Денешна дата
31/05/2020

Нов продор на Зоран Заев

Помислувам дека политичарите на СДСМ мораа да положат монашки завет на чесност пред да ја земат власта од рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа ја отфрлам идејата зашто тоа немаше ништо да измени: мнозина се замонашуваат заради доброто вино во манастирските подруми.

Пишува: Денко Малески

 

Полска, татковина на врвни европски интелектуалци, на чело на својот марш на Запад го имаше електричарот Лех Валенса, легендарниот синдикален водач. Историскиот пробив на Запад, кон НАТО и ЕУ, во Македонија, пак, го направи Зоран Заев, дете од село, диломиран економист од Муртино, градоначелнк на Струмица на чело на влада предводена од СДСМ, со поддршка на албанските партии во власта и во опозицијата. И додека заедно со неговите сопартијци, до 2001 ја пропагираа идејата за граѓанско општество, зад која стоеше мајоризација и доминација на мнозинската македонска етничка заедница над албанската (основната причина за војната од 2001), Заев денес го преврте истиот тој концепот на глава. Имено, иако зборува за граѓански концепт и едно општество за сите, тој ја води земјата на патот трасиран од Охридскиот договор, кон две општества под еден политички покрив – кон мултинационална држава. Преку јакнење на колективните права на Албанците и албанскиот јазик како службен јазик во Република Северна Македонија, Заев силно ги турна политичките процес во насока на две целосно рамноправни етнички заедници. Впрочем, тоа е единствениот начин да се сочува интегритетот на земјата која од национална држава на Македонците и држава на малцинствата, стана мултинационална држава, факт кој малкумина од интелектуалците имаат храброст јавно да го кажат,  а уште помалку од политичарите да работат на негово остварување.

Сега, кога мнозина помислуваат дека со законот за јазиците и со Преспанскиот договор, овој македонски политичар ја исполни својата историска мисија (или предавство) и дека заминува од политичката сцена, следи ново изненадување – Заев оди натаму со  уште еден ризичен потег. За прв пат во политичката историја на младата демократија, направена е предизборна мултиетничка коалиција меѓу една македонска и една албанска партија – СДСМ и БЕСА. Иако станува збор за мала албанска партија, коалицијата му овозможува на Заев не само да ја одржува во живот туку да и даде нова енергија на својата идеја за едно општество за сите, онака како што тој ја разбира.  Симболиката на потпишувањето на договорот помеѓу водачите на двете партии, која ќе се повторува во текот на изборната кампања, ќе биде новина досега невидена во времето на плурализмот. Имено, церемонијата изобилуваше со манифестации на еднаквост и рамноправност меѓу Македонците и Албанците – од знамињата, преку најавите на македонски и албански во кои се уфрлаа албански зборови во македонскиот текст и обратно, до говорите на водачите на двете партии обединети околу евроатлантските цели на земјата. Така, една голема македонска и една мала албанска партија се откажуваат од национализмот на избори во прилог на рамноправност и заедништво, прв ваков експеримент  во Македонија. Можеби тоа е затоа што Заев смета дека ги апсолвирал сите поголеми национални теми стеснувајќи им го просторот на националистите од двете страни на етничката поделба, па може да турка натаму.

Значи, додека националитичките теми им се препуштени целосно на другите македонски и албански партии, СДСМ и Беса ќе тераат друга приказна. Ова, се разбира, е ризик за партиите од мултиетничката предизборна коалиција зашто не знаат со сигурност колкава е побарувачката на национализмот на политичкиот пазар во Македонија денес. Тоа  сите ќе го видиме на 12 април: ако со Преспанскиот договор национализмот е зголемен меѓу Македонците а со законот за јазиците не е намален  кај Албанците, Заев може да се збогува со политиката. Во спротивно, момчето кое во младоста, од нивите кои самиот ги копал, продавало овошје и зеленчук на пазарите на Југославија, ќе направи уште еден демократски пробив во политиката на својата земја. Мислам дека ова второво ќе се случи. Но, без оглед на изборниот резултат, ако не апсолутен победник, коалицијата СДСМ-Беса ќе стане апсолутно најпосакуваниот партнер за состав на идната влада на мултиетничка Македонија.

Не, не сум заборавил на корупцијата во општеството или политичкото влијание врз судството, но, ниту една партија не се прослави на тие две прашања зашто корупцијата е ендемска и системска. Помислувам дека политичарите на СДСМ мораа да положат монашки завет  на чесност  пред да ја земат власта од рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа ја отфрлам идејата зашто тоа немаше ништо да измени: мнозина се замонашуваат заради доброто вино во манастирските подруми.