Денешна дата
31/05/2020

  Некогаш сме биле еден народ

На почетокот од деведесеттите, во еден разговор со Лоренс Иглбергер, државен секретар на САД, во холот на конференциската сала во Хелсинки, тој можеше да ми каже дека Америка има влијание врз Бугарите на кои им е сугерирано да стојат настрана од македонските проблеми.

Пишува: Денко Малески

 

Која е вистината ме прашува на телефон новинарката на „АлсатМ“ телевизија: дека сите членки на ЕУ се зад нас или дека Бугарија може да не блокира. Искуството од македонско-грчкот спор не учи дека може да биде точно и едното и другото. Имено, на почетокот од независноста сите држави членки беа зад нас, дури, во еден момент, ја дадоа Грција пред европски суд заради трговските бариери кон нас, но ветото на оваа земја беше посилно од нивната поддршка и ја блокира нашата европска интеграција. Едноставно, така функционира ЕУ: одлуките за надворешно-политичките и безбедносните теми се носат со консенсус. Дали тоа значи дека приказната со Грција ќе ни се повтори и со Бугарија на идентичен начин? Веројатно не на идентичен начин. Имено, околностите се сменети, па треба да сме внимателни со историските аналогии. Македонија го има Преспанскиот договор со кој екплицитно се потврдува македонската нација и јазик, нешто што бугарскиот парламент сеуште го проблематизира. Регионалниот распоред на сили е таков што Грција и Србија не сакаат ширење на бугарското влијание во Македонија и нејзина поделба на албанска и бугарска сфера. Втора битна разлика со грчкиот случај е што додека западната научна мисла на античка Македонија гледа како на дел од хеленскиот свет, таа одамна ја признава модерната македонска нација и нејзиниот јазик. Значи, Бугарија се соочува со колосалната задача да ја промени светската историографија негирајќи го постоењето на современиот македонски јазик и современата македонска нација. Во тој потфат ризикува да заврши онака како што завршивме ние со нашиот обид светот да го убедиме дека сме директните потомци на античките Македонци.

Свесен за овој факт, претставникот на ГЕРБ во европскиот парламент веќе сега, на самиот почеток на потенцијалниот спор во институциите на ЕУ, го релативизира барањето на неговата земја со изјавата дека постои македонска нација и јазик. Колку далеку Бугарија е спремна да оди во инсистирањето на реализација на своите радикални барања зависи од проценката за сопстеваната позиција во меѓународните односи. На почетокот од деведесеттите, во еден разговор со Лоренс Иглбергер, државен секретар на САД, во холот на конференциската сала во Хелсинки, тој можеше да ми каже дека Америка има влијание врз Бугарите на кои им е сугерирано да стојат настрана од македонските проблеми. Но тоа беше една поинаква констелација на меѓународните односи  во кои војните во Југославија беа централна тема, а Бугарија, тукушто излезена од Источниот блок, беше слаба држава. Денес, како членка на НАТО и на ЕУ, Бугарија е во една сосема поинаква позиција. Консолидирана на внатрешен и на меѓународен план, Бугарија настојува да го пришири своето влијание во регионот. Државата успешно се интегрира во евроатланстките структури и ја има потребната самодоверба и потребните алатки во ЕУ да бара отстапки од Македонија (и од Албанија). Проблемот, ако може така да се каже, е што и Северна Македонија со Преспанскиот договор и со членството во НАТО ја зајакна својата меѓународна позиција и, следствено, позицијата на својата нација и јазик. Со таа новостекната самодоверба, смирено треба да реагираме на бугарските условувања за почеток на преговорите со Македонија. И треба сериозно да разговараме за спорот околу историјата која не можеме да ја промениме, но можеме да ја интерпретираме на начин кој од нас ќе направи најдобри пријатели.

Имено, зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па каде пишувало Бугарин да прешкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник испратен во 1903, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден. Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ. Тој народ, во залуден напор да избегне поделби и понижувања од соседните балкански држави кои наваливе врз последната отоманската провинција во Европа, Македонија, спас побарал во, како што вели Крсте Мисирков идејата за “национален сепаратизам“ и создавање на сопствена словенска нација. По бруталните балкански војни, тој статус на достоинство, да биде свој на свое, да се биде македонска нација со свој македонски јазик и своја македонска држава и е понуден на генерацијата македонски партизани, дотогашни „Јужносрбијанци“,  во идната југословенска федерација на рамноправни народи, во текот на Втората светска војна. Пригрлувајќи ја таа идеја, со поддршка на другите југословенски народи, македоснките партизани со пушка во рака и со човечки жртви ја реализираат својата идеја.

Разбирливо, во моментот кога се конституирала, македонската нација била свртена кон истражување на она што ја одвојува од бугарската, а такви елементи во историјата можат да се надат секогаш кога локалпатриотизмот и грижата за својот дом во Македонија надвладувал над националната идеја на бугарската држава. Со тоа изобилува нашата историографија, но таквиот пристап не ја кажува целата вистина. Значи, некогашните методи за самоволна и невистинита селекција од страна на науката, како и на брутален однос кон сограѓани со бугарска национална свест од страна на политиката, се недопустиви денес.  Објективната историска вистина и човековите права се аршинот на модерното време. Потребна е само воља да се погледне реално на сегашноста на два одделни народи со сопствени јазици, кои ги обединува заедничко минато, но и заедничка европска иднина. Двете страни треба овој приод да го препознаат како најрационален, најразумен, најевропски.