Денешна дата
26/11/2020

СЕ ВРАБОТУВААТ РАБОТНИЦИ ДА ИМ ПОМОГНАТ НА БУЏЕТСКИТЕ НЕРАБОТНИЦИ

ПРЕВРАБОТЕНИ ИНСТИТУЦИИ, НЕКВАЛИФИКУВАН КАДАР, НЕРАБОТНИЦИ, РАБОТНИЦИ НА ОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ, НЕФУНЦКИОНАЛНА АДМИНИСТРАЦИЈА… ТАКВА Е ГЕНЕРАЛНАТА СЛИКА НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВО ЗЕМЈАВА, ЗА ШТО СО ГОДИНИ ИМА ЗАБЕЛЕШКИ И ОД МЕЃУНАРОДНИТЕ РЕЛЕВАНТНИ ФАКТОРИ. СОГЛАСНО РЕФОРМИТЕ ПРЕЗЕМЕНИ ВО ПОСЛЕДНИОТ ПЕРИОД, СЕ ОЧЕКУВА АДМИНИСТРАЦИЈАТА ДА СТАНЕ ПОЕФИКАСНА, А ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ БРОЈОТ НА АДМИНИСТРАТИВЦИ ДА СЕ СКРАТИ ЗА 20 ОТСТО.

 

 

Пишува: Мирјана Јовеска

 

 

 ФАКТИ И БРОЈКИ

  • Според извештајот за 2019 година, во јавниот сектор во земјава работат 132.900 лица, распределни во вкупно 1.324 институции;

  • За една година бројката на вработени во јавен сектор се зголемила за 832 лица;

  • 7,5% од вработените во јавниот сектор се со основно или без образование;

  • Во акционерските друштва во државна сопственост вработени се 8.800 лица;

  • Преку агенциите за привремени вработувања во институциите работно се ангажирани вкупно 3.222 лица и тие немаат статус на вработени во јавниот сектор.

 

 

Постојано се зборува за превработена и нефункционална администрација. Власта и опозицијата редовно се обвинуваат за партизирање на државната и јавната администрација, со цел добивање на избори. И тоа се случува од осамостојувањето до денес, без разлика која партија е власт, a која опозоција.

Нефункционалноста на администрацијата е проблем за бизнисот, кој подолго време очајно бара од властите администрацијата да ги поедностави процедурите, но и да се добие на време, бидејќи времето е пари.

Освен тоа, администрацијата ќе треба да игра клучна улога по отворањето на преговорите со Европската Унија.

 

НЕКОИ ИНСТИТУЦИИ ИСТОВРЕМЕНО СЕ СООЧУВААТ И СО ПРЕВРАБОТЕНОСТ И СО НЕДОСТИГ ОД КАДРИ

 

Еден таков пример е Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Некои одделенија во рамки на ДПИ се пренатрупани со административци, додека истовремено Инспекторатот има недостиг од инспектори, чија работа е на терен. Особено фалат инспектори во главниот град. Од вкупно 280 вработени во ДПИ ширум земјава, 135 се инспектори, а остатокот се административци. За Инспекторатот да функционира во полн капацитет на терен, според директорот, потребно е бројката на инспектори да се зголеми на 200 за сметка на административците.

„Во Скопје моментално ни требаат уште вработени, со инспектори сме слаби.Имаме 27 инспектори и помлади инспектори, со тоа што примивме 10 нови, исто колку што ќе се пензионираат од јуни. И пак ќе испадне да имаме 10 инспектори помалку. За разлика, пак, во други места, во други одделенија, како Тетово, Гостивар, Струга, имаме вработени со кои не знаеме што да правиме, не знаеме што работа да им најдеме. Таму по систематизацијата треба да имаме, на пример, 12 инспектори. А ние 16 сме ги направиле, но повеќе од 16 инспектори не ни требаат. Е сега, ни требаат уште неколку луѓе за администрација, но тоа се максимум 23-24 луѓе, а ние таму имаме 45. Во Гостивар ситуацијата ни е исто таква. Имаме референти кои буквално немаат што да работат и не знаеме што да им дадеме за работа. Тие што имаат соодветно образование и кои може да ги префрлиме во инспекциски кадар, ги префрламе. Меѓутоа, со образование од педагошка академија, еколози, теолози, такви луѓе не ни требаат нас, а се вработени во Државен пазарен инспекторат и имаме проблем со самото тоа“, објаснува директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.„Во Скопје моментално ни требаат уште вработени, со инспектори сме слаби. Имаме 27 инспектори и помлади инспектори, со тоа што примивме 10 нови, исто колку што ќе се пензионираат од јуни. И пак ќе испадне да имаме 10 инспектори помалку.
За разлика, пак, во други места, во други одделенија, како Тетово, Гостивар, Струга, имаме вработени со кои не знаеме што да правиме, не знаеме што работа да им најдеме. Таму по систематизацијата треба да имаме, на пример, 12 инспектори. А ние 16 сме ги направиле, но повеќе од 16 инспектори не ни требаат. Е сега, ни требаат уште неколку луѓе за администрација, но тоа се максимум 23-24 луѓе, а ние таму имаме 45. Во Гостивар ситуацијата ни е исто таква. Имаме референти кои буквално немаат што да работат и не знаеме што да им дадеме за работа. Тие што имаат соодветно образование и кои може да ги префрлиме во инспекциски кадар, ги префрламе. Меѓутоа, со образование од педагошка академија, еколози, теолози, такви луѓе не ни требаат нас, а се вработени во Државен пазарен инспекторат и имаме проблем со самото тоа“, објаснува директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.

