Денешна дата
07/07/2020

СЕЌАВАЊА

Владееше љубов, а како круна на сето тоа е фактот што и починатиот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, не испушташе ниту еден меч да не присуствува во спортската сала Кале, а на денот кога се играше финалето, од за жал сега починатиот претседател на Република Македонија Борис Трајковски добивме писмо со најискрена поддршка за нашиот пат кон титулата.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Имајќи ја на ум оваа пролетна спарнина, одлучив да не додавам на ионака тешката атмосфера, отворајќи некои горливи и жешки политички прашања, кои се однесуваат и на нашата внатрешна политика и на меѓународните динамики, особено со дел од соседите. Секако, во мигов, на што ги интересира нашите политички лидери, партиски водци, и владеачки елити се изборите и сочувувањето или освојувањето на ВЛАСТ.

Оваа колумна би сакал да ја посветам на настан кој точно на овој ден 19 мај, пред 18 години, не направи, нас граѓаните на Република Македонија, среќни, исполнети со чувството сме дел од светската заедница, а повод за ваквите длабоки чувства беше освојувањето на титулата Европски Шампион во клубско натпреварување, кој ја освои Кометал – Ѓорче Петров.

На радоста и на еуфоријата им немаше крај. Незаборавно се врежани во мојата меморија сликите на моите сограѓани, со озарени лица, какви што ретко среќаваме на колективно рамниште низ овие три декади. Лица кои имаа причина за заедничка прослава, радост и гордост. Имав впечаток дека се што беше живо во Македонија се радуваше на тој успех.

18 години изминаа и секоја година, ние најблиските од клубот заедно со ракометарките кои ја освоиа титулата и кои поголемиот дел останаа да живеат во Скопје, го чествуваме овој ден со пригодни настани и забави.

Осумнаеската во човечкиот живот означува полнолетство, зрелост, па затоа одлучив да напишам неколку зборови, колку што ме држи сеќавањето како стигнавме до овој толку поскуван трофеј.

Патот ни најмалку не беше едноставен и лесен, бидејќи, да се освои ваква титула беше потребно многу повеќе од ракометарките кои играа на паркетот – требаше да го осознаеме функционирањето на Европската ракометна федерација како и на Светската ракометна федерација.

Многумина паметат дека поради инцидентот кој се случи во завршницата на првото финале на Кале кога игравме со ХИПО, при што беше физички нападнат и повреден сопственикот на Хипо Гунар Прокоп, бевме казнети од Европската федерација да не учествуваме на државни и клубски натпревари низ целата 2001 година.

Заедно со господинот Вања Бојков за кого имам само пофални зборови како менаџер, тактичар и визионер, сфативме дека не е доволно да имаме само силен тим, туку дека мораме напорно да работиме како со нашата прекрасна навивачка публика предводена од Комитите, така и со сите институции кои функционираа во склоп на Европската федерација, бидејќи многу често се случуваше поради лошото делегирање на судиите или делегатите, наместо да ја негуваат етиката на спортот, многу често се ставаа во функција на посилниот тим и подобро прифатениот клуб во Европското семејство.

Уште во текот на 2001 година односите со Европската федерација ги донесовме на високо ниво на меѓусебна доверба и комуникација. Јас, како тогашен нов претседател на Ракометната Федерација на Македонија бев многу почитуван и за сите дилеми барав и добивав објаснувања од моите европски колеги.

Истрајноста да ја донесеме титулата во Скопје или поточно речено ИНАЕТОТ, изби истиот момент кога се случи самиот инцидент во непобедливата спортска сала Кале. Донесовме одлука и покрај забраната за учество на меѓународни натпревари, да ги задржиме ракометарките. Со цел да го задржиме натпреварувачкиот дух организиравме многу силни турнири за ракометарките да ја задржат присебноста и самоувереноста дека се најдобриот клуб во Европа.

За да ја зачуваме позитивната атмосфера во клубот организиравме и заедничко летување со сите ракометарки и нивните придружници во Сани Бич, Грција и лично сум убеден дека таа спрега меѓу ракометарките, тренерот и раководтвото на клубот придонесе следната 2002 година да се прошетаме во Лигата на Шампиони и да ја донесеме титулата во Скопје. Тоа е доказ колку е важно во секој сегмент од животот да се негува заедничкиот, взаемен дух и високото ниво на социјално квалитетни односи.

Мечевите со Ларвик, Монтекс, Волгоград беа мечеви во кои што се покажаа едниството, духот, заедништвото, непрегорната посветеност кои владееа во клубот.

Да бидам искрен имав чувство во тие моменти кога ја прослвувавме титулата дека мојата радост нема граници, како да сум се качил на највисокиот Олимп, столбот од каде што зрачи ПОБЕДА.

Кометал – Ѓорче Петров во нашиот политички систем имаше многу завидно и, би рекол, обединувачко ниво – немаше политичка партија што не го поддржуваше клубот. Независно дали мечовите се играа во Скопје или на гости. Владееше љубов, а како круна на сето тоа е фактот што и починатиот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, не испушташе ниту еден меч да не присуствува во спортската сала Кале, а на денот кога се играше финалето, од за жал сега починатиот претседател на Република Македонија Борис Трајковски добивме писмо со најискрена поддршка за нашиот пат кон титулата.

Овој текст го пишувам инспириран од фактот дека минуваме низ една небиднина и пандемија која го загрозува животот на човекот, соочени со катастрофални економски резултати токму поради овој вирус.

Ја споделувам оваа моја сторија на лично и колективно задоволство, за да укажам дека клучното во животот е да се биде борбен, да се има надеж, и да се биде посветен на заедницата и на заедничкото добро. Убеден сум дека ќе дојде ден кога ќе се смееме на пандемијата која не снајде и која ги загрозува животите на многумина, но треба да бидеме трепливи и да бидеме претпазливи за да ги заштитиме саканите, бидејќи факт е дека денес се уште немаме решение.

Во својата приватна архива имам документарна емисија снимена и режирана од новинарот Златко Калински, насловена под името „ДЕНОТ Д“ во кој што се опишува токму овој настан од раните утрински часови токму на овој ден 19 Мај 2002 година се до раните утрински часови на 20 Мај 2002 година.

Овој документарен филм на многумина од вас ќе ви ги освежи сеќавањата и нека биде поттик за доброто го надвладее лошото.

Ќе се потрудам овој документарец да може да го погледнете на YOUTUBE, каде за жал во моментов се уште не е поставен.

Посакувам уште многу титули и победи да бидат освоени и донесени во Македонија, бидејќи спортот е универзален јазик со кој може да ги споделиме и разбереме тага, радоста, поддршката, солидарност и заедништвото во сите различни култури на планетата земја.

Приклештени од нашите соседи со не признавање на нашата посебност мораме да им покажеме и докажеме дека сме вредни и умееме да створиме сопствена историја.

На крај би сакал искрено да ве поздравам и да ви посакам добро здравје во овие карантински денови, со надеж дека час поскоро ќе се вратиме во салите, на стадионие, игралиштата, институциите од културата, уметноста и ќе продолжиме со нашиот социјален живот.