Денешна дата
31/05/2020

Волшебните моменти да се реши името во 1992

Зашто, во право е поранешниот американски претседател Барак Обама кога вели дека не живееме веќе во свет кога победниците од Втората светска војна, Сталин, Рузвелт и Черчил, со пура во рацете и со бурбон во чашите цртале сфери на влијание и со еден потег на перото решавале светски проблеми.

Пишува: Денко Малески

 

Во интервјуто за Канал 5 на Васил Тупурковски со Гоце Михајловски, во делот кој се однесуваше на проблемот со името,  гостинот, после една подолга пауза, повторно тврди дека постоел некаков „волшебн момент“ во 1992 година кога, заедно со министерот за надворешни работи на Австрија Алојз Мок, ќе го решеле спорот околу името. Инаку, тврдењето е исто толку неиздржано како и она кое вели дека истата година ќе сме станеле членка на ОН под уставното име ако претседателотот Глигоров не пропуштил уште еден „волшебен момент“. Имено, на средбата со генералниот секретар Бутрос Гали, организирана од Тупурковски како специјален пратеник на претседателот, на која присуствував и јас, претседателот Глигоров пропуштил да каже дека сакаме да станеме членка на ОН !? Со други зборови, Република Македонија на почетокот од својата независност ги имала најглупавиот претседател и најглупавиот министер за надворешни работи во светот.

Долг низ на години се прашувам што, всушност, стои зад овие тврдења на мојот поранешен колега професор. Мислам дека станува збор за говор на политичар, еден од највлијателните од последните години на федерацијата, со своја значајна улога во распаѓањето на Југославија, но не и во создавањето на независна Македонија. И тоа не по негова воља. Најкусо речено, сведок бев дека новата конфигурација на власта во републиката на почетокот од деведесеттите, го исфрли од политичката игра Тупурковски, а тоа во политиката не се простува. Затоа тој ги чува во сеќавањето овие два периферни настани во кои самиот учествувал, омаловажувајќи го на тој начин огромниот труд на вистинските креатори на надворешната политика на новата држава вложен на уште стотици ако не и илјадници средби на македонски со странски политичари и дипломати пред да се реши спорот.

Разочарувањето од новинарот беше што иако (на негова молба) му ја пратив мојата книга за првите години од независноста во која се опишуваат и настаните околу спорот за името, тој, се чини, не ја отворил. Зашто, што има пологично од тоа соговорникот да го соочиш со ставовите на првиот министер за надворешни работи во чија надлежност беше грчко-македонскиот спор и членството во ОН. Се разбира ако претходно самиот ги апсолвираш како вистинити, ако тие станат и „твоја“ вистина. Наместо тоа,  запрепастен од фактот дека сме го пропуштиле „волшебниот момент“ во 1992 година да решиме проблем со кој се расправаме триесет години, новинарот Михајловски брза, во наредната емисија, да му го постави истото прашање и на претседателот Пендаровски. Тој, пак, скромно вели дека водел записници за овие разговори кај двајца претседатели и знае доволно за да поверува во вакви апсурдни тврдења.

Всушност, одговорот кој го бара новинарот за причините од нашето доцнење, е пред неговиот нос, само не го гледа. Си ја бркавме опашката триесет години затоа што сме површни и недисциплинирани:  фактите не ги проверуваме и одбиваме да вложиме напор да стасаме до вистината. Да речеме, да ја апсолвираме вистината за улогата на малите држави во светската политика, или дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки, па компромисот е единствениот начин нашата држава да стане членка на НАТО  на ЕУ, или дека јавноста треба да им застане на пат на партиите да не го употребуваат „името“ за изборни победи. Зборот ми е, во реалниот живот нема лесни решенија и волшебни моменти, нема ниту замена за личниот напор да се стаса до вистината. Бидејќи никому не му веруваме а одбиваме и да проверуваме, лагата и вистината кај нас имаат подеднакво право да постојат. Тоа го нарекуваме различни ставови. Забораваме дека секој од нас кој настапува јавно, политичар или новинар, е должен да ги утврди фактите. Она што нам ни фали сите овие години на независност за побрзо да ги решаваме нашите проблеми е посветеноста и напорот да се дојде до вистината и таа да се брани.

Австрија како мала земја со мало влијание во меѓународните односи, која во тие години се кандидираше за членка на Европската заедница, не можеше да одигра улога во решавање на комплицираниот македонско-грчки спор. За тоа зборува и ангажманот на најголемата светска сила Америка која, нарекувајќи го грчко-македонскиот спор свој безбедносен проблем, едвај го реши триесетина години подоцна. Зашто, во право е поранешниот американски претседател Барак Обама кога вели дека не живееме веќе во свет кога победниците од Втората светска војна, Сталин, Рузвелт и Черчил, со пура во рацете и со бурбон во чашите цртале сфери на влијание и со еден потег на перото решавале светски проблеми. Не, не постои волшебен момент кога некој можел да го „реши името“ уште пред триесетина години. Најмалку тој можел да се реши преку Австрија и нејзиниот министер за надворешни работи Мок. Инаку, само месеци после таа средба на Тупурковски, во 1993 година, јас се среќавам со Алојз Мок во австриската мисија при ОН во Њујорк. Залегнат во фотељата, со првите знаци на паркинсова болест, на моето барање Австрија да ја признае Македонија, ми одговара дека признавањето на нашата земја не е на листата на приоритети на неговата држава ( а како и да биде кога Австрија аплицираше за членство во ЕЗ и не смееше со ништо, апсолутно со ништо, да и се замери на Грција) и  додава дека кога би избила војна во Македонија австритиската политика би можела да се промени. Му се заблагодарувам на понудата за војна и заминувам. Не знам што му стана, коментира австрискиот амбасадор Сухарипа, години подоцна, сеќавајќи се на разговорот.

А, што се однесува до побрзо решавање на спорот за името, верувам дека тоа беше можно само со соочување со реалностите на светската политика во која доминираат интересите и моќта и упорна и трпелива работа на македонските партии на добар компромис поддржан од Западот. Доцневме затоа што наместо тоа, одбравме да не правиме ништо, да дозволиме партиите да го злоупотребуваат спорот за изборни победи, да веруваме дека времето работи за нас и бесконечно да ламентираме над пропуштените „волшебни моменти“ кога некој спасител можел да не избави од маките.