Тој очекува проблемот да почне да се решава со можноста за меѓуинституционална размена на вработените. Очекува и помош од Владата за да дојдат до кадар од потребните струки (економисти, правници, машинци, петрохемичари, електроинженери итн.) и со една година обука да ги приспособат за работа, со цел да може да одговорат на задачите. Во таа насока, Пауновски предлага и да се најде начин административните работи на инспекциските органи да се вршат централизирано преку Инспекцискиот совет.

„Не само да делат совети, туку тие да прават плати, да ги работат сите помошни административни работи за Инспекторатите да може да се посветат само на работата, која што значи терен и контрола надвор од просториите, бидејќи работата на инспекторите е за на терен“, вели Пауновски.

Според него, со тоа што се вработувале несоодветни кадри на овие работни позиции се уништува државата и се уназадуваат институциите. Освен тоа, вели, неработниците се лош пример и за работливите, па вториве се демотивираат кога гледаат дека исто се платени.

„Мораме после оваа криза да се освестиме, мораме да направиме институциите што и се потребни на државата да бидат мобилни, ефикасни и од интерес за граѓаните. А, не само да вработиме луѓе колку за да има вработени и да земаат плата. Подобро давај му плата и нека работи во некоја друга институција, отколку да ни седи овде и да ни прави проблеми“, вели директорот Пауновски.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, пак, вели дека во овој случај менаџментот на ДПИ ги има сите инструменти и механизми за да ги прераспредели, или да ги преквалификува вработените според потребите на институцијата. Смета дека внатрешната организација е задача на менаџментот во секоја институција.

„Ние како Министерство за информатичко општество и администрација не сме шефови на целата администрација.

 

Ние немаме никакви ингеренции над овие институции. Ние ја поставуваме законската рамка и толку. Тоа е нашата улога. Меѓутоа, она што го правиме со овие хоризонтални и вертикални анализи во изминатиот период, ги мотивираме (институциите) да почнат на таков начин да размислуваат. Државниот пазарен инспекторат е прилично ангажирана и активна институција. Има поприлично работа и верувам дека многу е тешко да се седне и да се направи анализа и да се каже ‘Чекајте, ова треба да се направи’. Ние со овие анализи ги принудивме на некој начин да седнат, да размислат и секоја од овие институции има веќе дадено резултати од своите хоризонтални и вертикални функионални анализи, врз основа на што ние заедно со странските експерти ќе понудиме и конкретни предлози“, рече Манчевски.

 

 

Министерот е свесен дека нема доволен број инспектори. Анализата на Инспекторатите покажала оти вкупно во сите нив има околу 1.000 инспектори.

 

„Законските одредби кои што претходно беа во сила не ни даваа можност брзо да регрутираме инспекторски кадар. Ние немавме можност во следните минимум три години ниту еден инспектор да добие лиценца за работа. Затоа и пријдовме кон законски измени, за релативно брзо, за една година некој да може да стане инспектор“, рече Манчевски.

Анализата на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) покажува дека треба да се скрати бројот на инспекторати и од вкупно 25 да се сведе на 13. Но, според Манчевски, тоа нема да значи бркање луѓе на улица, туку спојување на Инспекторатите.

 

ВО НЕКОИ ИНСТИТУЦИИ КЛУЧНИТЕ РАБОТНИ ПОЗИЦИИ СЕ НЕПОПОЛНЕТИ

 

Ваков пример има во Министерството за финансии (МФ). Заменик министерката за финансии вели дека во МФ празни се неколку значајни работни места. Се соочуваат со недостиг од соодветен кадар, што треба да заврши определени работни задачи. Причината била дека најголем дел од стручниот кадар си заминува од Финансии.

