Денешна дата
31/05/2020

Онлајн Настава или Импровизација

Др. Артан Лимани, експерт за образовние

Во нашата земја, образовните процеси во училиштата и универзитетите во моментов се одвиваат онлајн. Затоа, чувствувам дека сите имаме одговорност да дадеме мислење за моменталната состојба, како и да помогнеме да се постави понатамошниот пат во образовниот систем во земјата. На овој начин ќе се осигураме дека сите ученици и студенти ќе добијат образование кое доликува на времето во кое живееме.

 

Она што го гледаме во државните училишта во нашата земја, не е учење онлајн, туку напротив, како што вели Натали Б. Милман, е „итна настава од далечина”. Неколку други истражувачи на образовните процеси, ова го нарекуваат „пандемска педагогија”. Наставата не претставува предавање на знаењето од еден човек на друг. Наставата, исто така, не претставува предавање на знаењето на предавачот кон група на студенти на едностран начин – како што се видео конференциите. Напротив, автентична настава претставува комбинација на бројни понудени ресурси, низ палета на методи прилагодени за различните групи на ученици и студенти. Сето ова треба да им се понуди со љубов, внимание и емпатија од наставниците и училиштата. Доколку наставникот не успее да создаде доволно можности за учење за учениците, користејќи разни извори, низ задачи кои нудат предизвик и провоцираат размислување на секоја тема, тогаш наставата не е ефективна и нема да ги постигне саканите цели.

 

За онлјан наставата да биде ефективна, студентите треба да учат создавајќи портфолио на знаења. Дали ова се случува во моментов? За жал, не. Секоја училница треба да поседува академски прифатлива план-програма (силабус), која јасно ќе ги комуницира целите, задачите, резултатите, материјалите за читање; да има филозофија на вреднување, да претстави методи на предавањe итн. Како резултат, студентите би акумулирале знаења низ целиот семестар или година, а тие би се евалуирале со однапред договорен метод. На студентите би им се обезбедил формативен “feedback” (фидбек, прев: повратна информација), неколку пати за време на семестар или година), за секоја компонента на училницата, и еден сумативен “feedback” (на крајот на семестарот или учебната година) за нивниот напредок.

 

Истото важи и за онлајн училниците. За ефикасна реализација на онлајн училница треба најпрво да постојат сите горенаведени елементи. Предавачот ја пријавува структурата на училницата во план-програмата, додека студентите (и родителите на учениците од основните и средните училишта) се согласни да се придржуваат кон барањата и да учествуваат во сите задачи. Предавачот може да реши: да подели задачи кои од нив бараат ангажирање во проекти, кои се базираат на проблеми, да пишуваат критички есеи, да земат учество во директни видео дискусии однапред предвидени во програмата, да дискутираат на форуми, а за повисоките нивоа и да бидат вклучени во научни истражувања. Сето ова може да се изведе само доколку студентите го прочитаат материјалот кој предавачот им го пренел онлајн. Ова е можно само доколку се користат платформи специфично создадени за овој тип на настава.

 

Zoom, Teams, Skype и Google Meet итн., се платформи предвидени за видео состаноци, па затоа не нудат доволно можности за предавачите. За да можат да им послужат на предавачите, овие платформи би требало да се внимателно дизајнирани, така што би го олесниле предавањето на далечина. Колку за информација, тие функционираат многу добро доколку се применуваат правилно, следејќи ги поставените меѓународни образовни стандарди. Затоа познатите светски универзитети нудат и целосни додипломски, постдипломски па дури и докторски студии онлајн.

 

Во овој аспект, голем предизвик останува академската чесност, намерна или ненамерна. Училиштата кои инвестираат во развојот на овој начин на учење, веќе имаат интегрирано ваков систем. Платформата turnitin.com нуди ваква можност. Таа е дел од водењето на наставата, на таков начин што секоја задача која студентот ја испраќа се филтрира од страна на системот и добива академска автентичност. За да се утврди дали секоја училница успешно ја имплементирала наставата според план-програмата, треба да се обезбедат повратни информации од експерти за мониторирање и оценување. Ова се стандардни процедури дизајнирани од страна на експерти за обезбедување на квалитет во специфични контексти, и се уникатни и автентични.

 

На крајот на краиштата, за предметот или училницата се пренесат на интернет, треба да се реструктурира целата наставна програма и навремено да се информираат студентите (и родителите). Во случајот на оваа пандемија, училиштата имаа доволно време да ја направат оваа промена. За жал, училиштата кои ги знам немаа план-програма (силабус) ниту за своите физички училници. Ова е страшно и истовремено не смее да се толерира во академскиот свет.

 

Гледано од психолошки аспект, моменталниот комуникациски формат помеѓу предавачите и студентите на интернетот е корисен, но не постигнува резултати. Студентите од сите години заедно со нивните родители, се разочарани и минуваат низ еден посебен тип на анксиозност, особено поради несигурноста на иднината. Врската на студентите и наставниците преку Zoom или некоја друга платформа за видео-конференции, каде наставниците нудат удобност и позитивност, можат да ја олеснат анксиозноста кај студентите и можат да помогнат да ги одржат нивните деца колку-толку среќни во ова време. Сепак, она што е спорно во оваа состојба е оценувањето на учениците. Во овој аспект, наставниците и професорите немаат идеја како ќе обезбедат заклучни оцени за студентите, било за сопствена потреба или поради барањата од Министерството за Oбразование.

