Денешна дата
24/09/2020

Писмо на читател

Испраќач: Мартин Атанасовски

Во една скорешна колумна господинот Денко Малески – првиот министер за надворешни работи на Република Македонија – нареди низа неиздржани и противречни изјави на сметка на македонската нација, со кои тој го легитимизира ултиматумот упатен кон нашата земја од страна на соседна Бугарија.
Колумната на Мелески има наслов „Некогаш сме биле еден народ“ со што се предлага дека официјалниот историски и надворешнополитички став на Бугарија кон Македонија, е точен. Иако, секако дека не е, односно, дека постои „сив предел“ за кој може да се преговара и „чист предел“ за кој не треба.Со кои аргументи ќе ги поткрепи своите ставови г. Малески, кога наспроти нив стојат многу грамадни историски вистини? Имено, во 18 и 19 век соседните држави ги удриле првите темели во формирањето на современа нација на нивните територии.

Доколку македонците и бугарите биле еден народ, немаше Бугарија да се формира во држава на постоечката нејзина територија, немаше Србија да се формира како држава на сегашната територија, ниту Грција на територијата што ја запоседнувала се до 1913 година.
Сите овие земји ќе беа побогати со територија која се меѓи во некоја точка на географска Македонија. Проблемот бил народот што се чувствувал како да припаѓа на ниту еден од овие три народи.

Доколку македонците и бугарите навистина биле еден народ во не така далечното минато, немаше Србија и Грција да претендираат на македонска земја, преку асимилаторски програми поддржани од нивните цркви. Се ќе беше кристално јасно: „во Македонија живееле Бугари кои ќе си ја искажеле својата волја“. Но не било така.

Бугарија, како и другите две соседни држави, морала да дејствува помеѓу народот во Македонија со цел да издејствува врз него одредена (но и мошне површна) национална свест.

Најсилниот удар во тезата дека Македонската нација е настаната од некаков експеримент на Југославија, е фактот што пред и за време на Илинденското востание, Бугарија не испратила ниту еден воен одред за да ги помогне „бугарите“ на територијата што требале да ја ослободат од Османлиската империја.

Зошто Бугарија, која веќе била утврдена како држава и располагала со сериозна армија, едноставно не распоредила дел од своите сили во одбрана на народот на кој оваа земја денес претендира преку историска ретроградност? По крвавото задушување на востанието следела човечка катастрофа на територијата на Македонија, која Бугарската држава ја посматрала од страна.

Потоа, г. Малески го цитира Мисирков, и фразата „национален сепаратизам“ што тој ја срочил, но не наведува дека Бугарската историографија го релативизира монументалното дело на македонскиот деец Мисирков (За Македонцките Работи), тврдејќи дека тој имал само своја „македонстичка фаза“.

Малески се повикува на текстови објавени во „Њујорк Тајмс“ каде што се известува за „бугарско востание“ а не ги спомнува објавите на многу други странски публикации од таа ера, каде што изречито се пишува за Македонци. Македонските иселеници во Австралија на самите почетоци на 20 век, на официјалните документи за прием во таа земја во графата „националност“ пишувале „Македонец“. Ова секако, може лесно да се истражи и дознае.

Бугарскиот поет Иван Вазов објавил песна посветена на Цариград (Истанбул) во која ги набројува народите што ги среќавал на улиците, и нивните карактериски, па така, спомнати се македонци, бугари, грци, ерменци, и така натаму. Оваа песна датира од 1872 година, па очигледно е дека уште во тоа време овие два соседни народи воочувале доволен број различности за да се почувствуваат, имено, sui generis.

Еве една интерсна личност со која г. Малески треба да ја истражи: Христо Трајков, пратеник во собранието на Бугарија, кој во 1932 напишал „Во Пиринска Македонија во името на ослободението и независноста на Македонците, се затнува устата на Македонците, за да молчат и да не расудуваат.“

Трајков додава, „да не се заборави, македонското население во Петричката околија, вака или онака, претставува потиснато национално малцинство, зашто за нас Македонците, Македонија е разделена на три и е поробена во трите дела.

Ова обраќање на кукушанецот Трајков потекнува многу години пред да се формира Југославија, и многу години пред наводното создавање на македонска нација, теза која г. Малески очигледно ја застапува и придонесува до јанѕата што го јаде овој народ долги децении.

Јас не тврдам дека македонците и бугарите немаат ништо заедничко. Тоа не е возможно затоа што македонците, со нивната средишна положеност во овој дел на балканот, ги спојуваат и делат сличности со сите други народи. Наместо овој космополитски потенцијал да се издигне на ниво на национална политика, негирањето на македонската нација од јавни личности во самата земја доведува до создавање на монолитни идентитети на балканот, нешто за кое сум убеден дека се крши со светогледите на г. Малески.

Пред да ставам точка на обраќањето, ќе се повикам на уште еден од спорните делови во колумната на г. Малески, онаму каде тој пишува дека западната научна мисла одамна ја признава модерната македонска нација и нејзиниот јазик.

Тоа е точно, но според ставовите изнесени во колумната сега станува спорно КОЈА македонска нација бидува признаена – онаа што своите протонационални обележја ги истакнува во изминатите три века, или онаа што била конечно официјално востоличена на заседанието на АСНОМ? Сепак, не е сеедно преку чија теза ќе се поима историското битисување на народот што одбрал да сообрази свој идентитет.

Во делот за јазикот и преспанскиот договор, точно е тоа што овој меѓународно признаен договор го ословува јазикот „македонски“ но тоа е дефакто во меѓународните односи и во билатералните односи помеѓу Македонија и други земји.

Доколку пројде бугарското негирање на јазикот во ЕУ, квалификациите во преспанскиот договор ќе важат за ништо, бидејќи официјалната кореспонденција во ЕУ, а која ќе се однесува на македонскиот јазик, ќе гласи на начин што ќе биде непретставителен за припадниците на македонскиот народ.
Единствената валидна поента на г. Малески и дека Бугарија е во позиција да поставува ултиматуми, а тоа ја остава Македонија речиси и без опции како може да ги сочува оние работи без кои нема да биде исто.
Да кажеме дека на крајот, најверојатно исходот ќе зависи од големите држави (и од ЕУ како заедница) кои имаат независен надзор над ова прашање; дали ќе се даде предност на правото или право на предностите, ќе се дознае наскоро, но тоа не значи дека Македонија треба да молчи и да се негира самата себе преку отворените и сокриените ставови на политичарите и јавните личности.
Мартин Анастасовски е поборник за афирмирање на космополитскиот карактер на македонската нација
срдечно
Администратор

Latest posts by Администратор (see all)