„Еве, да речеме број на непополнети работни места во МФ: на позиција државен советник (тоа е најголема позиција во рамки на јавната администрација, а да не е именуван од Влада) имаме 7 непополнети места, а 6 пополнети. Раководител на сектор: број на непополнети места има 6, а број на пополнети места има 10. При тоа, на пример немаме раководител на сектор трезор, она што сега, во овие услови кога е криза, ни е клучно. Точно дека ние имаме државни советници во трезор, но раководителот на сектор си има свои одговорности и тука не може некој друг да ја заврши неговата работа. Е сега, зошто е тоа така? Најголемиот проблем е тоа што квалитетниот кадар си оди и пред сè мислам дека тоа е и поради пониските плати. Но,во МФ во минатото важеше дека иако платите беа пониски, сепак од друга страна луѓето одеа на обуки. Последниве неколку години на обуки се испраќаат само тие луѓе, кои гравитираат околу министерскиот кабинетот“, објаснува Гордана Димитриеска-Кочоска, заменик министерка за финансии.

Дополнителен проблем претставува и тоа што сè поголема е бројката на вработени по различни договори, наспроти тие на неопределено.

„Според податоците за период од 2017-2020 (до средина на февруари)на неопределено сме имале вкупно 28 нови вработени во целиот тој период, а заминати биле 121. Или, имаме негативна разлика од 93 луѓе. Зошто е ова важно? Луѓето кои се вработуваат на неопределено се луѓе кои во суштина имаат одговорности, а ние вработуваме луѓе кои што се под различни договори. Каде е нивната одговорност? Ја нема“, објаснува Димитриеска-Кочоска.

Заменик министерката вели дека просечната нето плата во МФ е под државниот просек и се движи околу 24.000 денари.

„Е сега, вие имате плата пониска од просечната, имате луѓе кои што се вработуваат по најразлични договори, одговорност немаат никаква, а при тоа овие кои што имаат одговорност не се мотивирани, не им се обрнува внимание, не се праќаат на обуки итн. А, има превработеност, тоа е повеќе од јасно. И од година во година расте бројот на администрацијата, а од друга страна вие не вработувате квалитетни кадри. Ние имаме многу сериозни проблеми во Министерството поради тоа што не се пополнети испразнетите клучни работни позиции. И ова не е проблем само на МФ. Претпоставувам во која институција и да се јавите ќе ви кажат дека работата се сведува на 5 луѓе. Значи, 5 луѓе го носат теретот на цела институција“, вели заменик министерката за финансии.

Таа смета дека потребно е многу да се работи за да имаме поефикасна администрација, а најмногу во делот на обуки, разговори, комуникација и состаноци.

Ресорниот министер Манчевски се согласува дека најголем проблем во администрацијата, но и во јавниот сектор, генерално, се вработувањата на определено.

„Сѐ што е вработување на неопределено, системот е така поставен и од законски и од технички аспект, дека навистина нема шанса некој до толку да влијае за некој што нема квалификации да земе одредено работно место. Процесот на административна селекција каде што се врши евалуација на вашите документи, сѐ што е сертификат, е целосно автоматизиран. Сѐ што е до фазата за интервју е автоматски“, вели Манчевски.

Истакнува дека пред да се закажат предвремените парламентарни избори до Собранието бил доствен предлог за процентуално ограничување на времените вработувања. Во зависност од големината на институцијата, само одреден процент од вкупниот број вработени да може да бидат со времени договори. Предлогот остана во Собрането и ќе го чека новиот собраниски состав. Сепак, овој предлог наишол на отпор кај некои институции што имаат потреба од сезонски работници.

„Ова е добро решение за да се спречат злоупотребите. Но, дека нема да предизвика друг тип проблеми, не е така. Откако го видоа предлогот одредени институции од јавниот сектор, каде што јавните претпријатија ангажираат сезонски работници, на пример за косење трева… Тие немаат потреба за траен ангажман, ги плаќаат за три-четири-пет месеци, во зависност од природата на работата и потоа ги раскинуваат тие договори. И ова се некои циклични процеси кои се случуваат цело време. Секогаш ќе има одредена отстапка од генералното правило. Затоа сме тука, разговараме со институциите. Генералното правило го предложивме. Се надевам дека кога Собранието повторно ќе се состане, дали во овој или во идниот состав, предлогот ќе го усвоиме. И овде ќе се види колку сме сите искрени во оваа работа од политички аспект, дали и опозиција навистина сака да влезе во ова. И мислам дека ќе го затвориме овој магичен круг на вработувања на определно. Тоа е коректно и кон самите луѓе. Знаете како, со договор на определено на некој начин можете да вршите политички притисок врз одреден вработен. Ако некој е вработен на неопределно, си ја врши својата работа, не можете вие да документирате, да докажете дека не работи, не можете тоа да го направите со сила“, рече Манчевски.

