Денешна дата
12/08/2020

КОРОНА вирусот и нашите соседски односи со Република Бугарија

Г-дине Радев, јас не сакам братска љубов, јас сакам разумен компромис. Вие, сакале или не мора да сфатите дека македонската нација е веќе родена, а вие, Србите и Грците, сакате да ја разнебитите и асимилирате. Сфатете ја реалноста дека ние со поколенија наназад се чувствуваме Македонци и на крајот е многу смешно и иронично за иднината на вашата и нашата популација да ја ставате историјата на маса за преговори и да ја користите како џокер за уценување за евентуалното наше членство во Европската унија.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Неодминливо е прво да се осврнам на сеуште најактуелната и најгорчката тема а тоа е КОРОНА вирусот. За жал, ми се чини, дека зад овој наратив во кој навистина страдаат луѓето и психички и физички, стои некој повисок интерес.

Не е мое да обвинувам и судам, но можам да укажувам, бидејќи фактите даваат една доста збунувачка, но и комплексна слика.

Имено, во изминативе 3 месеци откако активно влезe КОВИД 19 во нашето секојдневие, по моја лична пресметка, починатите од овој вирус не го надминуваат 5-7% од вкупно починатите лица во минатиот период. Тоа можат и да го прверат специјалистите од оваа фела.

Најголемата победа на ова поле во борбата против КОВИД19, е виртуелната конференција, која ја одржа Европската Унија минатата недела каде членките на унијата договорија дека во првата половина на месец мај ќе се обезбедат средства од 8,5 милијарди евра во борбата на овој вирус. Јас верувам во овој проект.

Што и друго да се напише за овој вирус е отповеќе, бидејќи талкаме во темнината, незнаејќи како се појавил овој вирус и како може да се уништи.

Сепак, животот мора да врви и понатаму по своите текови, и мораме да обрнеме внимание и на други теми.

Деновиве ме заинтересираа и гласините за изјавите на бугарските официјални високи структури за можносто ставање на вето во преговорите за нашето идно членување во европското семејство.

Да кажам дека сум вчудоневиден е мек збор. Најискрено се чувствувам многу навреден, а верувам дека така се чувствува секој граѓанин на нашата земја, кој ѝ мисли добро за иднината на Македонија.

Во кратки црти би навлегол во хронологијата на македонско – бугарските односи.

Прво, факт е дека Република Бугарија изгуби две светски војни, сакајќи нашата Македонија да стане дел од бугарската држава. Кои мислат поинаку се во заблуда.

Чувството на секој македонец во периодот кога бевме под чизмата на Република Бугарија е дека сме биле окупирани. Да појаснам… тие дошле во мојот двор и ме окупирале, а јас никогаш не сум сакал да влезам во нивниот двор, па јас да ги окупирам. А згора на сѐ, не можеме да заборавиме и колку нехумано газеше во своето владеење таа чизма.

Оттаму, наративот за братството со оваа држава, честопати звучи лажно. Во секоја прилика кога говорат врвните луѓе од Владата на Република Бугарија не именуваат како браќа. Поимот брат е многу чувствителен и силен збор, посебно кога се употребува за пријателство каде нема крвно сродство.

Во договорот за преиспитување на историјата меѓу двете независни држави Република Македонија и Република Бигарија комисиите неуспешно ги              завршија преговорите од проста причина – дека некој сака со гума да ни го избрише нашето колективно сеќавање од нашата мината историја.

Изјавата на Претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, дека црвената линија за нашите добрососедски односи е нашето откажување од нашиот Гоце Делчев, е во најмала рака непримерна.

Г-дине Радев, јас не сакам братска љубов, јас сакам разумен компромис. Вие, сакале или не мора да сфатите дека македонската нација е веќе родена, а вие, Србите и Грците, сакате да ја разнебитите и асимилирате. Сфатете ја реалноста дека ние со поколенија наназад се чувствуваме Македонци и на крајот е многу смешно и иронично за иднината на вашата и нашата популација да ја ставате историјата на маса за преговори и да ја користите како џокер за уценување за евентуалното наше членство во Европската унија.

Бев вчудоневиден од кога актуелниот премиер на Република Бугарија Бојко Борисов стана толку музички образован, па дури песната ЧАО КОРОНА, во изведба на Александар и Дац ја слушал во својот автомобил, за на крајот тоа да излезе во етерот и да биде третирано како гест на братска љубов кон нас македонците. Имам едно многу просто прашање, кој од нас Македонците се возел во возилото на Г-динот Борисов кога ја слушал оваа песна?

Почитувани мои, старите би рекле, односно би го употребиле зборот итроштина, а јас ќе го употребам зборот непримерно. На ваков начин да се води ПР политика, со која треба да ни ги омекнат срцата  па и навистина да помислиме дека сме браќа.

Од кога постои македонското прашање, кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, сме биле подложни на асимилации, притисоци и угнетувања, со цел да бидеме побугарчени, погрчени или посрбени. Најболно во сето тоа е што ваквата политика не потекнува од обичниот грк, србин или бугарин, туку од високите интелектуални и политички елити на овие народи кои сонуваат сонови за големи држави, па дури и империи.

Почитувани соседи на Република Македонија, ние не бараме што старите би рекле преку леб погача, туку бараме еднаквост, рационалност и меѓусебна почит.

Факт е дека сме најмладата нација на Балканот, но тоа не треба да значи наше негирање, омаловажување и бришење на историјата со која сме раснеле.

Ако ја загубиме историјата иако не е толку богата како историјата на нашите соседи, тогаш го губиме и правото на нашето постоење како посебен народ.

На крајот би упатил порака до сите наши соседи, а посебно до Република Бугарија – почитувај ме за да те почитувам.

Апелот нека биде да градиме заедничка иднина за благосостојба, без војни, без пролевање на крв, да царува умот и просперитетот на целиот наш балкански полуостров. Да се равиваме вземно во еманципаторски и демократски амбиент.