 

Пред неколку дена, Министерството за Oбразование изнесе документ во кој се бара наставниците да ги оценат учениците до крајот на школската година. Документот е скандалозен, го минира интегритетот на Министерството и покажува недостаток на визија, професионалност и водство, воопшто. Документот не е повик за делување, туку напротив им нуди на наставниците упатство за тоа како да изведат заклучни оцени. Ова покажува дека Министерството кое троши јавни фондови за да обезбеди квалитетно образование за студентите во земјата, како дел од стандардната процедура не обезбедило обуки за оценување за наставниците. Меѓу редови, ова повикува на импровизација. Дополнително, не разбирам како може некој да ги оценува студентите кога наставата онлајн не се одвива структурирано (следејќи план-програма за одвивање на наставата онлајн)? Ова е сомнително и го потврдува мојот став дека образованието во нашата земја е на крстосница без јасна визија за сегашноста, а да не зборуваме за иднината.

 

Човештвото ја доживува четвртата индустриска револуција, во време на масовна технолошка распространетост, имплементирајќи го интернетот на нештата (The Internet of Things), пропратено со истражувања во областа на вештачката интелигенција. Оваа револуција се случува во моментов, додека ние имаме образовен систем од 19-тиот век.

 

За да се развие високо-квалитетно образование, потребно е силно партнертво меѓу родителите и училиштата. За жал, и ова не се случува. Свеста на граѓаните за квалитетот на образованието е на многу ниско ниво. Пред некое време, во една анкета реализирана од страна на Детектор – емисија на ТВ Сител (која е национална телевизија) и во која беа анкетирани 1200 граѓани – само 4% од анкетираните се изјасниле дека образованието им е важно. Со други зборови, 40% од граѓаните му даваат предност на економскиот развој, додека го оставаат образованието на 4% кога размислуваат за иднината на земјата. Не може да очекуваме големи промени на образовните парадигми, сè додека граѓаните не се зинтересирани за ваков чекор. Мора да ни е јасно на сите дека нема да имаме одржлив економски резвој, без претходно да имаме структурирана реформа во образованието.

 

Родителите треба да преземат одговорност во развојот на образованието и треба на свои плешки да ја понесат академската благосостојба на своите деца. Исто така, треба да ги поттикнеме родителите да го преземат раководењето со училиштата преку извршните одбори за да се постигнат подобри резултати. Ова не значи да се остават во сенка општините, затоа што секоја алка во ланецот е важна. Сепак, единствен начин да се деполитизираат училиштата и да се обезбеди квалитет и поддршка е да се вклучат родителите и тие да преземат одговорност за училиштата.

 

Недостатокот на визија и придонес од страна на соодветното Министерство ќе продолжи да ги подложува учениците на ризик да останат 10 чекори зад нивните врсници од поразвиените земји. Министерството треба да ги изостави партиските интереси и да ги здружи локалните и меѓународните експерти, за да почне да работи на плановите за одржлив развој, краткорочно и долгорочно. На сличен начин, родителите и граѓанските организации треба ја да поттикнат агендата за реформи.

 

Немаше да бидеме во толку тешка состојба денес доколку досега применувавме комбинирана настава, со најмалку 20% од часовите онлајн. Колку за информација, Google нуди бесплатни услуги на нивниот G-Suite за непрофитабилните училишта. Овој систем е интегриран со сè што е потребно за успешно одвивање на комбинираната настава, а се разбира и за комплетната онлајн настава. Друг пристап е тн. “Flipped” училница, преку којa предавачот го снима предавањето во видео формат од 10-15 минути. Учениците го гледаат истото и потоа кога одат на час, предавачот нема потреба да предава туку им дава можност на студентите да се ангажираат низ дискусии и критичко размислување, додека работат на решенија за дадениот проблем и тема. Како и да е, во догледна иднина, доволен би бил само комбинираниот пристап.

 

Примената на секој нов пристап бара структурирани обуки за предавачите. Како и секоја примена на државно ниво, комбинирано организираниот пристап на образовниот процес ќе бара обука на наставниците за да можат да ги користат технологиите за своите предавања, на начин кој ќе го максимизира учењето на учениците или студентите. По успешната имплементација, образовниот систем во земјата би бил подготвен да го пресели процесот целосно онлајн. Имплементацијата би имала свои предизвици, земајќи ги предвид ставовите на наставните кадри кон иновативните промени, како и нивната професионална спремност. Да нема недоразбирања, факултетите и педагошките академии не нудат професионална подготвеност за наставниците кои треба да ја обучат дигиталната генарација на студенти и ученици за функсионирање во истата дигитална ера. Сепак, треба да делуваме сега и да бидеме подготвени да ги надминеме овие предизвици. Дополнителен мотив се децата и студентите кои без никаква вина поминуваат низ оваа криза на образовниот систем, која ние сами ја создадовме, особено поради незнаењето како да го менаџираме и да се развиваме во чекор со времето.

 

За крај, образованието е комплексна структура од многу соединенија на елементи кои креираат една функционална целина. Ќе го споредам ова со Лего коцките на мојот вкук, кога ги гради своите колички. Со тоа што го понудив погоре, ние можеме да направиме промени – но сепак можеме да ја поставиме само оската во погонот на возилото составено од коцки. Останува да се направи уште многу. Но, добрата вест е дека експертите ги имаат сите други делови од Лего коцките и знаат да ги постават на вистинското место за да се постигне функционален и одржлив образовен систем, на сите нивоа. Времето е сега!

 

 

Објавената содржина е одговорност на авторот. Инбокс 7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите, но ќе направи се тие да бидат објавени.