 

НО, ДАЛИ ВНАТРЕШНАТА ПРЕРАСПРЕДЕЛБА РАБОТНИКОТ МОЖЕ ДА ЈА ДОЖИВЕЕ КАКО МОБИНГ?

Синдикатите веќе подолг период предупредуваат дека буџетарите се соочуваат со закани и притисоци од своите претпоставени, со цел намалување на превработеноста во администрацијата. Според претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски, тоа се прави преку анкетните листови, што во пракса ги пополнуваат раководителите на сектори и тие одлучуваат за потребата од секое работно место.

„Со овие анкетни листови само се дава можност директорите да вршат закани, заплашувања и уцени врз вработените во јавниот сектор, затоа што за потребата на едно работно место сега одлучуваат само тие. Зошто е потребен трансфер на веќе обучени административци, кога сведоци сме дека во последниве три години имаме преку 40.000 нови вработени во јавниот сектор, бројка што е далеку поголема од онаа што се прикажува како вишок во јавниот сектор“, вели Ралповски.

Синдикатите постојано предупредуваат за мобинг и притисоци во администрацијата. Таков пример е претседателот на Синдикатот на Казнено поправната устанува – Скопје (Шутка), Стојче Јовановски. Тој тврди дека година и пол бил мета на мобинг од страна на поранешниот директор на затворот „Шутка“, Ѓоко Котевски. Иако со високо образование, бил деградиран за дури пет позиции и принуден од позиција „Одговорен раководен кадар“ да извршува работни задачи како „Помошно-технички персонал“ со средно образование.

 

Доаѓам на 2 март на работа и ми го даваат решението и ми велат: ‘Oд денеска работиш тоа’ без никакво објаснување, без да направам никаков прекршок ми даваат да извршувам работни задачи со средно образование. Ако сум направил прекршок нема ништо спорно..“, вели Јовановски, додавајќи дека за година и половина, од јануари 2017 до јули 2018 година, му биле променети 5-6 работни позиции.

Вели дека сакал да тужи за мобинг, но поради тоа што едно рочиште чинело 14.500 денари, не бил во можност финансиски да го издржи целиот процес.

Дури и директорот Котевски, како што вели работникот, му признал оти намерно бил мета на притисок, само за да не може да ги извршува синдикалните обврски.

„Дојде и ми рече: ‘Jас целта ја постигнав. Ти синдикално цела година не сработе ништо, цело време се браниш од моите напади. Знам дека ќе ме добиеш на суд. Но, јас тебе те тргнав’“, сведочи Јовановски.

Од друга страна, пак, поранешниот директор Ѓоко Котевски целосно ги отфрла овие обвинувања. Според него, станува збор за исцениран и креиран настан што доаѓа една година откако ја напуштил позицијата директор на КПУ – Скопје.

Котевски појаснува дека во институцијата се правеле прераспределби на вработените бидејќи затворот кубурел со кадар.

По тој основ повеќе вработени беа по наредба на работни задачи на повеќе позиции, согласно потребните на работниот процес. Како што знаете, во тој период институцијата имаше зголемен обем на работа со сериозни безбедносни закани, а располагаше со екстремно низок број на вработени во делот на Затворската полиција. Соодносот на бројот на чувари со осудени и притворени лица во сите европски држави е двајца осудени/притворени = еден затворски чувар. Во тој период се случуваше тој сооднос да биде четворица осудени/притворени = еден затворски чувар. Па, за нормално извршување на работните процеси се искористуваше целокупниот капацитет како и раководните структури од Затворската полиција, вели Котевски.

 

 

Истакнува дека во тој период немало поплаки ниту до Управата на затворот, ниту до него лично, а според неговите сознанија, ниту до Управата за извршување на санкции.

-На работникот не му беше променето решението туку по наредба за одреден временски период вршеше работни задачи. Вработениот како можност ја имал Трудовата инспекција каде што можел да пријави доколку се сомневал за мобинг, вели Котевски.

Останува отворено прашањето дали најавените реформи и интер- и интраинституционални прераспределби ќе ги мотивираат вработените, но и дали ќе ги намалат притисоците врз нив за зачувување на сопственото работно место? И конечно, дали тие реформи ќе резултираат со поефикасна администрација, која што ќе биде вистински сервис на бизнисот и граѓаните и потполно заслужено ќе ги троши буџетските пари?