Денешна дата
24/02/2020

Борбата со корупцијата блокирана, правосудниот систем пред ремонт

Република Северна Македонија е земја која има најмногу судии во Европа, најмногу судови во Европа и една од најслабите во борба против корупцијата. Несредениот правосуден систем ги затрупува судовите со работа. Правдата премногу долго се чека

 

Горан Лефков

(втор дел)

Лошиот правосуден систем и лошо законодавство ја туркаат државата во корупција. Недостатокот на политичка воља кај политичките партии за решавање на правосудството им остава простор за лесна корупција на сите полиња од власта. За да расчисти некои дилеми околу функционирањето на судството Инбокс 7 разговараше со повеќе релевантни експерти во делот на правосудствотото.

Ставовите се различни но желбите исти, независно и ефикасно судство кое ќе биде моќна брана против корупцијата, особено високата корупција. Досега за жал резултатите во борбата против високата корупција скоро и да ги нема. А дека нема политичка воља за решавање на високата корупција преку судството, покажуваат и последните преговори за статусот на Јавното oбвинителство. Ставовите на правниците се дека нема борба против корупцијата и нема добро судство ако има политички влијанија и притисоци.

Според Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбург и актуелен судија во Босна и Херцеговина смета дека проблемите во судството започнуваат од политиката.

 

Секоја држава има свој систем врз база на одредените карактеристики на таа држава, но едно е заедничко за сите, независно и непристрасно судство мора да постои. Елементите за независно и непристрасно судство на сите им се познати. Тоа се националните и меѓународните стандарди“, смета Цаца Николовска.

 

 

 

 

На слично мислење се сите соговорници кои ги консултираше Инбокс 7.

Станислав Пинтар, поранешен специјален обвинител на Словенија смета политиката мора да ги крене канџите од судството за доброто на правната држава.

 

Законот за јавно обвинителство не смее да биде поле каде политичките партии ќе ги договараат компромисите помеѓу себе. Партиите не можат да кажат кој и каде ќе биде обвинител. Истотака, партиите не се место каде треба да се одлучува што може да се употреби како доказ а што не. Кои процеси можат да се водат, а кои не. Обвинителството треба да ги гони кривичните дела по службена должност. Мора граѓаните да се уверат дека законот важи за сите. Тоа се покажува баш на тие симболични примери, кога обвинетите се влијателни, кога имаат многу пари како случајот рекет. Инаку кај нас во Словенија има една поговорка „системот ги меле малите луѓе за мали нешта“, смета Пинтар.

 

 

Тој додава дека не може секоја политичка партија да бара да има свој обвинител или своја организација на Обвинителството.

Политичките решенија во судството се покажаа како кобни за развојот на правосудниот систем во земјава.

Судовите слика на македонската правосудна каша

Поставеноста на судството претставува слика за државата во целина. Колку е подобро организиран правосудниот систем, толку подобро функционира судството и државата.

За жал македонското судство е далеку од добра поставеност на системот. Искра Опетческа, долгогодишен новинар кој го прати судството направи анализа на македонскиот и естонскиот судски систем.

Македонскиот и eстонскиот систем се многу слични бидејќи двете земји излегуваат од ист систем после 90-тите години, имаат иста големина и се најдобар пример за споредување.

Податоците до кои дојде Опетческа во истражувањето се фрапантни.

Естонија има 1,3 милиони жители и 242 судии. Република Северна Македонија има околу 1,6 милиони жители и има скоро 3 пати повеќе судии од Естонија. Естонија има 9 судови, Република Северна Македонија има 34 судови.

 

До темелната реформа во 2007 година во Естонија постоеле 16 судови од прв степен од општа надлежност, два градски судови и 14 окружни судови, но и управни судови сместени на четири локации. Поради ова постоела нерамномерна распределба на работата на судиите, како и до 250 отсто разлика во бројот на предмети што отпаѓаат на еден судија или пак, до 800 отсто разлика во времето што му е потребно на еден судија за решавање на новите предмети што му биле распределени. Единаесет години по темелните реформи Естонија има еден од наједноставните судски системи во Европа. Тој се состои од тристепена судска власт. Окружни и управни судови како првостепени судови, околиски судови како судови од втор степен и Врховниот суд како суд од трет степен“, вели Опетческа.

 

Според нејзе, македонскиот и естонскиот судски систем до 2007 година биле слични, но по реформата за само 11 години естонските судови се искачуваат на европскиот врв, додека македонските целосно потонаа во блатото.

Дека имаме неефикасно судство се согласува и Цаца Николовска.

Факт е дека должината на постапката е голема. Факт е дека одредени предмети не треба да одат пред суд, факт е дека медијацијата не функционира, некои правни ситуации се нерасчистени“, смета Цаца Николовска.

Таа додава дека целокупниот систем на судството треба да се среди.

