Денешна дата
10/07/2020

Одговорноста кон јавноста и современите културни текови

Панаѓурската култура и концептот на „што ми е мило да ми е живо“ се доминантни и погубни. А тоа го нотираме секодневно, а го видовме и низ последното издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста’.

Пишува: Трифун Костовски

 

Би сакал да се осврнам на настанот кој беше на голема врата највуван, а тоа е „Златна бубамара на популарноста“, кој кај нас зазема едно од најважните места во популарната култура. Сета моја должна почит и сите мои комплименти до основачот Ранко Петровиќ, кој успеа да ја одржи во живот оваа манифестација две децении. Сепак, ќе си дозволам да бидам малку критичен кон организацијата на овој настан особено кон аспектот кој претпоставува негова нагорна развојна линија. Моето мислење е дека не може еден таков настан, во кој се вклучени многу креативни и финансиски ресурси да има исто сценарио и иста режија како пред 23 години.

Како времето да застанало кај нас, а светот граби напред. Да сме во некоја изолирана средина која нема допир со случувањата во развиениот свет би можел да разберам. Но тоа не е така.

Не можам да ја разберам политиката на оваа манифестација. Станува збор за манифестација која се однесува на популарната култура, која, се разбира, не е помалку важна од високата култура, а токму заради тоа што допира до многу поширок опсег на публика, треба да биде пример за развојни, современи текови во своите пораки, во креирањето на содржините, во поставувањето на стандардите кои ќе не’ доближат до современите светски трендови. За жал, јас не гледам никаква нагорна развојна линија на оваа манифестација, туку, напротив, ретроградност или, во најмала рака, тапкање во место.

Додека во светот се одвиваат фестивали и манифестации кои се извориште на креирање на културните политики, на вкоренувањето на постоечките и афирмација на оние надоаѓачките вредности, ние никако да создадеме релевнатни јадра со постоечки критериуми кои ќе ги трасираат новите творечки изблици или ќе ги потврдат веќе постоечките. Се’ е прашање на „евтино“, ад хок организирање, и на центрирано одлучување на еден човек или на група блиска до тој човек. Тоа упатува на отсуство на одговорност кон јавноста, но и кон прогресивните трендови кои се налик на оние што се одвиваат во моментов низ развиените европски земји.

Во изминатите неколку недели се одвиваа две големи светски манифестации: доделата на највисокото признание за достигнувања во филмската уметност, она на Американската академија, популарно наречено Оскар, и јубилејниот престижен филмски фестивал во Европа, Берлиналето. Што можеме да научиме од овие две манифестации: пред се’ дека културата и уметноста имаат исклучително важна општетсвена улога, и дека уметниците имаат одговорност за своите искази и постапки. Воедно, овие манифестации ни покажуваат дека преку наградите кои ги доделуваат праќаат порака што е навистина вредносен систем. Затоа секогаш многу внимателно се бира кому се доделува наградата, бидејќи со тоа се одредува понатамошниот развоен тек во културата.

Кај нас, сосема спротивно – покажуваме елементарна неодговорност. Панаѓурската култура и концептот на „што ми е мило да ми е живо“ се доминантни и погубни. А тоа го нотираме секодневно, а го видовме и низ последното издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста’.

Со сета моја должна почит кон наградените, јас не можам да забележам некој востановен систем на вреднување, на критериуми. А, едновремено, се прашувам и која е таа група на експерти кои одлучуваат за наградите. Една ваква етаблирана манифестација, мора да има транспарентен етички код за критериуми и транспарентност во однос на оние кои одлучуваат. Нашата култура најмногу страда од клановштината, од ситно интересните размени, од нати го – дај ми го концептот, од клиентелизмот. Зборувам за официјалната култура. Но мора ли и популарната култура да умира од истиот вирус?

Она што го видовме, и што за жал постојано го гледаме е само еден мемлосан концепт на веселба за народот кој не’ нуди никакви нови визии за тоа како и што треба да се вреднува и кој не поттикнува никакви нови ветришта. Ниту во сценариото на самата манифестација, ниту во распределбата на наградите не може да се види грижлива и посветена политика која ќе упати на поинакви и посовремени концепти за културата, уметноста и уопштетсвото. Зошто една ваква манифестација да не поддрува на пример и некои брендови кои имаат коренито значење за темелите на оваа култура, а кои постојат во издаваштвото, во медиумите… Зошто само фриволност и евтин штос најчесто да победуваат? И зошто да останеме затворени во угодноста на сопствената кожа, наместо да се отвораме – на пример, зошто не би се собрале сите радиодифузери и заеднички, вмрежено и транспарентно не би учествувале во конципирањето на манифестацијата и креирањето на критериумите за наградување.

Мојата порака е дека навистина мораме да имаме одговорност во однос на она што го испорачуваме во јавноста и дека неопходно е да размислиме добро за тоа какви вредности сакаме да промовираме. Бидејќи од нас самите зависи дали ќе останеме затворени во нашата паланечка култура или сепак ќе се приклучиме на современите текови.