Денешна дата
01/12/2021

Македонија испрати 100 тони хуманитарна помош за настраданите во Србија

Конвој од пет шлепери и две возила на македонскиот Црвен крст со по 20 тони хуманитарна помош денеска точно напладне замина за Србија која деновиве се соочува со поплави од невидени размери. Околу 20 тони конзервирана храна, хигиенски средства, вода, детска храна и облека ќе бидат распределени на најзагрозените граѓани на Обреновац и на сите други општини зафатени од полавите.

„Оваа пратка е само првата од низата што ќе ги испратиме во најкритичните општини зафатени од полавите во Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија. Секоја помош е добредојдена, но апелирам граѓаните да продолжат да донираат конзервирана храна, вода и хигиенски средства, она што и од нас го бараат кризните штабови од Србија и БиХ. Исто така најефикасен но и најлесен начин да се помогне е преку испраќање на СМС пораки“, вели Саит Саити, генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија.

Според последните информации на Црвениот крст, денеска до 12 часот преку СМС пораки биле собрани 7.300.000 денари. Во Скопје вчера беа собрани 240 тони различни видови хуманитарна помош. Се очекува утре во 11 часот да тргне и вториот конвој со помош која ќе биде испратена од Македонија за настраданите во Босна и Херцеговина. Граѓаните кои сакаат да донираат тоа може да го прават секој ден во магацините на Црвен крст во Момин поток за Скопје или во сите други канцеларии на организацијата во другите градови низ земјава.

Првата фаза од собирањето помош завршува на 31 мај, а од Црвениот крст информираат дека и во периодот потоа ќе продолжат да испраќаат хуманитарна помош во зависност од тоа што ќе биде побарано од кризните штабови од БиХ и Србија.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески изјави дека Македонија е безбедна и нема опасност од поплави.

opetceska@inbox7.mk