Имаме ситуација каде 9 судии од Врховниот суд се во фаза на испитување на нивната работа. Без разлика како таа постапка ќе заврши сепак факт е дека дел од негативното мислење во јавноста е резултат и на овој чин. Се прашувам кој ќе биде епилогот ако кај овие судии се утврди неправилности во работењето и бидат разрешени. Кои ќе бидат последиците од нивното функционирање. Органот што ја има обврската да постапува по тие предмети мора да функционира навремено. Ваквото одолговлекување само доведува до полоша ситуација“, смета Маргарита Цаца Николовска.

Илјадници судии да судат е џабе кога имаме несреден систем

Република Северна Македонија е рекордер по бројот на судии во Европа. Според европските стандарди, на еден судија треба да припаѓаат од 9.000 жители. Кај нас оваа бројка е еден судија на помалку од 3.000 жители.

Направивме преглед за бројот на судиите според бројот на жители во табела 1.

Држава Број на судии на 100.000 жители годишно издвоени пари за судството по жител (како процент од просечна месечна плата ) Годишно издвоени пари за судството по жител (како процент од просечна месечна плата )
Република Северна Македонија 39 6%
Естонија 17 3%
Словенија 46 7%
Бугарија 30 5%
Данска 6 2%
Ирска 3 2%
Просек во ЕУ 21 3%

 

Повеќе судии од нас има само Словенија со 46 судии на 100.000 жители. Република Северна Македонија има 39 судии додека некои земји како Ирска и Данска бројот на судии на 100.000 жители може да се изброи на прсти.

Маргарита Цаца Николовска се согласува дека имаме многу повеќе судии од што е потребно.

За мене многу посимптоматично е колку предмети треба да се решаваат. Што е проблемот? Дали е во системот? Дали судството како судство е проблем во ефикасното и ефективно пресудување. Има и други елементи кои треба да одредат колку судии треба да имаме. Она што е најважно е дали одредени ситуации можат да се расчистуваат без да се оди на суд. Државата има обврска тоа да го среди. Да го организира правниот систем да нема потреба секој да оди на суд. Познат пример за ваква несредена состојба во правниот систем беше кога за неплатени сметки за струја или вода се одеше на суд. Ајде сега со извршителите таа состојба се надмина. Сакам да потенцирам дека судот не е наплатен центар. Ајде за некои спорни случај може, ама кај нас за секоја сметка се одеше на суд. Погледнете го системот на недвижности. Ако нештата се средени тогаш нема потреба да се оди на суд, а денес одиш во Катастар еден сопственик утре друг и на крај немаш друго решение освен правдата да ја бараш на суд“, смета Цаца Николовска.

Таа додава дека проблемот е во несреденоста на целокупниот правен систем и дека не може за секоја ситница да се оди на суд.

Во оваа смисла треба да проработи и арбитражата како функција во земјава со што ќе се растовари судството. Во исто време треба и одредени ингеренции да се пренесат на други институции како што беше нотарската и извршителската служба.

Оценувањето на судиите-лов во матно

Оценката на работењето на судиите е рак рана за македонскиот правосуден систем.

Во Република Северна Македонија никој не ги оценува ниту судиите ниту обвинителите, иако за тоа се надлежни судскиот и советот на обвинители.

По мене недостасува оценувањето на судиите и обвинителите од аспект на вршење на нивната функција. Ние имаме Судски совет, но со Судскиот совет имавме проблеми со одредени личности, коишто беа под политичко влијание и оценувањето не одеше согласно потребите од таквото оценување“, вели Цаца Николовска.

Таа додава дека одредено оценување мора да постои, за да се види постоење на професионалноста, постоење на интегритетот за правилното донесување на одлуки.

За разлика од кај нас, тој механизам на Запад функционира многу добро.

„За намалување на ризикот од одговорност на судиите во Естонија постои еден превентивен механизам. На крајот од секоја година судиите што имаат предмети постари од една година треба да дадат објаснување зошто не ги решиле и да докажат дека навистина имало причина за нерешавањето. Доколку не го направат тоа се изготвува листа на тие судии која потоа интерно се испраќа до секој судија, кој може да види зошто неговиот колега не одговорил на својата судиска задача. Верувајте, никој не сака да си го прочита своето име на таква листа“, вели Опетческа.

Таа додава дека како нестручно и несовесно вршење на судиската функција заради кое може еден судија да биде разрешен ќе се подразбира ако судијата во две последователни оценувања добие две негативни оценки, ако неовластено издава класифицирани информации за судски предмети, ако без оправдани причини ја одолговлекува постапката или ако не земе во работа предмет, а поради тоа кривичното дело застарело или ако земе предмет во работа кој не поминал низ АКМИС системот за електронска распределба на предметите.

Воопшто не е проблем да се оцени работата на судиите и обвинителите. Имаме ситуации каде се поставува прашањето дали Врховниот суд законски постапувал по правното мислење во однос на надлежностите на Специјалното јавно обвинителство. Тој се повика на некој член од законот каде во суштина не му дава на Врховниот суд таква ингеренција“, смета Цаца Николовска и додава дека ако Врховниот суд си зема поголеми надлежности од тоа што има, како сакаме вербата во судството да расте. За таквото однесување мора да постои некакво оценување за утре или задутре да си сносат одредени консеквенции.

