Денешна дата
31/05/2020

Какви политичари и требаат на Македонија денес?

Скромноста и способност да се прилагодат на кризните ситуации беше крактерна особина и на двајца претседатели на Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски. Соочен со кризата предизвикана од насилното распаѓање на федерацијата, интелектуално супериорниот Глигоров внимателно ги следеше настаните во Југославија со цел успешно да ја реализира политиката на мирољубиво самоопределување на Македонија

Пишува: Денко Малески

 

 

Американските политички научници пишуваат за претседатели заробеници на своето искуство и на своите инстинкти кои, одеднаш, соочени со кризни околности, станувале ирелевантни. Херберт Хувер, триесет и првиот претседател на САД, бил успешен бизнисмен, налик на Доналд Трамп, кој на првите избори на кои се кандидира победува и станува претседател. Но, заробен во своето бизнис искуство и своите инстинкти, Хувер не е во состојба да ја разбере длабочината на Големата економска криза од триесеттите, ниту има идеја како да ја реши, па изјавувал дека  се бргу ќе помине и дека „просперитетот е зад аголот“. Го заменува Френклин Рузвелт за кого колумнистот и истакнатиот либерален политички мислител Волтер Липман тогаш ќе напише  дека е „ пријатен човек кој, без важни квалификации за позицијата, многу сака да биде претседател“. Но, соочен со невољата Рузвелт знаел да се прилагоди на новата ситуација и со своите идеи за решавање на кризата познати како „Њу дил“, да стане еден од големите претседатели на Америка. Токму како и Абрахам Линколн кој „растел“ со настаните: „Не тврдам дека ги контролирав настаните туку признавам дека едноставно настаните ме контролираа мене“. Навиките и инстинктите на денешниот претседател на Америка Трамп, пак, – гласното и агресивно обраќање, пркос и себе-промовирање, кое, колку до вчера функционираа успешно против неговите политички непријатели, сега, во услови на пандемија, се закануваат да го срушат. Запрашан како ја оценува својата работа, без трошка скромност, Доналд Трамп одговара:„Јас би ја оценил со 10, мислам дека направивме одлична работа“.

Скромноста и способност да се прилагодат на кризните ситуации беше крактерна особина  и на двајца претседатели на Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски. Соочен со кризата предизвикана од насилното распаѓање на федерацијата, интелектуално супериорниот Глигоров внимателно ги следеше настаните во Југославија со цел успешно да ја реализира политиката на мирољубиво самоопределување на Македонија. Имено, специфичната геополитичка положба на нашата држава и специфичните меѓунационални односи налагаа внимателност за каква што не мораа да се грижат некои од членките на федерацијата. Неговиот успех мирно да го премости најстрашниот конфликт во Европа по Втората светска војна и да ја доведе државата до членство во ОН, како што минува времето, ќе го вбројат во големите претседатели на малата балканска држава. Соочувајќи се со една поинаква, домашна, криза, Борис Трајковски, пак, го заслужи местото во историјата на државата напуштајќи ја политиката на својата матична партија на македонските националисти и застанувајќи зад проектот спонзориран од Западот – Охридскиот рамковен договор. Неговaтa спремност да се прилагоди на идејата за рамноправност меѓу  етничките заедници и да ја запише во уставот новата политичка организација на, сега веќе, мултинационалната држава, ја спаси земјата од етничка војна.

Денешната генерација македонски политичари е соочена со една поинаква криза – опасната зараза. Историјата опоменува дека секој оној кој нема да успее да се прилагоди на новонастанатата состојба пропаѓа политички. Актуелните македонски политичари мораат да покажат голема инвенција за здравствениот и економскиот систем на една сиромашна држава успешно да ја преброди кризата, а тие да останат запаметени по добро. И, се разбира, да ги добијат наредните избори. Зашто кога се мислеше дека тема на изборите ќе биде Преспанскиот договор и членството во НАТО и во ЕУ, и кој застанал на правата а кој на кривата страна на историјата која, во страшните времиња на Втората светска војна, ја правеле други, дојде епидемијата од чиј исход најдиректно ќе зависи како опстанокот на населението така и на  оние во власта и во опозицијата. Може ли некој да помисли дека веднаш после епидемијата„името“ ќе биде темата околу која ќе се кршат копјата на наредните избори? Може ли некој да мисли дека гласното и агресивното обраќање, пркосот и себепромовирањето, а не скромноста, работливоста и пожртвуваноста се карактерните особини  кои ќе ги барат граѓаните во своите политичари? Доброто во ова зло се лекциите кои што треба да ги научиме: дека се потребни идеи како да се заштитат најзагрозените делови на народот, а политичарите (со заштитни маски) да се на терен а не по дома каде што се сега пратениците(!); дека е потребен конструктивен дијалог меѓу загрижени политичари а не агресивна себепромоција на сезнајковци; дека никаде не не води алчноста и егоизмот на сметка на општото добро и дека екстремно богати поединци во сиромашна држава се извор на нестабилност на општеството; дека треба да инвестираме во здравство и во заштита на човековата околина, во образованието, во паркови, во многу паркови, во чист воздух, во чисти води, во комунални служби во земја во која ѓубрето организирано се собира само од половина од населението; да инвестираме во градови и  туристички центри кои ќе блескаат од чистота, во тротоари, пешачки и велосипедски патеки, во хигиена во рестораните и на вработените во нив… Заразата, верувам, ќе ја поремети, барем малку, скалата на вредностите во оваа насока. Тоа малку ќе биде голем цивилизациски  исчекор за Македонија.