Денешна дата
10/07/2020

Американската и македонската демократска дилема

Излез? Работа и трпение. Не чека маратон а не трка на сто метри. Не чекаат децении демократска трансформација на нашето општество. А, како што покажува американското искуство денес, и кога ќе станеме стабилна демократија, секојдневно ќе мора да ја браниме нашата слобода и демократскиот систем од узрпатори.

Пишува: Денко Малески

 

Следејќи ја американската дебата за отповикувањето на претседателот Доналд Трамп, забележувам колку бргу аналитичарите во Америка поминуваат преку сознанието  дека верноста на републиканските сенатори кон својот претседател се должи на фактот дека ги чекаат избори. Имено, огромната поддршка на републиканските гласачи за Трамп е показател дека секој кој очекува повторно да биде избран, нема шанса да победи без поддршката на американскиот претседател. Пред тој факт, дека гласање против Трамп е еднакво на збогување со сенаторската функција, бледнеат издржаните наоди во извештајот на Мулер и обвиненијата на демократите за импичмент, во кои јасно се гледа дека американскиот претседател Трамп ја злоупотребувал власта за лична промоција, спротивно на уставот и на законите на државата.

Новинарите и соработниците на Си Ен Ен се против Трамп и невистините кои тој ги кажува како и злоупотребите на власта кои ги прави, но на политиката гледаат како студени реалисти. Да, американските сенатори од републиканската партија ги ставаат персоналните интереси за опстанок на власт, пред одбрана на уставот и на законите на една од најстарите демократии во светот. Констатирајќи го тој факт, не губат повеќе време во бесполезно морализирање. Едноставно, таков е животот и такви се луѓето. Тие, се разбира, би сакале нивните републикански сенатори да се храбри и доблесни и да ја жртвуваат својата политичка кариера за доброто на државата, но мерката е реалниот живот во кој тоа не се случува. Либералните новинари и либералните експерти посветено и одговорно го прават она што е нивна задача: да фрлат светлина врз политичките настани за вистината да излезе на виделина. Другото, сметаат, не зависи од нив туку од народот кој гласа и неговите политички претставници кои одлучуваат во негово име. Дали, соочени со вистината, ќе го променат мислењето и поведението е веќе надвор од нивната моќ, па на тоа повеќе не губат време. Ова е пристапот со кој либералните медиуми и експерти им парираат на десничарите од конзервативниот Фоксњуз и слични на нив, кои водат перманентна кампања во прилог на претседателот Трамп, правдајќи ги сите негови постапки.

Следејќи ја македонската дебата од „бомбите“ до „Рекет“, забележувам дека македонската либерална јавност се скандализира од фактот дека владата на Груевски одби да прифати вина за било што, исто онака како што денес се скандализира што владата на Заев, предлага закон за ЈО кој би бил поблаг кон нив од оној според кој беа обвинети нивните политички противници. Заклучокот до кој доаѓа јавноста е дека водствата на двете партии ја употребуваат својата политичка моќ за да се спасат од затвор, но моралните осуди кои непрекинато им ги упатуваме нема да ги премислат. Едноставно, доброволно никој не сака да оди во пропаст, а ако мора, ќе ја повлече и државата со себе, ако може. Таков е животот.

Американската демократска дилема настојува да се носи со авторитарните тенденции на претседателот Трамп. Има и резервна варијанта: ако Трамп, кој има 3 милијарди долари, дојде и се одржува на власт и со пари, еве го Блумберг кај демократите со 51 милијарда кој ќе се обиде да го сруши. Од убедувањето дека има излез од нивната ситуација извира самодовербата и сигурноста на американските либерални новинари и експерти кои немаат никакви илузии за темната страна на човековата природа. Ние, пак, се ужаснуваме од таа неморална страна на човековата природа како да сме најморалната држава и најморалните луѓе во светот. Но, со причина. Во случајот на македонската демократска дилема каде што демократскиот систем е во градба и личи на автопатот Скопје-Охрид, нема солидни независни институции кои би можеле да им парираат на екцесите на партиите и нивните водачи. Тоа сознание создава страв и несигурност кај нас и ја вжештува дебатата со лексика и морални осуди каква ретко каде постои во демократскиот свет. Излез? Работа и трпение. Не чека маратон а не трка на сто метри. Не чекаат децении демократска трансформација на нашето општество. А, како што покажува американското искуство денес, и кога ќе станеме стабилна демократија, секојдневно ќе мора да ја браниме нашата слобода и демократскиот систем од узрпатори.