Прочистување на трулоста во судството

Начините и модалитетите за прочистување на судството се можни само со јасна визија што се сака да се постигне. Во јавноста се лицитираше со различни брзи решенија како ветингот во Албанија, лустрацијата во Србија или странски судии како што имаме во Косово или Босна и Херцеговина.

Лустрацијата како процес беше злоупотребувана и во Република Северна Македонија кога од бомбите се слушна како пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски нарачува лустрација за судијата Драги Билески од Кичево.

Странските експерти согледувајќи ги состојбите таму се скептични во овие мерки.

Лустрацијата е долг процес, погледнете како се тоа заврши во Србија. Таму ги лустрираа судиите, па подоцна тужеа во судот за човекови права во Стразбур и добија, така да лустрацијата не е права одлука. Погледнете како споро оди процесот на ветинг во Албанија. Таму немаат веќе институции кои можат да одлучуваат во трет степен. Немаат Врховен суд веќе. Не можеш да кажеш дека луѓето се корумпирани ако во процесот на ветинг, сами си заминале. Не е ништо докажано. Овие процеси се многу спори, неоправдани и недокажани. Тоа подоцна се осветува како оштета, срамење на државата пред меѓународните институции“, смета Станислав Пинтар, поранешен специјален обвинител на Словенија.

На слично мислење е и Маргарита Цаца Николовска.

На почеток ветингот беше интересен како мерка за прочистување на судскиот систем, но уште од самиот почеток се јавија некои одбивности од странскиот фактор. Причини за ова беа што ветингот како модел не успеа во Албанија, не би сакале да експериментираат и во Република Северна Македонија“, смета Цаца Николовска.

Факт е дека брзи решенија нема, туку мора политичарите да ги тргнат рацете од судството и да се градат неговите капацитети на долг рок.

Академијата за судии на добар пат да создаде квалитетни кадри

За разлика од судиите, имаме помалку обвинители од потребното, ни недостасуваат 50 обвинители. На новиот конкурс се пријавени околу 600 правници за завршување на Академијата за судии и обвинители.

Академијата за судии и обвинители е правена по урнек на Француската Академија која се смета за еден од најдоброте модели во светот. Досега преку нејзе поминале 5 генерации на судии и обвинители, а во тек е уписот на шестата генерација. Интересот за запишување е голем.

Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академијата  потенцира дека тие имаат голем интерес и дека внимаваат при изборот на кадрите.

 

За да се пријават во Академијата за судии и обвинители треба да имаат завршено правен факултет, положен правосуден испит, и по положувањето на правосудниот испит треба да имаат две години искуство на правни работи“, вели Габер Дамјановска.

 

 

 

 

Она што боди во очи е што со новите законски измени нема услов, кандидатите да имаат одреден просек на факултет за да се запишат.

Габер Дамјановска ова го објаснува со фактот што за ваков тип на професија игра голема улога и практичнното искуство, бидејќи и обвинителите и судиите се практичари.

На слично мислење е и Маргарита Цаца Николовска.

Успехот воопшто не е мерило за упис. На правните факултети во државата имаме многу студенти со високи оценки, практично малку студенти имаат пониски оценки, затоа и оценките не се мерило за квалитет на кадрите. Ние кога студиравме да се добие 10-ка беше многу тешка работа. Сега 10-ки се добиваат многу лесно“, вели Цаца Николовска.

Таа додава дека имаме многу правни факултети и заради нив се отргна оценувањето бидејќи имаме оценување кое не е адекватно. Затоа треба многу повеќе да се внимава низ процесот на едукација во Академијата, како се однесувал и што постигнал кандидатот. Ако немате предзнаење не можете да ги следите тие курсеви.

Забелешки за Академијата за судии и обвинители има и во извештајот на Словенечкиот обвинител Звонко Фишер.

Селекцијата на кадидатите за обвинители мора да се прави пред влезот во Академијата, бидејќи нема основа да се образуваат кадри кои нема да можат да останат во Обвинителството. Некои решенија изгледаат целосно или делумно нерационални“, се наведува во извештајот на Фишер.

Дамка на изборот на кандидатите стави неодамнешното обвинување на ВМРО-ДПМНЕ дека се подготвуваат списоци на незаслужни кандидати да влезат на обука. (крај)

 

Линк од првата сторија: https://inbox7.mk/archives/7638

 

 

Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Горан Лефков, како дел од активноста „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција” поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД. 

 

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петдогишна иницијатива во вредност од 9,4 милиони долари кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да се придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Република Северна Македонија.

 

Платформата на граѓански организации за борба против корупција вклучува 18 граѓански организации кои работат на поголема вклученост и влијание во борбата против корупцијата во Република Северна Македонија.