неплодната идеолошка милитантна мисла.

Конечно, време е да се надминат овие форми на заостанатост и „бунтови“ на партиски гранки и под-гранки, и да преминеме во друга димензија на креирање политики што подразбира политичка модерност, а не клеветни милитантни „моралности“ кои метастазираат како бизарни форми на плебејско „бунтовништво“.

Времето е за концептуални и програмски натпревари, за креативни делегитимации кои отвораат други политички, културни и економски хоризонти. Во оваа фаза не може да се влезе без конкретни проекти од идеолошка димензија. Не може да се тргне туку така со досегашната логика. Потребно е заедничко знаење и визија пацифиран како политичка супстанца. Изборите се близу и времето е толку кратко да се размислува за планина од проблеми со кои се соочуваат луѓето.

Некои работи се толку опипливи и не бараат напрегање да ги артикулираат како политичка визија. Инаку, ќе преовладува апатија и залетот на празнината на овој простор. Ќе триумфира кукањето на милитантите и нивните инспиратори кои се заглавени во ложата на придобивки!